Балкан: Носталгија по Византија

(Оригиналниот текст е објавен на англиски на 13.03.2010 г.)

Слично на југоносталгијата, носталгијата по заедничкото византиско минато понекогаш ги надминува некои од бариерите подигнати од модерните националистички и расистички идеологии на Балканот.

Мизар, култната рок-група која користи македонската традиционална музика и православно црковно пеење во својата работа, неодамна објави нов сингл насловен „Константинопол“, во соработка со хорот Хармосини. Корисникот на Јутјуб vizantijamk објави неофицијален видео-спот во кој визуелниот дел е исполнет со слики кои ја опишуваат опсадата и падот на Константинопол во 1453 година. Меѓу другите употребена е и модерна роматичарска и кич-слика на последниот грчки византиски цар како јава коњ на ѕидините (во 0:16 минута).

Употребата на ваквата слика (чиј автор не е наведен) е интересна од два аспекти:

  • Промовирањето на знамињата со византискиот двоглав орел [en], симбол кој го користат неколку балкански држави (Албанија, Србија, Црна Гора…) и Грчката православна црква (на жолто знаме). Иако се наводно анти-грчки настроени, организираната македонска националистичка толпа што ги тепаше студентите во 2008 вееше токму такво знаме.
  • Инсистирањето да се постави почитуван водач на коњ на несоодветно место е слично на инсистирањето на македонската влада да подигне колку што е можно повеќе коњанички статуи [en], дури и на револуционери и интелектуалци од крајот на XIX век [en] како Гоце Делчев, Даме Груев и Никола Карев, кои немале врска со коњаница.

Некои корисници на Фејсбук го промовираа клипот преку страници засновани на македонскиот православен христијански идентитет, како „Говорете македонски“ и „Македонија над се!“, додавајќи пофалби за Мизар, како прва група во бивша Југославија која објавила рок-албум со песни целосно на македонски јазик.

Јанис ја употреби православната формула „вечен им покој“ за да изрази симпатии кон „паднатите во одбраната на Констанипол преку коментар на блогот Кичево, каде што беше објавен репринт на пост за падот на Византија од 2007 г. И додека авторот го пофали модерниот турски Истанбул како космополитска туристичка дестинација, овој напис го опишуваше настанот претежно од гледна точка на опсадените христијани. При тоа, беше занемарено значењето на штетата направена од крстоносците, иако опсадата од 1204 година била многу подеструктивна, како што покажува [en] написот на Balkanalysis.com:

…Со варварство од кое би се посрамил и најзлобниот султан, крстоносците ограбувајќи, палејќи, силувајќи и убивајќи се пробиле во Константинопол, крадејќи скапоцени предмети и бесценети уметнички дела, уништувајќи стари манастири и општо земено, постапувајќи целосно спротивно на нивните „христијански“ идеали. Според неговата жестина, латинското освојување на Константинопол било десет пати полошо од османлиското во 1453 година.

Неколку денес непостоечки антички грчки текстови биле достапни до 1204 година. Но ниеден од тие „изгубени списи“ ја има преживеано таа година. Иако ужасниот губиток на човечки животи денес е само ехо на нашата историска совест, ние до ден денес ги чувствуваме последиците од уништувањето на културата од западниот грабеж на Константинопол. Настан кој е скоро заборавен. Додека сите се сеќаваат на грабежливоста на Турците (можеби, затоа што тие биле муслимани), никој не се сеќава на насилството од страна на една христијанска држава против друга, во периодот кога религијата била основа за дипломатските односи.

Амидон потсети на еден друг стар пост – од 2006 г. – во кој се застапува мислењето дека Византија, нејзината култура и институции не биле уништени, туку апсорбирани од тогашното мултикултурно Османлиско Царство, кое го дефинирало исламот како државна религија дури еден и пол век подоцна.

Во постот „Нашата мизерија и Константинопол“, Сурфејс Суртук напиша дека е „ми е малку огавна оваа мистификација на покорните (не покорените!), оваа глорификација на битката изгубена пред 557 години.“

Забележувајќи дека во тоа време, османлискиот систем на вредности заснован на феудализам по заслуга бил попривлечен за балканските христијански народи од византискиот систем заснован на непотизам и лични врски, тој објасни:

…Градот во чие заземање нашите имале битна улога. На неколку начини. Јаничарите, кои биле од нашите деца, први се искачиле на ѕидините. Српскиот кнез Лазар (или син му) учествувал со цела чета храбри и добро оклопени витези христијани, а таму биле и другите вазали од Влашко. Моите Саси, од Осоговијата, кои како рудари биле експерти за експлозив ги минирале ѕидините и копале подземен тунел под зидот. За среќа, Византија имала најмено Сас од Германија, кој почнал да копа од другата страна, се нашле на пола пат, и овие нашите биле испотепани како глувци. Клучен за освојувањето бил моделот на голем топ, кој некој христијанин Маџар му го продал на Мехмед Освојувачот откако не добил добра цена од Византија. Предавството на Венеција, која што нејќела да помогне со флотата, зашто Мехмед им гарантирал исти дури и поголеми привилегии, и на геновјанската колонија Пера, карши Константинопол (денесно Фенербахче),кои се држеле неутрално и нејќеле да го спречат продирањето на турската флота меѓу Босфорот и Златниот Рог. На францускиот крал му било поважно да си ја шири територијата и да конфискува имоти од исечени еретици, отколку да тргне во нов крстоносен поход.

Нашиот придонес ќе бил и поголем, ама за среќа старите турски вазали, Крале Марко и Константин Драгаш одамна ги имале дадено своите животи за Османлиската кауза. На наши простори имало само две непокорени територии. Две години по Константинопол паѓа Нојберг, односно Ново Брдо, а Турците ги исекле сите првенци оти дал отпор градот. А по природната смрт на Ѓоргија Кастриот, неговата земја е освоена а населението потурцено за казна.

Оние што се покориле, поклониле, сабјата ниту ги исекла, ниту ги потурчиле, ниту ги расселиле. Останале да си ја исповедаат својата вера и да си зборуваат на својот јазик.

Сасите си ја перат совеста подоцна, со Карпошевото востание, по кое ги разбиваат и ништат и тоа е крај за нивното етничко присуство во Македонија..

Оваа дискусија продолжува, иако учесниците не линкуваат меѓусебе, па можеби и не се свесни за генералниот контекст.

Libellus Antonii објави жалопојка по крајот на „римското“ царство на понтски грчки јазик, со превод на македонски:

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.