Македонија: Реакции на владината кампања против абортусот

Повторното активирање на кампањата на Владата на РМ „за објаснување на последиците од абортусот“во текот на зимските празници предизвика низа реакции од блогери и од граѓански организации кои во тоа главно гледаат зачеток на обид за враќање на Македонија во средниот век.

Првата блогерка која реагираше беше експертката по родови и етнички прашања Кристина Хаџи-Василева:

Тукушто ја видов најновата кампања на Владата со слоганот „Избери живот“. Рекламите (видов 2) се директно насочени против абортусот.

Текстот на крајот на рекламата е дека се објаснуваат последиците од абортусот. Ужас!

Едната реклама објаснува дека последиците од абортусот се многубројни – воспаленија, инфекции, сепса, последици од анестезија, психолошки последици – се само дел.

Последнава година бевме сведоци на доволен број жени кои умреа на породување (во здравствени институции низ земјава) од, замислете, истите причини. Освен последната, разбира се. Кога ќе умреш психолошките последици ништо не ти можат.

И се прашувам од кога е обврска на Владата да нè предупредува со јавни кампањи за последиците од избраниот абортус? Колку што знам обврска е на лекарите да им ги предочат сите аспекти (позитивни и негативни) на жените кои сакаат абортус и тие тоа и го прават. Или власта не им верува па ја врши и нивната работа?

Втората реклама е уште поглупава бидејќи го зајакнува патријархалниот стереотип.

Девојката му кажува на своето незаинтересирано (освен за фудбал) момче дека ќе имаат бебе, на што тој реагира дека немаат услови. Ама пазете, таа успева да го убеди дека ете претходната вечер изглегле во град и потрошиле илјада денари, а потоа го вади клучниот „аргумент“ дека најверојатно ќе биде машко и ќе личи на него, по што тој „си легнува на брашно“. Не ми е јасно како точно оваа реклама ги објаснува последиците од абортусот? Можеби тоа ќе следи во продолжението кога мажот и жената ќе се караат пред детето дека немаат пари или кога тој ќе ја обвинува дека ја зел на „сељачка финта“ (затоа што била трудна). Е тогаш ќе се видат психолошките последици од не-абортирањето.

Значи сега, правото за кои милиони жени сè уште сe борат во светот, а коешто на македонските жени (и сите кои живеат во бившите ју-републики) им беше дадено во рамките на социјализмот се предизвикува од самата власт?

Популационата политика на Владата се сведува на тоа да се има или да се нема дете. Сите други елементи се небитни. Не е важно во какви услови ќе се раѓаат тие деца, во какви училишта и градинки ќе одат, колку родителите им се емотивно и психолошки подготвени за да воспитуваат и растат деца. Важно е да ги има, па какви се, такви се, наши се…

Набргу потоа реагираше и проф. Мирјана Најчевска, експерт по човекови права:

Малоумната кампања на власта во која преку недоволни информации, дезинформации и манипулација се ограничува едно од правата за кои жените во светот долги години се бореле – правото на абортус како право на избор, треба да биде предизвикана и оспорена од страна на гинеколозите, педијатрите, интернистите и сите останати од докторската фела кои имаат мадиња (во преносна смисла на зборот) и кои не се обземени со страво-почит кон ВМРО-ДПМНЕ.
Паралелно со “аргументите“ кои се истакнуваат во врска со абортусот треба да се предочат сите опасности од бременоста и раѓањето…

[…]

Да не зборуваме за царски рез (кога има полна анестазија), за хемороиди, за трајна стерилност, за преплет на црева, за трајни хормонални нарушувања, за хемиски промени, опаѓање на коса, стрии, целулит, инфекции при доење, инфекции при пороѓај (10 мртви во минатата година наспроти ниту една мртва при абортус)…

Преведувачката и промоторка на културата Јасна Шоптрајанова-Вртева изјави во коментар на Фејсбук (пренесено со нејзина дозвола):

Вчера прочитав статистика од 2009 – на 100 раѓања има 24 абортуси. во 21 век. кои се тие црепови што се толку неписмени за контрацепција?? и нели покажува тоа дека наместо стигматизирање на абортусот, и наместо воведување на религиски или к…вази-религиски бладања (како што слушам од родители кои се верници и чии деца го одбрале тој предмет во школо), да се воведе сексуално образование. или еве, не мора чисто сексуално, нека е просто здравствено образование – за важноста на правилна исхрана, спорт, па и превенција на стд и несакана бременост.
иако се’ мислам дека основната идеја е да се стигматизира сексот воопшто, освен како средство за расплод.

