Преку прибирање знаења, група волонтери поттикнуваат развој на македонската музичка индустрија

Vasil Buraliev. Courtesy photo, used with permission.

Васил Буралиев. Фотографијата е објавена со негова дозвола.

Собирајќи податоци за над 33.000 песни објавени во претходните 69 години, група ентузијасти го има направено ВБУ Музички регистар, најголемата јавна база на податоци за музиката објавена на територијата на денешната Северна Македонија, како и музика објавена од македонски изведувачи вон нејзините граници.

Преку оваа непрофитна иницијатива, група волонтери имаат дигитализирано евиденција за над 3000 албуми и над 5000 сингл изданија од над 11.000 автори и изведувачи, кои така добиваат бесплатни онлајн портфолија. Регистарот во 2013 година го основа Васил Буралиев, програмер и претприемач од областа на ИТ, кој во 1990-тите беше и дел од раната скопска сцена на електронска музика, како композитор и продуцент.

„Глобал војсис“ разговараше со Буралиев за предизвиците на активизмот на полето на музичката култура во Северна Македонија, во ситуација кога заради кризата со Ковид-19 и бизнис-моделот на музичката индустрија е во распад.

Глобал војсис (ГВ): Како започна ВБУ Музички регистар, односно што ве поттикна да го основате?

Васил Буралиев (ВБ): ВБУ Музички регистар е резултат на мојата љубов кон музиката, што е крајно романтична димензија. Мотивот за основањето е своевиден револт против генералниот потценувачки однос кон домашното наспроти увозното, девалвираните општествени вредности и медиумскиот мрак. Во тој период (2012 – 2013 год.) фактот што во мејнстрим медиуимите се емитуваше скоро исклучиво политички подобна музика, додека изведувачи и автори кои не беа блиски со власта беа игнорирани или цензурирани, ми создаваше многу горчина. 

Посакав да создадам медиум преку кој ќе се покаже на домашната јавност дека тоа што го емитуваат/промовираат меинстрим медиумите не е ниту најдобро, а уште помалку единствено од домашното музичко творештво. Сакав да покажам со какво културно богатство располага земјата. Преку афирмација на еден маргинален домен на творештво, што јас го сакам, го канализирав мојот револт и бес кон многу девијантни и коруптивни општествени појави. Регистарот акцентира вредности што ќе нè направат подобри луѓе.

ГВ: Музичкиот регистар пополнува празнини во македонската јавна сфера, овозможувајќи пристап на граѓаните до информации кои не се достапни ниту од комерцијални, ниту пак од академски или други извори.  Кои се неговите најважни постигнувања, како и најголеми предизвици? 

ВБ: Најголем успех е создавањето заедница на ентузијасти преку обединувањето на индивидуалци околу идејата за самоуправувачки модел и создавање нова вредност и акумулирање јавно знаење за музичкото творештво. На пошироко ниво тимот дава услуги на поширока заедница љубители на музиката од околу три илјади луѓе (проценка според бројот на посетители на сајтот и фановите на социјалните мрежи). Резултат е континуираниот (иако бавен) раст на интересот кај јавноста за музиката од домашната музичка продукција.

Основниот тим на Регистарот ретко се среќава лице в лице (затоа неколку членови не се на  фотографијата), бидејќи живеат на различни краеви од  земјата, па претежно комуницираат онлајн.

Најголемите предизвици во моментов се од техничка природа, како автоматизација на процесот за евидентирање на податоците за изданијата и интеграција со сервисите за преслушување и превземање музички записи. Основниот тим на Регистарот се состои од 5 луѓе. Секој од нив периодично придонесува во различни сегменти: внесување податоци за музички изданија, следење и фотографирање настани, комуникација преку социјалните мрежи и развој на сервисот. Континуиран предизвик е како со овој ограничен капацитет да произведе што е можно повеќе содржина, а притоа да се понудат и нови функции.

ГВ: Како искуството на започнување и водење на оваа иницијатива се одрази на Вашиот живот?

ВБ:Она што го работам околу ВБУ Музички регистар ме исполнува. Со самото тоа што се чувствувам подобро има импликации и на мојот приватен и професионалниот живот. Бенефитот од активностите околу регистарот, кои патем се волонтерски и непрофитни, ми овозможија да запознаам многу добри луѓе. Тоа е и повеќе од доволна вредност, со потенцијал за поубави приватни искуства, како и потенцијал за деловни проекти и соработки.

ГВ: Каква, по Ваше мислење, е состојбата на македонската музичка индустрија во моментов? 

VBU Music Registry documents track recordings and all involved participants, from authors to performers. Screenshot of data on the album “Simultaneous kiss” by Foltin.

ВБ: Состојбата е многу слична на онаа како кај човек заболен од ковид-19 со тешка клиничка слика без можност да вдише доволно воздух, кој е ставен на респиратор.

Македонската музичка индустрија во основа со години се темели на приходи од музички настани и изведби во живо. Заради рестриктивните мерки со кои се ограничуваат концерти, свадби и други јавни настани во кои учествуваат професионалните музичари, голем дел од нив доведени во многу незавидна положба. Тоа имплицитно доведува и намалување на барањата за услугите што ги нудат студијата и музичките продуценти. Кога индустријата за организирање настани (event industry) трпи загуби, а околу нејзе и ланецот услуги што се тесно поврзани со неа.

Дополнителен извор на приход би требало да бидат тантиемите. Тоа се средства што музичките автори може да ги добијат врз основа на остварени авторски права и чија вредност е право пропорционална со јавно изведување музички записи преку медиумите и ХоРеКа (Хотели, Ресторани, Кафулиња). Но и кај овој механизам има многу афери, незадоволства од многу автори и верувања дека постои мала група што го изигрува и злоупотребува системот на штета на мнозинството.

