Потребни ни се сензори за безболно мерење на гликемијата, вели Миа Чичкариќ 16-годишна средношколка со дијабетес

Миа Чичкариќ | Фото: Лична архива.

Оваа сторија беше првобитно објавена од Мета.мк. Ревидирана верзија е објавена овде благодарение на договорот за споделување содржини меѓу „Глобал војсис“ и Фондацијата „Метаморфозис“.  

Миа Чичкариќ има 16 години и е ученичка во трета година во гимназијата „Орце Николов“. Она што оваа млада девојка ја прави вистински борец е тоа што веќе десет години секојдневно се соочува со предзивиците што ги носи тип 1 јувенилниот дијабетес, за кој не постои друг лек освен инсулинот.

Таа постојано ја мери гликемијата во крвта со помош на апаратчиња со сензори кои родителите ги набавуваат од Германија и Австрија, а едно чини 60 евра и трае само две недели. Бројот на деца со овој тип на дијабетес е во пораст и на глобално ниво, како и во Северна Македонија и САД. Во 2017 година СДК извести за дискриминациија на деца со дијабетес во градинките, каде негувателки одбивале да се грижат за нивните потреби.  

За тоа како таа функционира дома и во средината, како е прифатена во училиштето, за сите предизвици со кои се соочува, новинарката Антонија Поповска зборуваше со Миа во ова интервју за „Мета“, со кое целта е да се подигне свеста за оваа автоимуна состојба, со оглед на фактот дека има сè повеќе дечиња кај кои се утврдува дијабетес тип 1.

Миа Чичкариќ | Фото: Лична архива.

Meta.mk: Миа, твојата борба со дијабетесот ја водиш секојдневно, а токму тоа те прави вистинска хероина. Кога започна сè?

Миа Чичкариќ (МЧ): Јас живеам и се борам со дијабетесот веќе 10 години. На 30. септември 2011 година, се родив по втор пат бидејќи мојот живот целосно се промени. Тој ден беше најтешкиот ден во мојот живот, никогаш не можев ниту да помислам дека животот ќе ми се смени преку ноќ. Многу пати сум слушнала дека дијабетот е болест, но тоа е само состојба во која клетките на панкреасот не лачат инсулин. Уште од првиот ден јас ја прифатив оваа состојба, па многу често само за да се пошегувам, велам дека дијабетот ќе ми биде најверниот другар низ целиот живот. Постојаната контрола на гликемијата, хипогликемијата како и хипергликемијата навистина ми го отежнуваат животот, но успевам да се изборам со сè. Морам да признаам дека моите родители, моите пријатели и професори се оние кои ме поддржуваат околу мојата борба со дијабетот и тие се оние кои секогаш ми кажуваат дека сум борец.

Meta.mk: Живееме во општество во кое луѓето лесно осудуваат, етикетираат, омаловажуваат по различни основи. Како реагира околината, како реагираат твоите врсници, професорите?

МЧ: Кога го добив дијабетот, цел месец не одев во училиште. Премногу ми недостасуваа соучениците, училиштето, професорите. Во тој период постојано се прашував дали моите соученици ќе ме прифатат со мојата нова состојба или пак повеќе нема да сакаат да се дружат со мене. Морам да признаам дека навистина имав одличен клас, сите ме прифатија и за тие 9 години секогаш ми помагаа. Сега сум средношколка во скопската гимназија „Орце Николов“ и сум им навистина благодарна и на моите соученици и на моите професори кои ме прифатија со мојата состојба. Морам да признаам дека периодот пред да започнам со моето средно училиште беше навистина премногу стресен за мене, бидејќи се плашев дека нема да бидам прифатена од страна на учениците, но сега сум веќе трета година и одлично се снаоѓам во средината.

Meta.mk: Опиши ни како изгледа еден твој ден.

МЧ: Станувам наутро, веднаш ја мерам гликемијата, а ако е висок резултатот прво се боцкам со инсулин, па потоа појадувам. Aко е низок прво појадувам па потоа примам инуслин. Се разбира истото е и пред ручек и пред вечера, додека пред спиење морам да ставам таканаречен базален инсулин, кој е бавен и ми ја регулира гликемијата во текот на целиот ден. На почетокот, кога ми го дијагностицираа дијабетот, моите најблиски беа исплашени дали ќе успеам да се справам со постојаното мерење на гликемија, но за една недела научив. Тоа многу им ја олесни работата на моите родители.

Meta.mk: Што е она што според тебе, е потребно да се направи за да им се олесни животот на децата со дијабетес?

MЧ: Мојата најголема желба е сите деца со дијабет во државата да добијат сензори со кои ќе ги одморат малите детски прсти од безброј боцкања. Посакувам да имаме квалитетни инсулини, кои ќе ни помогнат за подобра регулација на гликозата во крвта. Ова нека биде апел до надлежните во Министерството за здравство, сериозно да ја сфатат нашата потреба од сензорите за безболно мерење гликемија и што поскоро да ги обезбедат за сите нас за да ни го олеснат барем малку секојдневното контролирање на гликемијата во крвта.

Мајката Јасмина Чичкариќ: Бевме збунети и исплашени 

Миа Чичкариќ и нејзината мајка Јасмина Чичкариќ | Фото: Лична архива.

Нашата таканаречена „слатка“ приказна започна пред точно 10 години, кога на Детската клиника докторите ни ја кажаа дијагнозата, јувенилен дијабет. Прво не ни беше јасно за што точно станува збор, но ни објаснија каква е таа состојба со која Миа, а и ние, целото семејство заедно со неа ќе треба да живееме, вели мајката на Миа, Јасмина Чичкариќ.

– Бевме исплашени и збунети, не знаевме како понатаму. Но, со тек на време се научивме дека тоа, сакале или не, ни е секојдневие и полека го прифативме таквиот начин на живот. Низ годините поминавме низ многу проблеми, почнувајќи од тоа што многупати имаше недостаток на инсулин, па сите моравме сами да се снаоѓаме. Потоа проблемот со апаратчињата за мерење гликемија, кои се сè уште од оние со боцкање на прстите, и покрај тоа што нашите соседи веќе имаат од сензорите за безболно мерење на гликемија во крвта. Апелиравме до Министерството за здравство да набават такви сензори кои многу ќе им го олеснат животот на овие деца, но сè уште немаат слух за нашето барање – вели мајката.

Таа додава дека секој ден има сè повеќе родители чии деца добиваат дијабет.

– Сите ние треба да сфатиме дека нашите деца се здрави, да размислуваме позитивно дека тоа навистина е само една состојба која со малку повеќе труд добро се регулира. Нашите деца се наши херои – потенцира Чичкариќ.

На 21 октомври, два дена по објавата на интервјуто на Мета.мк со 16 годишната Миа Чичкариќ која боледува од јувенилен дијабетес тип 1, министерот за здравство Венко Филипче ги покани Миа и Јасмина Чичкариќ на средба, по што најави набавка на безболни сензори.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.