Пред 64 години, на 6-ти и 9-ти август, беа фрлени атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки од страна на силите на САД. Загинаа над 200 000 луѓе и секоја година по настанот се одржуваат церемонии за да се паметат жртвите и за човештвото да се потсети на ужасите што ги носи војната и нуклеарното оружје.
Некои јапонски блогери размислуваат за нивната историја и за значењето на оваа годишнина.
Куполата на атомската бомба. Слика од корисникот на Flickr, kamoda.
Touchen 03, од Хирошима, ни ја раскажува приказната за зградата (прикажана на сликата горе) која денес е симбол на бомбардирање со А-бомби, како и неговите сеќавања од неа.
Индустриската промотивна хала е изградена пред војната,за време на Таишо ерата во 1915 година, и изгледа како да била многу убава зграда. Сега таа се нарекува Куполата на атомската бомба и сè уште можат да се видат дел од убавите украси на фасадата.
И годинава дојде 6-ти август. Годишнина на денот кога беше фрлена атомската бомба врз Хирошима. Тогаш мајка ми живеела во Јано-Чо (предградие во Хирошима) и го вршела утринскиот поздрав во дворот на основното училиште. Таа ми кажа дека некое време, атмосферата била обоена проѕирно бело и мислела дека бомбата паднала близу нејзината куќа. Баба ми била работник во солана и тогаш работела покрај морето. Мислејќи дека непријателот има пристигнато, ја фатила прабаба ми за рака и двете почнале да бегаат колку што можеле побрзо. Во меѓувреме, се ширеа гласини дека бомбата паднала врз Тојо фабриката (која денес се нарекува Мицуда), во соседното село Акигун Фучу. Но, кога мислеле да отидат за да им помогнат на роднините таму, сите зборувале дека Хирошима е прекриена со оган. Жртвите почнале да пристигаат еден по друг и баба ми била испратена да помогне како медицинска сестра
Јас пораснав слушајќи приказни за часовите од утрото на 6 август. Кога и да се качев во автобус, се сеќавам дека баба ми ми велеше „Гледај натаму. Таму многу луѓе имаат загинато.“
Така јас ги слушав приказните возејќи се во автобусот во пределот кај што беше фрлена бомбата и тие приказни ми оставија силен впечаток. Кога бев мал, кога и да одев накај центарот од градот со автобусот, во мозокот ми беше присутна мислата „само што влегов во дел од градот од кој никој нема излезено жив“. На враќање, кога имав минато Фучу-чо, се чувствував како да сум се ослободил од некој товар.
Доживеав од близу што значи да си жртва на атомско бомбардирање и често слушав на училиште за тоа, за време на паузата за ручек. Дневникот на искуството од бомбардирањето постојано се емитуваше во 60-тите и 70-тите години и во Хирошима, фрлањето на атомската бомба се паметеше како да се случило вчера.
Еден блогер на ocntodayсе сеќава на едно од најпопуларните дела за трагичниот настан : Hadashi no Gen (Босоногиот Ген) од Кеиџи Наказава (Еве една цртана верзија).
За време на годишнината на бомбардирањето, јапонскиот пејач Масахару Фукујама (福山 雅治) за прв пат јавно призна на неговата радио програма дека неговите родители го преживеале бомбардирањето. Овој настан ги поттикна луѓето да размислуваат за општествената дискриминација на која биле подложни со години жртвите на бомбардирањето (被爆者 хибакуша) и нивните роднини и која спречила многу генерации на хибакуша да ја кажат вистината за своето потекло. Еве сведоштво на еден блогер.
Можно е сè уште да има многу луѓе кои никогаш немаат признаено дека се потомци на жртвите на бомбардирањето со атомски бомби. Таков беше мојот случај и кога чув дека некој го објавил толку јавно своето искуство, се почувствува малку непријатно. Денес, луѓето кои го преживеале бомбардирањето во областа на Хирошима не се дискриминирани. Барем на тие простори таква дискриминација би била бесмислена. Ако сè уште постои нешто слично, тогаш тоа е многу тажно. Сепак, вистина е дека оние луѓе кои имаа сериозни здравствени проблеми заради изложеност на радијација, беа однесени подалеку од општеството, поради повредите од бомбардирањето. За жал, сè уште има предрасуди кон преживеаните лица или барем луѓето тука различно се однесуваат со нив.