Бисерка Велковска, новинарка и блогерка, во весникот Нова Македонија исто така презентираше дел од горенаведните реакции, како и изјавата на Ирена Цветковиќ, активистка за човекови права:

Нормално дека не треба да се промовира абортусот, но целта на кампањата треба да биде намалување на бројот на несакани бремености, а тоа се прави и со соодветна кампања, но и со воведување сексуално образование, со ставање на контрацептивните средства на позитивна листа, дестигматизација на оралната контрацепција. Ако се намали бројот на несакани бремености, ќе се намали и бројот на абортуси. Освен тоа, оваа кампања доаѓа и во период кога МПЦ излегува со барања за уставни измени во поглед на бракот и сето ова личи на уште една кампања за дефокусирање на јавноста…

Дејан Велкоски понуди „стручна анализа“ на првиот спот од аспект на навивач на британскиот клуб Арсенал:

…Според параметрите што ни се дадени во позадина, дознаваме, од рамковизискиот пренос, дека во мигот се игра натпревар на Арсенал. Спомнати се Адебајор (анг.) и Фламини (значи морало да се игра пред вториов да се одлучи за пензија во Италија), а бранел Ал Хабси (анг.) (значи, се играло против Болтон). При споменувањето на 2:2 како израмнување, веќе станува јасно оти тоа е највозбудливиот натпревар во 2008 година, Болтон – Арсенал, кога пресвртот беше завршен во последните секунди од продолжението, за финални 2:3. Значи, оваа неверојатна драма се одвива на 29 март, 2008 година, на ден сабота, некаде непосредно по 17.30 часот.

Станува јасно дека малиот е веќе роден и до сега е неухранет, посвоен од некои среќни родители или пак, си живурка во некој дом за деца без родители. Зошто? Е па вака, кога типкава го кандисува дека условите не се важни, зашто потрошиле илјадарка во кафана и со тие пари ќе купувале пелени, станува јасно оти не само што немаат услови, туку оваа малку живее во некој друг свет. Имено, според фактот што по кафаната, немале пари да си купат кондоми, јасно е дека месечниот буџет за излегување им е илјадарка. Ете пари за пелени, ама бебето не мора да јаде, не мора да прима вакцини, не мора да оди на педијатар и во никој случај не му е потребна облека, помагала или пак играчки. (Пресметајте колку долго ќе живее само на пелени.)

[…]

Реализмот е еднаков на нула. Навивач на Арсенал не може да биде кандисан за што и да е, за помалку од минута и пол. Топчија е во состојба да се убедува со вас (дури и кога не е во право!) со денови, за на крај да не се договорите апсолутно ништо. Ама па од друга страна, јасно ми е зошто е избран навивач на Арсенал. Да беше од Тотенхем (анг.), во мигот кога ќе му соопштеше: „Ќе имаме бебе“, следниот кадар веројатно ќе беше како ја крши вратата бегајќи.

Туку, ме мачи една друга дилема. Зошто типкаваа воопшто го кандисува овој? Како жена, дали ќе има бебе или не, нејзино право е да одлучи. По природниот тек на нештата, тој не би требало ниту да има мислење. Она што тој треба да го каже е дали: ќе остане крај неа, дали ќе ја земе за жена (од најпогрешните причини!) или пак ќе се одлучи да навива за Тотенхем (т.е. ќе замине некаде далеку).

Ако рекламава праќа некаква порака, тоа е дека двајца незрели луѓе, без услови за одгледување деца, како по некое правило, донесуваат крајно погрешна одлука. Не само што ќе се затворат дома засекогаш (оти и онаа илјадарка што ја имале еднаш да отидат некаде во месецот, сега ќе ја немаат), туку ќе му го загорчат животот и на ново дете, што ни криво ни должно, се родило. Оттаму, стварно не ми е јасно, кој живот го одбраа и за чие добро?

Најнова реакција на веб е од Х.Е.Р.А. и Здружението на гинеколози опстетричари на Македонија, кои бараат Владата да ја прекине штетната кампања и да поработи на

  • подигање на јавната свест за оралната контрацепција,
  • да ги подобри условите за безбедно мајчинство,
  • да продолжи да го гарантира уставното право на избор,
  • да ги воведе и да имплементира новите клинички упатства за безбеден абортус,
  • да воспостави механизми за подобар социјален и економски живот на идните родители,
  • како и да воведе посебен предмет за сексуално образование.

Пинг.мк има агрегирано и низа други реакции. Забележително е што десничарските блогерки, како и политичарките од владеачката коалиција, воглавно избегнуваа јавно да се произнесат за кампањава.

Во меѓувреме, гореспоменатите спотови на провладините телевизии во Македонија се заменети со клипови од со пораки од типот „Ако мајка му го абортирала Бетовен, сега ќе ја немавме ’Одата на радоста‘.“

1 коментар

  • Мите

    а малку да си прочитате како во Данска се овозможува на жените да абортираат ако фетусот има Довнов синдром, т.е. сакаат да го искоренат синдромот. Веднаш од многу луге, посебно од католичките држави, данците се прогласени за фашисти. А ви се буните против нашата владата затоа што сака да советува да не се абортира здрав фетус.

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.