Сите линкови во постот водат до содржини на англиски јазик.
Во текот на оваа недела (2-3 мај 2012 г.) илјадници умови ќе се состанат во Берлин на годишниот собир наменет за размена на знаења и идеи наречен ре:публика, односно re:publica (#rp12). Оние кои ќе бидат и физички присутни ќе може да следат предавања, дебати и журки. Минатата година конференцијата re:publica ја посетиле над 3.000 учесници, а скоро сто илјади го следеле видео-преносот преку Интернет. Оваа година се очекува уште поголемо учество.
Мотото за „најголемата и најпознатата конференција во Германија за иднината на нашето општество и сите дигитални работи“ оваа година е „Акција“ (ACT!ON).
Низа членови на заедницата на Глобал војсис (ГВ) ќе учествуваат во програмата која предвидува 200 часа презентации и дискусии и ќе се одвива на 8 различни сцени во 14 тематски области.
Солана Ларсен, уредничка на ГВ која одржи презентација за Глобал војсис на re:publica 2011 во „аудиториум со над 1000 луѓе!“ смета дека:
Во Германија, ова е конференција која ја претставува Интернет-сцената и има јасно влијание на националниот политички дискурс.
Клер Урлих, уредничка на Глобал војсис на француски и член на Одборот на директори на ГВ, објаснува:
За нас, нетизените од Европа, Берлин е центар и водечка сила за хакерската култура, „слободната“ култура… накратко наш европски „иновациски хаб“. Конференцијата re:publica во Берлин е место за покажување на меѓународните трендови, но исто така и на оваа хакерска култура која ќе биде клучна во решавањето на тековната рецесија и политичка криза. Ова еголема можност за среќавање со луѓето кои ќе ја обликуваат иднината во тој смисол.
Кога може да ги чуете Глобал војсис како говорат?
Иван Сигал, извршниот директор на ГВ, ќе зборува заедно со Солана на 2 мај (13:00 часот по средоневропско време) на сесија насловена „Здружување на силите“ за факторите што го придвижуваат подемот на граѓанските медиуми, како и за тоа дали поединечните чинови на онлајн активизам во земји кои се многу далечни една од друга заедно може да се сметаат за „глобално движење“.
Иван смета дека re:publica е важна бидејќи…
…изгледа како да се шири вон границите на Германија, па дури и вон границите на Европа во смисла на опсег и влијание. Исто така ми се допаѓа тоа што дава чувство на отворен крај и демократичност.
re:publica беше една од најдобрите конференции на кои учествував минатата година – единствена мешавина на учесници, како и на исклучително актуелни теми.
Годинава јас сум дел од жирито, а натпреварот го следам од почетокот. Ми се допаѓа тоа што иако покрива околу 11 јазици, не се ограничува само на таа хоризонтала, туку и на вертикалите како теми кои се протегаат од видео блогови, преку блогови за човекови права до користење на технологијата за општествени промени. Тоа покажува дека не се ограничуваат само на блогови како такви, туку и дека се создава еден вид натпревар во рамки на одредените јазици како и на светско ниво меѓу блогови на различни јазици.
За прв пат доаѓам на re:publica и во Берлин. Ме радува што ќе ги претставам етиопските блогери и малку ќе зборувам за нив.
Покрај говорниците, други членови на мрежата на ГВ што учествуваат на re:publica се берлинчанките Касија Одрозек и Дебора Медеирос, како и јабанџиите Паула Гоес, Ема Бревин, Катрин Зинун, Сузен Лен, Бернардо Парела, Џенет Гунтер и Рајна Ст., која одразува пошироко прифатено мислење:
Овогодинешната конференција ќе се одржува на средина на голема битка: ги имавме СОПА/ПИПА (SOPA/PIPA) во САД кои доведоа до масовни протести и истото се случи со АКТА (ACTA) за која се надевам дека нема да биде ратификувана. Во меѓувреме, бројни земји наметнуваат разновидни рестриктивни прописи на национално ниво. re:publica 2012 ќе собере говорници со широк опсег на искуства, потекла и гледишта кои дефинитивно очекувам да (ми) помогнат подобро да сфатам што се случува и што нè чека.
На настанот исто така ќе учествуваат и Адил Нурмаков и Филип Стојановски, како дел од нивното учество во студиското патување за блогери (Blogger Tour 2012) организирано во рамки на иницијативата за јавна дипломатија на покана на Министерството за надворешни работи на Ф.Р. Германија
2 мај
3 мај
4 мај