Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Македонија: Проблеми со транспарентното известување за загадувањето на воздухот во Скопје

Според блогот на НВО Гринбокс, градските власти во Скопје не се заинтересирани да обезбедат средства за системот кој преку интернет ги известува граѓаните за тековното ниво на загаденост на воздухот.

Автоматскиот систем за мерење на загадувањето лоциран во центарот на Скопје предизвика голем интерес на јавноста минатата година со известувањата дека степенот на загадување на воздухот е алармантен.

Некои набљудувачи го поврзаа присуството на честичките канцерогена прашина ПМ10 со претворањето на центарот во големо градилиште преку владиниот проект Скопје 2014. Околната област е исто така епицентар на активностите на таканаречената „урбана мафија“ која користи врски со локалните власти за менување на маркици од урбанистичките планови и ги претвора јавните паркови, паркинзи и мали куќи во големи и профитабилни згради со станбен или деловен простор, како и продавници.

Системот „Скопје дише“ е во сопственост на Град Скопје. Тој престана да функционира на почетокот на јануари 2012 година (1, 2), а претходно неколку медиуми (1, 2, 3, 4) имаа известувано дека квалитетот на воздухот останува лош. На веб-страницата стои текст: „Се прави надградба на софтверот. Апликацијата ќе биде достапна наскоро.“

Снимен екран со страницата Скопје дише, која е „во изградба“ од почетокот на јануари 2012.

Блогот на Гринбокс го објави следниот текст:

Сакате да дознаете каков е квалитетот на воздухот во центарот на Скопје? Ќе си ги облечете чевлите за снег, дебелата јакна, капа, шал и ракавици и ќе одите до улицата Македонија да ги проверите информациите од прва рака, од дисплејот на мерната станица покрај статуата „Шмизла“. Интернет сајтот „Скопје дише“ на кој до пред Божик во живо се објавуваа податоците сé уште не работи, а најверојатно нема ниту да проработи.

Од еколошката лабораторија на фирмата Фармахем која една година го одржуваше системот ни потврдија дека се работи за нешто повеќе од само надградба на софтверот, како што сега стои на страницата. Имале едногодишен договор за одржување на системот, но тој истекол, а досега од Градот Скопје нема иницијатива да се продолжи. Од Фармахем велат дека сакале да го надградат системот и со архива од податоците од мерењата, но дека за судбината на оваа транспарентна интернет алатка со која се служеа голем број граѓани треба да се обратиме во Градот.

Од Градот пак делуваат целосно незаинтересирано за продолжување на објавувањето на податоците за квалитетот на воздухот на интернет. Портпаролот Неделчо Крстевски вели дека поставувањето на сајтот уште од почетокот било иницијатива и добра волја на фирмата.

„Сајтот не беше наш. Во моментов не можеме да кажеме дали зависи од нас или од Фармахем. За нас е важно да работат мерните станици и граѓаните да можат да ги добиваат информациите за квалитетот на возухот од дисплеите на уредите“ вели Крстевски.

Од Градот признаваат дека за евентуално продолжување на работењето на „Скопје дише“ тие треба да ја почнат постапката која како што велат, била комплицирана бидејќи вклучувала распишување на тендер. Дали пак тоа ќе се случи, ниту тие самите не знаат.

„Не можам ништо да ви кажам сега, ниту дали ќе го има , ниту дали ќе го нема сајтот“ вели Крстевски.

[…]

Преку „Скопје дише“ граѓаните зимава дознаа дека загадувањето на воздухот во главниот град беше и до 10 пати поголемо од максимално дозволеното при што се препорачуваше воопшто да не се излегува надвор. Градските власти и Министерството за животна средина по притисокот од јавноста беа принудени да извршат инпекции во индустриските објекти по што загадувањето се намали. Според истражување на Институтот за јавно здравје во Скопје годишно ќе се избегнат 117 смртни случаи и 420 заболувања ако во воздухот се намалат за една третина концентрациите на прашина.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.