Венецуела: Полицијата им ги одзема мобилните телефони на демонстрантите

Неколкумина пријавија дека полицијата и oфицерите на Националната гарда, им ги одземаат мобилните телефони на демонстрантите и притворениците во Венецуела. Протестите низ улиците на Венецуела траат веќе петнаесетина дена, и демонстрантите веруваат дека полицијата врши увид на нивните лични податоци, брише слики и видео записи од протестите и испраќа пораки до нивните семејства и пријатели. Хозе Висенте Аро, венецуелски адвокат и професор по право, којшто работи на одбраната на притворените студенти, објави на Твитер:

На притворениците им се одземени мобилните телефони (од страна на полицијата), и кажано им е дека ќе им бидат вратени во понеделник. Вршат преглед на информациите во нивните телефони.

Уште од минатата недела, полицајците преку мобилните телефони на студентите испраќаат шегобијни пораки до нивните семејства и пријатели. Едуардо Лисчински, студент којшто учествуваше во протестите, вели:

Ги користат мобилните телефони на студентите со цел да си играат мајтап со пријателите и семејствата кои се обидуваат да ги добијат.

Мери Мена која е истражувачки новинар и која будно ги следи настаните, изјави дека најмалку двајца новинари се исто така приведени, и дека им се одземени мобилните телефони од страна на Националната гарда:

Приведени се новинарите @JPBIERIL и @perezvaler17 и НГ им ги одзема мобилните телефони. @espaciopublico @ipysvenezuela, внимавајте!

По разговор со роднините на притворените, новинарот Луис Карлос Диас објави дека полицијата и Националната гарда не ги задржуваат телефоните само за да си играат мајтап, туку и за да бришат слики, видео записи и било какви други докази за протестите:

Со уште една репресивна мерка во Венецуела им се одземаат телефоните на притворениците за да се бришат слики, видео записи и да се изврши преглед на личните информации.

Во екот на протестите и со цензурирани медиуми, Венецуелците го користат интернетот за да објавуваат слики, видео записи и информации за протестите и последователната репресија. Демонстрантите од реонот Чакао во Каракас, објавија видео од протестите од една од областите со најмногу насилство, кое до 18 февруари веќе имаше 230,225 прегледи.

Exit mobile version