Зошто еден граѓанин на Македонија го прекрши ветувањето дека никогаш повеќе нема да протестира

Томе (десно) на улица, како дел од протестите на Шарената Револуција на 27ми април 2016. Фото: Весна Илиевска CC-BY.

Томе (десно) на улица, како дел од протестите на Шарената Револуција на 27ми април 2016. Фото: Весна Илиевска CC-BY.

Минатата година, Томе Станковски напиша на социјалните медиуми дека не планира учествува повеќе во било какви нови протести. Томе, кој е професор по руски јазик и книжевност, беше еден од 42 лица уапсени откако полицијата презеде остри мерки против демонстрантите за време на протестите во Скопје, и беше прилично потресен од целото искуство.

Протестите се јавија како одговор на протечените прислушкувани снимки, кои имплицираа на инволвираност на поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот премиер, Никола Груевски, како и други официјални лица, во обид да се прикријат детали од официјалната истрага за смртта на Мартин Нешковски, момче кое било претепано до смрт во 2011 година од страна на полициски службеник за време на прославата на изборната победа на владејачката партија. Околу 5.000 луѓе се собраа пред Владата на 5. мај 2015 година и постојано ги подигаат рацете во воздух за да покажат дека протестот е мирен.

Сепак, некаде помеѓу 18:30 и 19:30, Министерството за внатрешни работи изјави дека демонстрантите фрлале различни предмети кон полицијата и според нив во овој момент протестите станале насилни заради што била дадена наредба да се расчисти топлата.

Малку подоцна, на интернет се проширија слики и снимки каде полицијата апси луѓе на улица. Едно од апсењата фатено на снимките е она на Томе. Томе е фрлен и притиснат на земја и е уапсен на улица додека се обидувал мирно да го напушти местото каде се створила гужвата.

И покрај сè, скоро една година по оваа страшна вечер, овој 29 годишен млад човек, кој не трпи неправда и “по природа има бунтовен дух”, е повторно на улица, овој пат како дел од протестите на Шарената Револуција против државна корупција и избегнување на правдата. Јас зборував со него околу неговото апсење, разрешницата на истото и неговата одлука повторно да протестира.

ВИ: Зошто се приклучи на протестите минатата година?

ТС: Дента, на 5-ти мај, бев на Саем на Книга каде имав убав и искулиран ден шетајќи по штандовите на саемот и бирајќи книги за читање по дома. Купив книги, беше убав ден, си дојдов дома, вклучив фејсбук каде видов како луѓе коментираат за прислушуван материјал каде тема беше убиството на Мартин Нешкоски. Од она што го видов и го слушнав, се згрозив, станав се качив на автобус и тргнав сам пред Влада да протестирам, каде веќе имаше насобрана толпа млади и гневни луѓе. Се приклучив каде со сиот глас протестирав, поради тоа што го чув.

ВИ: Што се случи на 5. мај, 2015?

ТС: Во моментот кога пристигнав пред Влада, како што реков имаше насобрано илјадници млади и бесни луѓе. Многумина фрлаа со јајца по владата. Некои со камења. Некои ги спојуваа македонското, албанското, турското и српското знаме и само викаа: „Заедно сме посилни!“ Јас не фрлав никакви предмети. Го користев само својот глас. Се сретнав спонтано со многу познаници. Знам дека имаше помали инциденти и удари со полицијата од онаму каде што стоев јас, но не беше ништо сериозно, се додека во еден момент една група на луѓе, во главно маскирани, со маици преку глава и капи, фрлаа бекатони, камења, флаши кон полицајците. Не е мое да кажам дали тие луѓе беа намерно инфилтрирани провокатори да направат проблем.

Но, се гледаше дека врие и ситуацијата излезе од контрола, каде полицијата доби наредба преку единицата ЕБР да ја расчисти насилно толпата. Јас се повлекував колку што можев. Имаше насобрано многу луѓе, едни бегаа во паника, други се пресметуваа со полицијата, а трети беа со дигнати раце и не мрдаа. Но, веќе беше доцна. Ситуацијата ескалира. Полицијата употребуваше сила. Толпата се подели. Јас бев во еден дел од толпата каде веќе и не бев практично во толпа, туку бев малку поназад од физичкото пресметување помеѓу полицијата и дел од демонстрантите. Сите бегаа во паника. Во еден момент, си реков зошто да бегам. Не сум направил ништо лошо.

