Глобал војсис, водич за патувања на анти-туристите

travel_shelf

„Преферирам да се сместувам во соби, дружејќи се со локалното население и посетувајќи локални места наместо сместување во хотели, организирани пакет-тури, и музејски посети. Наместо да купам водич за патување, сакам да ги читам блоговите на локалните жители и иселениците—и Глобал војсис, се разбира—за да добијам впечаток за местото пред да отпатувам.“

Пред една година бев во Италија со пријател, жалејќи за мојот избор на чевли. Понесов само патики за трчање и кожени чизми, и двата пара беа целосно накиснати по неколку дневни врнежи. Од нашиот разговор се изроди идеја: Што ако има веб-сајт или апликација преку која можам да „посетам“ некоја држава во моментот и да видам какви чевли се соодветни? Сајтот би бил снабдуван од локалните жители, и поради тоа ќе го има дополнителниот ефект да ми помогне да се облечам во локалната мода, со тоа минимизирајќи ја шансата да бидам етикетирана како турист.

Глупава идеја, можеби, но поттикот позади истата не е: Многумина од мојата генерација не сакаат да се чувствуваат или да изгледаат како туристи кога патуваат. Ова го објаснува подемот на компаниите како Airbnb (Ер-би-ен-би), кои помагаат во избегнување на туристички хотели и нудат „искуство како локалните жители“.

Живеејќи во странство неколку години во младоста, во мене исто така остана таа идеја. Преферирам да се сместувам во соби, дружејќи се со локалното население и да излегувам каде што излегуваат локалните жители наместо сместување во хотели, организирани пакет-тури и музејски посети. Наместо да купам водич за патување, сакам да ги читам блоговите на локалните жители и иселениците —и Глобал војсис, се разбира— за да добијам впечаток за местото пред да отпатувам.

Ова ме наведе да размислувам: Дали постојат и други кои го користат Глобал војсис како некој вид на водич за патување? Ја имав можноста да им го поставам ова прашање на неколку колеги од ГВ на неодамнешниот Самит на ГВ. Еве што одговорија:

Мариана Брејтман, еден од преведувачите од шпански на англиски ми кажа:

Секогаш го користам ГВ кога патувам бидејќи мислам дека е навистина добар начин да видам кои се проблемите кои го засегаат дадениот регион. Неодамна го направив тоа кога ги посетив Панама, Мексико и Колумбија, и планирам да го сторам истото пред да отпатувам за Турција за неколку недели.

Ана Счетникова пишува за ГВ на руски и англиски. Таа вели:

Патував низ Турција за време на последните генерални избори минатото лето. И ГВ беше одлична алатка да дознаам за политичката култура во земјата, за различните партии и активисти во општеството, така што, кога гледам постери на улиците, знаев на што се однесуваат тие.

Мохамед ЕлГохари, координаторот на Лингва преводите на ГВ и претставник на персоналот на Бордот на директори, неодамна се ожени и го искористи ГВ да го испланира својот меден месец на Малдивите. Тој вели дека овој напис бил фактор во одлучувањето за тоа кој остров ќе го посети.

Исто така го поставив и прашањето на Твитер: Дали некогаш сте го користеле Глобал војсис да истражите за место пред да го посетите? Емер Бимер, која е социјален дизајнер и едукатор од Холадија (и редовен читач на ГВ), ми раскажа преку имејл дека кога таа бара „добри луѓе“ во одреден локал, „Глобал војсис е дежурно пристаниште“. Кога таа патувала во Камбоџа, се сретнала со тројца луѓе кои ги нашла преку ГВ, и сега работи со автор на ГВ на проект.

Бимер ми кажа дека би сакала да види и секција за патување на ГВ и дека таа би ја користела да ја разбере „локалната работна етика, каде да најде вифи [и] каде (идејата за) споделување или контра-културата се случува [во] градот“. Таа вели дека таа вообичаено им препорачува на истражувачите со кои работи да го проверат ГВ пред да патуваат.

Кети Мулој, која работи за УНИЦЕФ во Уганда, рече дека ГВ е „логичното место за барање“ информации за ново место, особено за „работи кои летаат под радарот на традиционалните медиуми“. Како искусен патник, Мулој вели дека го искористила сајтот да ги истражи Камбоџа, Уганда и Малезија.

Побарав од Мулој да замисли како би изгледала секцијата за патување на Глобал војсис. „Повеќето ‘48 часа во градот Х’ написи се напишани од жители на западните земји кои патуваат често, за жители на западните земји кои патуваат често“, таа одговори. „Но, јас би била заинтересирана да дознаам што еден студент по уметност од Јужна Кореја би сметал дека е најдоброто нешто да се прави во Сеул“.

Бен Валентајн е писател-хонорарец кој моментално живее во Камбоџа. „Како новинар и „бубалица“, вели тој, „Сакам да се информирам и надвор од Осамената планета [како што е] кои се новите мемиња? Кои се неодамнешните битки за слобода на говор во овие земји? За што дебатираат блогерите сега?“

Разбирањето на перспективите на блогерите и корисниците на социјалните медиуми беше тема која се повторуваше со луѓето со кои јас зборував. Мароканскиот блогер Ел Мади ми кажа дека читањето на ГВ пред да патува му дава „идеја како луѓето од таа држава коментираат онлајн со нивни зборови, преведено на јазик кој можам да го разберам…” Тој за првпат го искористил ГВ како подготовка за патување пред да го посети Тајланд, бидејќи барал „работи кои можам да ги прочитам за државата и културата покрај Википедија и клишеата кои сите ние ги слушаме за туризмот [таму]“.

Во неговиот имејл до мене, Ел Мади исто така успеа да скова нов термин:

По тоа [тоа прво патување], „ГлобалВојсинг” на држава [стана] едно од нештата кои вообичаено ги правам пред патување, како додаток се разбира на гуглање и википедирање на државата, особено кога не го зборувам јазикот на кој се говори во таа држава.

 

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.