Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Македонија: Марш за мирот – ентузијазам и контроверзии

Маршот за мир во Скопје закажан за 17 март наиде на сеопфатна поддршка и позитивни реакции на социјалните медиуми. Некои осамени гласови, сепак, предупредуваат дека иницијативата се користи како можност за саморекламирање на познати личности, па дури и како лицемерно алиби за ширачи на омраза.

Неколку видео клипови во кои во стилот на „Бенд еид“ низа локални познати личности декларираат дека се за мирен заеднички живот беа објавени преку профилот на Јутјуб наречен ZaednoZaMir. Овие клипови добија претежно позитивни реакции од корисниците на социјалните медиуми.

Од друга страна, Јована Тозија постави прашање: „Пардоне моа, лигуши ниедни кај бевте кога ве викавме да снимите видео дека го поддржувате #protestiram!?!?!“, односно протестите против полициска бруталност. Таа напиша дека не се труди да ја подрие иницијативата за маршот, туку дека ѝ пречи што луѓе кои не ги удостоиле ниту со одговор „не сакам“ кога биле замолени за учество сега се испотепале да се наместат пред камера.

Ветеранот блогер и активист за човекови права Жарко Трајаноски објави дека нема да учествува на Маршот за мир, иако некои од неговите најблиски пријатели ќе го сторат тоа:

Причината е: Не можам да трпам веќе лицемерие!

Да, на прв поглед плени изјавата од прес конференцијата на иницијаторите на маршот: „Се обединуваме во гандиевски стил со моќта на пацифизмот“. Љубопитно гледам кон познатите лица, обидувајќи се да го препознаам македонскиот Ганди кој ќе нè обедини во ненасилен отпор кон тиранијата. Гледам упорно во ТВ екранот, загледувам, да не случајно се појави македонскиот Ганди, ама никако да го здогледам. Туку, ете, се појавува режисерот на „Еднооки“, Алек Русјаков, на ТВ Сител и вели: „Ова движење не е против никого. Не е против власт, не е против опозиција, не е против раса, не е против нација, туку е за мир.“

„Еднооки“ е анимирана ТВ-серија која се прикажува на телевизии во сопственост на коалициски партнери на тековната влада (прво на Канал 5, а сега на Сител; а претходно на А1 додека беше провладина). Во серијата претежно се демонизира опозицијата или неистомислениците на власта од невладиниот сектор, како и странски дипломати. Во серијата се карикатуризирани и клучни лица од власта, но на благ начин, претставени позитивно. Истиот тим истовремено продуцира и „образовна“ серија за античка Македонија за државната телевизија МТВ (јавниот сервис). Еден од нивните „историски“ наоди е дека за разлика од античките Грци, меѓу античките Македонци немало хомосексуалност.

Трајаноски продолжи:

Чекај малце. Стоп кадар. Режисерот на „Еднооки“ – иницијатор на марш за мир? Одеднаш, ќе заборавиме дека „Еднооки“ е хејтерска серија која поттикнува на омраза и кон сите критичари на власта? Ќе заборавиме дека „Еднооки“ промовира етнички и други видови стереотипи и предрасуди, кои создаваат атмосфера на омраза и насилство? Последен пат кога гледав дел од „Еднооки“ новинарите на А1 беа претставувани како насилници и криминалци, а специјалните полициски сили кои ја окупираа А1 беа претставени како жртви на насилство. Барем неколку пати гледачи на „Еднооки“ ми кажале дека во „уметничкото“ дело на Русјаков сум застрелан со огнено оружје.

Личното е политичко. Не можам да „марширам“ за мир заедно со пропагандистот-хејтер Алек Русјаков. Дали жртвите на нацистичката пропаганда би му се приклучиле на Гебелс ако ги повикал на марш за помирување меѓу припадниците на чистата ариевска раса и „дегенериците“? Дали ќе му се приклучите на Латас ако ве повика на марш за помирување меѓу „гнидите“, „пичките“, „дивјаците“ и Македонците? Дали ќе му се приклучите на Миленко ако ве повика на марш за помирување помеѓу „чуварите“ Македонци и „предавничките копилиња“? Дали ќе му се приклучите на Јанко „Јади Бурек“ ако повика на помирување помеѓу верниците и „збирштината геј и атеисти“ кои беа насилно дислоцирани од плоштадот?