Изложеноста на радијација од атомска бомба не предизвикува само директни надворешни повреди, туку и сериозни внатрешни повреди поради кои може да дојде до губење на коса, крвавења, дијареја и повраќање, хронична леукемија и можност за развивање на тироиден рак. Кажано на кратко, таа предизвикува радијациска болест. Синовите на преживеаните лица се нарекуваат „втора генерација хибакуша“, а нивните деца – „трета генерација хибакуша“ . Иако се вели дека кај нив постојат поголеми шанси за развој на здравствени генетски повреди, ова не е сè уште научно докажано и во моментов се работи на дополнителни испитувања. Со оглед на тоа што во минатото немало слични случаи, беше невозможно целосно да се разберат механизмите на радијациската болест и се јавија недоразбирања.
Девојката на мирот во Нагасаки. Слика од корисникот на Flickr, Kamoda
Не заборавајќи го искуството со атомското бомбардирање, многу луѓе во Јапонија ги поддржуваат анти-никлеарните мерки на земјата. Сепак, неодамнешните вести дека во минатото Јапонија тајно дозволила транзит на американски нуклеарки во земјата, ги разлути оние кои сè уште го ценат тројниот анти-нуклеарен принцип усвоен во вид на резолуција во 1960-тите години.
Еден блогер на Canada de Nihongo, обвинува некои политичари за нивниот амбивалентен став кон позицијата на Јапонија како земја која не поседува нуклеарно оружје.
Трите анти-нуклеарни начела кои се на сила во Јапонија се : „да не се поседува ни произведува нуклеарно оружје, ниту пак да се дозволува нивно внесување во земјата.“ Денес преовладува мислењето дека Јапонија нема нуклеарно оружје, но сè уште не постојат конкретни закони за ова и некои велат дека за година дена Јапонија може да стане нуклеарно наоружана земја.
Всушност постојат сомнежи дека во минатото еден носач на авиони на американската морнарица внесол нуклеарни оружја во земјата, во оние делови каде што се наоѓаат воените бази. Според една гласина, јапонската влада ќе им дозволела на американските сили тајно да донесат нуклеарно оружје. Исто така, што се однесува до анти-нуклеарните начела, постои огромна разлика во верувањата на премиерот Идио – Таро Асо и водачот на опозицијата Хатојама. Кога беше министер за надворешни работи, Асо ја бранеше позицијата на Шоичи Накагава и изјави дека „Јапонија треба да поседува нуклеарно оружје“. Затоа партијата на опозицијата изгласа недоверба во него како министер за надворешни работи. Со други зборови, изгледа дека тој не ја цени важноста на тројното анти-нуклеарно начело.
Како што изјавуваHiroseto, градоначалникот на Хирошима, г-дин Акиба, ја изрази својата поддршка на Обама на годинешнава Декларација за мир, осврнувајќи се на говорот на претседателот на САД, кога во април годинава, тој изјави дека САД „ќе преземе конкретни чекори за создавање на свет без нуклеарно оружје“.
Ова се последните редови од Декларацијата (Можете да ја најдете целата преведена верзија на веб страницата на Chugoku Shimbun)
Ние ја имаме моќта. Ние ја имаме обврската. И ние сме Обама мнозинството.
Заедно, можеме да ги укинеме нуклеарните оружја. Да, ние можеме.
Со цел да се постигне „свет ослободен од нуклеарно оружје“ до 2020, Хирошима и Нагасаки во 2008 година станаа промотори на заедничкиот протокол Хирошима Нагасаки, кој претставува дополнение на пактот за неширење на оружје.