Македонски стрип ги охрабрува жените да започнат кариери поврзани со програмирање

Стрип од Neta.mk, објавен со дозвола на авторите.

Во последните две и пол години, еден онлајн стрип за Нета, млада жена софтверски инжинер, ја промовира информатичката технологија и ги охрабрува жените да влезат на ова, наводно традиционално „машко“, поле.

Нета ја создава Нетцетера, меѓународна ИТ компанија чии најголеми локации се во Цирих и Скопје. Сценариото го пишуваат членови на тимот на компанијата, додека илустрациите ги црта реномираниот македонски стрип уметник Златко Гиров.

Стрипчињата се достапни на македонски и англиски јазик на веб-сајтот Neta.mk. Во 2015 година, Нета доби пофална рецензија од водечкиот локален магазин It.com.mk, кои го оценија стрипот како „фантастичен“:

Нацртан е одлично, и програмерските шеги се навистина кул. Тоа што ни се допаѓа е што Нета, очигледно, е женски лик, а на македонската програмерска сцена и требаат девојки, бидејќи требаат свежи и нови идеи. Можеби Нета ќе ги мотивира девојките да се заинтересираат за професија доминирана од машки гикови?

Стрип од Neta.mk, објавен со дозвола на авторите.

Стрип од Neta.mk, објавен со дозвола на авторите.

Глобал војсис се обрати до авторите на Нета со прашање за нивните мотиви и ефектите од стрипот до сега. Тие одговорија:

Целта на стрипот е да има локален, македонски стрип кој е креиран тука и го покрива IT светот во кој живееме. Уникатен е, не е копиран од интернет, се обидуваме за шегите да бидат што е можно пооригинални и да ја отсликуваат нашата секојдневна работа и да ги насмееме сите што работат во областа на информациските технологии. Од друга страна пак, би сакале со стрипот да ги охрабриме студентите да избираат инженерски факултети, особено да ги охрабриме и девојките кои навистина треба да се гордеат со своите успеси во избраната инженерска професија.

Стрип од Neta.mk, објавен со дозвола на авторите.

Во стриповите нема рекламирање на фирмата, додека некои од епизодите директно промовираат иницијативи поврзани со новите технологии наменети за младите, како Предизвикот на НАСА за апликации во вселената (NASA Space Apps Challenge) и натпревари во програмирање како CodeFu и хакатонот IEEEXtreme hackaton. Понекогаш ликот на Нета „се појавува“ на ваквите настани во форма на маскота или кукла.

Стрип од Neta.mk, објавен со дозвола на авторите.

Авторите велат дека „Немаме начин за да го испитаме ефектот на стрипот, но уживаме да го креираме и се надеваме дека луѓето од сферата на информациските технологии уживаат да го читаат; секое споделување на социјалните медиуми нѐ радува.“

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.