Аман, доста ми е од лицемерие. Нема да марширам за мир заедно со хушкачи на насилство и поттикнувачи на етничка, верска и други видови омраза. Мирно ќе протестирам против хејтерите – против пропагандистите на режимот кој амнестира воени злосторници и тортурира политички затвореници кои добиваат 109 години робија.

Анонимни читатели кои коментираа на постот на Трајаноски изјавија дека ќе одат на маршот иако се согласуваат со некои од неговите аргументи. Еден/една од нив укажа на линк кон едно интервју со Русјаков во кое тој тврди дека членовите на невладините организации кои не се истомисленици со Владата („Соросоиди“) се платени од грчките шовинисти да го уништат македонскиот идентитет и при тоа уживаат во анален секс со Грците.

Други коментатори имаат посочено дека учествувале на протестите против полициска бруталност без разлика на тоа што на нив се придружиле и некои фигури од опозицијата, иако тие самите не се поддржувачи на тие политички партии.

13 коментари

  • PH

    Mnogu nevesht obid ova da se pretstavi kako izbalansiran tekst. Prenesena recisi cela statija na Trajanovski plus dopolnitelni recenzii na Ednooki a za Rusjakov e rezervirana ulogata na nekoj koj treba da se popluka, bez da se pobara negovo mislenje ili komentar. Ako vaka lapidarno se recenzira edna humoristicna emisija, kako toa opusot na Trajanovski e blago sveden na nekakvo opshto ‘veteranstvo’, bez da se navedat negovite nastapi na mitinzite na sdsm?

    • Анонимен коментаторе, каков „баланс“ бараш во односите меѓу насилник и жртва?

      Дали во функција на балансот покрај музејот на холокаустот треба/ше да биде подигнат и музеј на соработниците на фашизмот, слугите на бугарската држава и окупатор кои се залагале за „обединување“ на Македонија во Бугарија и кои ги предале нашите сограѓани Евреи да бидат уништени во гасните комори? Хм…

      • PH

        BRAVO! So kakva gragjanska lesnotija uspea da poistovetis avtor na animirana humoristicna serija so najcrnite zla na ovoj svet! Otkako na sogovornikot kje mu poplukash etiketa na ‘nasilnik’, polesno se baraat fondovi za zashtita na ‘zrtvata’? Znaes vo sto e tvojata poenta? Ja hushkash javnosta i barash od sekogo da go zgazi kako bubachka Rusjakov ako go vidi na ulica, bidejkji istorijata ne uchi deka so fashisti nema razbiranje.

        • Анонимен коментаторе, за разлика од Еднооки, јас не се залагам никој да се убие. Токму во нивната емисија, како што Трајаноски има наведено, отворено се заговара убивање на нивните неистомисленици.

          Се залагам за разобличување на пропагандата дадена и во форма на „невини“ шеги и цртани филмови (медиум за кој постои предрасуда дека е детски и наивен). А за сите такви негативни форми на ширење раздор и омраза, кои се дел и од фашизмот, во рамките на демократскиот правен систем има соодветни законски мерки, кои не опфаќаат убивање ниту линчување. Најважно е прво да се разоткрие јавно за што се работи под маската на шегобијство. И да профункционира системот.

  • […] […]

  • PH

    daj togash pisuvaj i kako clenovite na monti pajton trebase da bidat procesirani zaradi onaa noga koja pagja od nebo i gi tolci site. i za nasilnoto odzemanje jetri na pacientite. i za…. kako celiot vash lazno- moralizatorski kategorijalen aparat vi e nesposoben da se spravi so humor, tazhni vie.

    • Кога сценаријата на „Еднооки“ би биле на ниво на „Монти Пајтон“, па дури и на ниво на „Саут Парк“ или „К-15“ воопшто не би го правеле овој муабет.

      • PHneutral

        Ete do kade stigna tvojata arbitrarnost – do zhelba da merish ‘nivoa na scenarija’ a rezultatot od tvoite merenja, po mozhnost, da ima pravno-politichki konsvekvenci. Filip, konechno, ako vekje napadot kon Ednooki go opravda kako razumen gard kon fashisti, zoshto javno i proceduralno ne pobarash nivno ukinuvanje? Ili i ti bi samo fakultativno da go polnish javniot prostor so gero-kolja-sdsm-milchinovsko zuenje za fashizam? Baraj nivno ukinuvanje, sankcii, zatvori, podnesuvaj pretstavki, otvoreni krivichni prijavi so mohnost za potpisi… Zosto vaka fejkerski se borish so edna strashna fashistichka pojava kakva shto e Rusjakov?