За продажба на музика на носачи на звук или онлајн скоро и да не може да стане збор. Слично, дури и полошо, е со останатите извори на приходи што ги познаваат развиените музички индустрии. Мислам дека ситуацијата е очајна.

ГВ: Дали во оваа ситуација музичарите ги користат можностите што ги нуди интернет, како сервисите за продажба на музика и другите дигитални технологии?

ВБ: За повеќето македонски музичари главен, можеби и единствен извор на приход се живите настапи. И од пред новата состојба поврзана со ковид-19 дел од нив се присутни на сервисите за преслушување (streaming services) и превземање музика, односно т.н. е-продавници за музика (e-music shops). Особено помладите предничат поради тоа што технологијата ним им е поблиска. 

Македонските изведувачи немаат менаџерски тимови што би требало да се грижат за таа димензија. Особено оние постарите, иако имам сознанија дека во последно време и некои од нив се мобилизираат за да најдат нови извори на приход преку монетизација на дигиталните сервиси.

ГВ: Во март 2021 г. почнавте акцијата #1000subscribersMk за поддршка на музичарите во дигиталната сфера. За што се работи?

Банерче за иницијативата „1000 претплатници“ или #1000subscribersMk.

Акцијата ја почнавме тргнувајќи од ставот дека изведувачите се најпогодени од пандемијата ковид-19, бидејќи со забраната за јавни настапи не можеа да заработуваат. ВБУ Музички регистар ја отпочна иницијативата „1000 претплатници“ за поддршка на музичарите, промовирајќи ја идејата граѓаните да кликнат Subscribe (да се претплатат) на YouTube каналот на нивните омилени изведувачи. Заедно со редовното преслушување на нивните песните секоја индивидуа може да помогне музичарите можат да почнат да обезбедуваат приходи на овој начин.Преку акцијата ги едуцираме корисниците на Јутјуб дека за претплата на YouTube каналот на омилениот изведувач потребно е помалку од 2 минути и тоа не ги чини ниту денар. При тоа, ако музичките изведувачи од земјава стигнат до 1.000 претплатници од заедницата, како и да имаат минимум 4.000 часа прегледувања на нивните содржини во последните 12 месеци YouTube им овозможува да аплицираат на сервисот за монетизација. На тој начин музичарите може да почнат да заработуваат од секое преслушување на нивните песни.

ГВ: Како пиратството се одразува на развојот на македонската музичка индустрија?

ВБ: Преку нашиот културен активизам ние се обидуваме да ја пренесеме нашата идеологија што опфаќа емпатија, соработка, почитување на правилата и нормите и меѓусебна почит. ВБУ Музички регистар е сервис што им помага токму на изведувачите и музичките автори преку истакнување на важноста на авторските и изведувачките права како еден од изворите на приход. Тоа се однесува не само на бизнисите што имаат обврска да плаќаат за правото на користење преку ЗАМП, туку и на јавноста, на сите оние што ја сакаат музиката. Им објаснуваме колку е важно да купуваат музика, наместо само да ја преслушуваат во пиратска форма, без грижа за состојбата на музичарите. 

ГВ: Кои трендови сметате дека ќе имаат најголемо влијание на домашниот и на странскиот пазар во иднината? 

ВБ: Она што е популарно кај младите, како возрасна  група што најмногу обрнува внимание на музиката, е своевиден правец во хип-хоп жанрот наречен „Трап музика“ (потекнува од југот на САД што се развива во раните деведесети години на минатиот век).

За регионален или интернационален успех предност имаат тие што ќе разберат дека не е доволно само да имаш добра музика, туку дека исклучително важни се и јасно дефинираната цел, доброто планирање и маркетингот. Без разлика на жанрот, потребно е да имаш интернационален тим, или барем локален партнер на пазарот што е таргетиран. 

Електронската музика како жанр има мала предност затоа што недостатокот на стихови ја анулира јазичната бариера. 

За сите жанрови во кои текстот и вокалот е важен, скоро да е неопходно да се пее на англиски јазик или јазикот што доминантно се зборува во земјата или регионот што претставува таргетираниот пазар. На пример, „Леб и сол“, Тоше и Каролина пееја на  српски  или хрватски за да бидат прифатени во регионот, а изведувачи од новата генерација како Yova, Toby и Station: Innermost пеат на англиски. 

Васил Буралиев. Фотографијата е објавена со негова дозвола.

ГВ: Што би било наредно ниво на развој на Регистарот?

ВБ: Планови има многу. Една од големите цели е и создавање регионален сервис што ќе ги евидентира изданијата и од другите говорни подрачја на балканскиот регион и другите држави од Балканот. 

Развојот е директно врзан и зависен од ресурсите со кои располагаме, што се многу лимитирани. Воедно, волонтерската работа на членовите на Регистарот често е условена и од енергијата што ни преостанува откако си ги завршиме професионалните обврски и го посветиме времето на нашите семејства, како животен приоритет. 

За да мобилизираме средства нудиме дигитални услуги на музичарите, но таа заедница не се покажа заинтересирана (или финансиски способна) да поддри ваков непрофитен сервис. За да обезбедиме ресурси за професионализација на работата, од неодамна воведовме опција за донирање (краудсорсинг) и почнавме да се пријавуваме на конкурси за поддршка на проекти од областа на културата. Доколку успееме во тоа, ќе може да правиме попрецизни подолгорочни планови.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.