Приметив дека има специјални единици од сите страни, трчајќи некаде да фатат демонстранти. Јас во еден момент, сакајќи да се повлечам под една стреа, од несакана флаша или камен во глава, бев изненадно фатен од еден ЕБР кој со пцовки ме зграпчи. Јас бев со кренати раце и дланки велејќи: ееј ејј, ништо не направив, немам јас ништо. И пред воопшто да се докажам, бев треснат од земја, со два удара во тилот, легнат на стомак, каде се уште можев да зборувам: ејјј, немам ништо направено лошо. Шокантниот момент беше кога на тој еден и крупен ЕБР му се придружија колегите, каде плус тројца на веќе легната положба, каде не пружав отпор, продолжија да ме клоцаат уште едно 7-10 секунди. Ми беа ставени лисици и спектакуларно бев уапсен. Потоа, бев одведен до полициско комбе, каде бев пренесен во полициска станица и каде ги поминав следните 24 часа заедно со уште 15-тина приведини. Бев во шок.

Бев и повреден каде во текот на ноќта бев одведен до болница со придружба на полицаец. Епилогот беше, раскрварена подлактица, болки во глава и најголеми болки во градниот кош, каде беше потребна коњска инекција да ми ги смири болките. После 24 часа бев ослободен без кривична пријава против мене.

ВИ: Како ти влијаеја настаните од 5. мај?

ТС: Настаните од 5. мај, никако не ми влијаеа позитивно. Имав трауми и флешови од тепањето до степен да прв пат во живот посетам и разговор со психотерапевт. Се чувствував некако изигран, понижен. Бидејќи од моето апсење помина и видеолента, каде повеќето блиски пријатели и познаници ме видоа и се вознемирија. Бидејќи не ме знаат како таков. Јас никогаш не сум бил во тепачки и конфликти. Од друга страна се чувствував горд што бев таму. Но, сè на сè…негативно искуство.

ВИ: Дали претходно имаш одено на протести или си имал искуства со полиција?

ТС: Сум одел на протести да. Секогаш културно, фино и гласно. Сум бил на студентски протести, протести на хонорарци, протести против промена на името на оваа земја, протести за се што сум мислел со своја глава дека вреди да излезам, по мое лично убедување, без никаков притисок од трета страна.
Никогаш не сум имал пробле со полиција во живот. Доволно сум образован и воспитан и знам дека удар на полицаец е удар на држава. Сепак тие нè бранат. И нив не им е лесно. И они знаат од кај смрди рибата.

ВИ: Која беше причината за твоето апсење? Што се случи потоа?

ТС: Обвиненината во полициската станица беа: поради учество во толпа и поради пружање отпор на полиција при апсење. Јас како прво, бев далеку од толпа веќе кога ме фатија, а како второ, толку експресно ме треснаа на земја, ме расшутираа, што не можев со прст да мрднам камо ли отпор да давам. Секако, тие обвиненија ги одбив и не ги потпишав. Против мене нема кривична пријава, има само прекршочна која е во тек некаде во суд.

ВИ: Како се однесуваше полицијата со тебе и што чувствуваш за нив сега?

ТС: Полицајците кои ме приведоа секако дека во тој афект беа груби. За тоа се обучени специјалците. Додека бев во станицата 24 часа, не можам да кажам лош збор. Обичните полицајци таму беа многу човечни и фер. Се чувствувам ок во поглед на нив, иако добивам напади на паника кога поред мене ќе протрча ЕБР. Не им се лутам на нив. Се лутам на оние кои дадоа наредба за чистење на толпа. Истите оние кои кога примаат специјалец, не прават темелни психички тестови и физички, доколку се приведе некој на земја, како и на кој начин треба да се прави тоа, без прекумерна употреба на сила, особено не на некој што се спротивставува.

ВИ: Од кого доби најмногу поддршка во тој момент?

ТС: Најголема подршка во тој период добив од моите најблиски пријатели, кои уште истата вечер беа во полициската станица. Моите не знаеа, што конкретно се случило со мене, се додека не дојдов дома, каде откако им раскажав, се расплакаа. Многу ми беше криво што ги вознемирив моите, немав таква намера. Имав само намера да го искажам мојот револт. Добив огромна поддршка и од моите претпоставени и колеги од тогашното работно место. Искрено, бев малце уплашен да не ја изгубам позицијата, бидејќи сепак бев фатен на камера со лисици позади мене, воден од џандар до комбе. Но, најголема подршка добив од нив, без да бидам прашан дали сум згрешил нешто и ја имав безрезервната поддршка, што ме доведе на неколку пати близу до солзи.