        • Прво, те молам одговори дали во текстот пишува нешто неточно?

          Второ, ако веќе не ти е јасна, да ти ја објаснам структурата на текстовите на Глобал војсис: тие пренесуваат за што се зборува во блогосферите, но не претендираат да бидат сеопфатни. Ако мислиш дека треба да се истакнат други гласови и мислења на дадена тема, сосем слободно можеш да пишеш линкови до таквите блог-постови во коментари, или да се пријавиш да станеш автор (волонтер, без очекување за хонорари за текстовите и преводите).

          Трето, дали некаде во мојот текст се поистоветуваат „Еднооки“ со фашизмот? За да може да превиме конструктивен муабет на темата од кој може да извлечеме некој заклучок (значи, заедничка согласност) треба прво да се согласиме за тоа што е фашизам, кои се неговите елементи и слично. Потоа, да видиме дали „Еднооки“ се еквивалентни по форма, а особено по функција, на некои медиумски производи од режимите кои би ги означиле како фашистички. Сите знаеме од општа култура дека во Хитлерова Германија хуморот и шегите врз основа на стереотипи се користеле како дел од пропагандната машинерија која била дел од режимот – да се оцрнат неговите жртви. Дали ќе се користи даден медиум (на пр. цртан филм – кон кој во Македонија владее предрасуда дека е нешто невино, скоро само детско) нема пресудна улога во однос на тоа какви содржини и идеи се пренесуваат преку него. Ако утврдиме аналогии во пристапот, тогаш би можело да истражиме и подлабоко, па да извлечеме заклучоци. За тоа би требало и да ги гледаме малце повеќе и самите епизоди на „Еднооки“, кои на почеток ми беа доста симпатични, ама потоа ми станаа здодевни и банални (како што би рекла Хана Арент).

  • PH

    Ubavo sto se vrakjash na pochetokot. A tamu, ti beshe zabelezhano samo deka:

    1) neprofesionalno e da ne i dadesh prilika na zasegnata strana (Rusjakov) da go kaze svojot del od vistinata namesto da ja odreduvash kako meta za otstrel vo tvojot tekst;

    2. vo tekst koj dopira pozicija – opoizicija poenti, neobjektivno ja pretstavi prvata strana (Trajanovski) zaboravajkji da potsetish na negovite partiski angazhmani za sdsm.

    Znaesh i sam kako ja izbegna prvata zebeleshka (so analogii za fashizam), a za vtorata ne ni najde za potrebno da se proiznesesh.

    Ete, toa e se.

    • Анонимен коментаторе ПХ, можеби имаш некакво новинарско потекло, ама очевидно не ти е јасна структурата на написите на Глобал војсис, објаснета и линкувана претходно.

      Ако Русјаков некаде на јавниот дел на интернет објавил одговор на текстот на Трајаноски, тогаш не би било проблем да се покрие во рамките на овој напис (ако за тој одговор се дознало пред неговото затворање) или подоцна во некој друг напис на темата (ако го има). Ако знаеш за таков линк, слободно сподели го. Но имај на ум дека овие написи на Глобал војсис не се новинарски извештаи во кои се бараат изјави и препукувања, туку имаат поинаков формат и уредувачка политика.

      Значи, „засегнатата страна“ има право да си го каже своето – го има цел интернет. Уште поважно, како колумнист има на располагање и печатен комерцијален медиум со доста посетен веб-сајт, плус пола саат секоја недела на една од (во отсуство на конкуренција) најгледаните национални телевизии во земјата, плус соработка со државната телевизија МРТв. Да кажеш дека тој нема прилика да си го каже мислењето за нешто е… без врска?

      Ако толку ти била важна поврзаноста на некои луѓе со политички партии, слободно сподели линкови и за Трајаноски и за Русјаков, наместо да тролаш во стил на пот/платените анонимни коментатори-партиски пропагандисти.

  • PHneutral

    Јас мислев малку полемизираме околу некои принципи битни за јавниот говор а моево да ти било тролање во стил на партиски пропагандисти (?!). Off & Out.

  • Линк до колумната на Александар Русјаков во врска со контроверзиите во контекст на маршот за мир:

    * Марш за немир (Нова Македонија, сабота 24.03.2012.)

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.