ВИ: Што би им кажал на луѓе во слична ситуација како тебе?

ТС: Би сакал да порачам, да ја дигнат главата гордо без разлика на ударите. Дека борбата за она што чувствуваш дека не чини, вреди, па макар донесе и последици, психички воглавно. Би порачал доколку веќе ескалира ситуацијата и полиција трча према нив, да трчаат колку што можат побрзо и да не се надеваат на дигнати раце, peace and love. Во тие моменти има ќотек. И во момент на афект специјалците не можат да препознаат кој е крив, а кој не. Би сакал да порачам дека, доколку некои има трауми, да не се срами и да го признае тоа и да побара помош од психотерапевт. Пост-трауматски шок е можеби и полош од самата траума.

ВИ: Се приклучи кон Шарената Револуција. Повикувајќи се на твоето искуство од минатата година, каков совет би си дал сега?

ТС: Уфф тешко прашање. Не знам. Јас веќе си порачав и си ветив на себе си дека нема пак да одам на протести. Дека нема да вознемирам никој од моите блиски. Дека ако сакај нешто да менува, нека излезе некој друг. Јас го изедов. Се водев по ова, од гнев, разочараност, а искрено и од страв. Страв да не ми се случи пак истото.
Бев многу немирен и нервозен што тоа што ми се случи ми влеа страв да не помислам да протестирам.
Но, поради срамната одлука за аболиција на претседателот одлучив да им се придружам на Протестирам после 5-тиот ден на протести.
Срце желно за правда, не издржа, што да правам!

ВИ: Дали имаш некоја дополнителна причина?

ТС: За внука ми од сестра. За Јана. Јас можеби ќе заминам од тука. И јас размислувам како секој втор младич во земјава. Но, внука ми има 9 години и се развива. Ќе дојде на тинејџерски години, факултет, ќе се соочи со животот, ќе се соочи со ова шизофрено општество. Или можеби со едно ново, убаво, средено, мирно и функционално општество каде ќе може да ги остварува своите соништа. Кој знае? Историјата ќе покаже. Пред да се случи било што, сакам да знае дека го нејзиниот вујко се борел за она да има поубав живот. Барем толку можам да сторам. Да #Протестирам за неа.

Tome Stankovski, a young man who was detained and charged for protesting in last year's protests in Skopje

Томе Станковски, кој беше притворен под обвинение за учество во толпа за време на минатогодишните протести во Скопје. Фото: Крсто Златков.

ВИ: Според тебе, како е Шарената Револуција поврзана со настаните од 5. мај 2015?

ТС: И лани, како и сега она што го приметувам во шаренава револуција, има луѓе од сите националности, вери, години. Што дава до знаење дека сепак, луѓето можат да се спојат за една повисока идеја, а тоа е убав и пристоен живот, нормални политичари и правна држава.
Но, и лани после 5-ти Мај и Куманово, као и после 17-ти Мај настана панаѓур со кампови и контра кампови, имам чувство дека и оваа шарена револуција може да стане панаѓур, дека ќе биде една добра дружба со гнев по улиците и дека се ова ќе се заборави.
Дај Боже да грешам.
Во меѓувреме, Нема Правда, Нема Мир и напред Шарена Револуција!

ВИ: Што научивме од минатогодишните протести?

ТС: Па јас, сигурно извлеков лекција. Лекцијата дека не може и не смее никој повеќе да манипулира со народот. Мислам дека е извлечена лекција.
На крај се сведуваш на две екстреми: Последна битка за некаква правна и нормална држава каде ќе излезат на протести 100.000 луѓе или истите тие 100.000 ќе се гушкаме на аеродром, секој со билет во еден правец во рака.
Јас, секако дека морам да бидам претпазлив. Се разбудија многу луѓе. И треба. Моите дедовци се бореле против фашисти и османлиии со цел да јас живеам добро и да градам тука.

ВИ: Што се следните чекори за граѓаните на Македонија?

ТС: Само масовност.. Мирно и многу гласно. Без удари кон полиција. Со надеж дека ќе биде препознаена правдата во нивните срца и ќе се приклучат на народот и овој систем ќе се замени со некој нов, поубав, поведар, почовечен, попозитивен, пошарен. Како што е шаренава револуција. Како што се луѓето кои движат со Протестирам. Паметни, убави, културни и желни за убав живот во својата земја.

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.