Последниот напад [англиски] од страна на Северна Кореја врз Јужна Кореја ја вознемири Јапонија. Дали е ова почеток на војна? Дали наредна ќе биде Јапонија? Или ова е само „тепачка“ создадена од конзервативните и сличните паничарски медиуми? Луѓето во Јапонија се вознемирени, но не знаат што да мислат.
И така еден куп коментари за инцидентот ги преплави ТВ програмите и редакциите, но Јапонците кои не им веруваат на медиумите чувствуваат дека нешто не е како што изгледа и даваат свои толкувања во врска со инцидентот.
За првпат откако сум роден, се случи ваков напад во наша соседна земја. Различно е од војната на далечниот Среден Исток. Овој пат е вистинито и ме прави нервозен.
Се чувствувам доста непријатно кога луѓето даваат површни коментари, како на пример „Северна Кореја е навистина страшна! О да, навистина!“ типично за земја во која нема конфликт. Многумина велат „Северна Кореја е луда земја!“ со злоба во нивните зборови. Навистина не ги разбирам оние кои што шират ваков гнев во овој свет. Сите тие се бесмислени разговори.
Во вакви случаи, важно е да се размисли што да се стори следно и да се размислува трезвено како може да се подготват, без да станат напнати и гневни заради вестите што ги гледаат на ТВ или читаат на интернет.
На пример, некој може да подготви средства за преживување или торба со предмети за итни случаи. Знам дека некои луѓе можеби ми се смеат, но ова исто така е корисно и во случај на земјотрес.
Дури и тренирање на телото со цел да се поживее подолго во случај нешто лошо да се случи… И за ова може да ми се смеат, но ова може да биде изговор за диета, значи две муви со еден удар.
Стравот од неизбежна војна натера некои блогери како терутеруасита, да се осврнат на она што е важно во животот и на блаженството да се живее во мирна држава.
…Се наежив кога ги слушнав вестите…
Гласините велат дека поради смена на генерации [во водството], Северна Кореја сака да се фали со својата воена моќ… не ми е грижа… Јас само се плашам од војна.
Страшно е што луѓето гинат.
Сите тие имаат семејство или пријатели и можат да ги загубат во една секунда.
Мир… Само ако мирот се гради, луѓето ќе бидат среќни.
Но дали сета оваа тревога има смисла?- се прашуваат некои. Или Јапонија е само пречувствителна за секоја акција од страна на Северна Кореја?
Киза Мураками вели дека нештата звучат поинаку кога прашувате личност што всушност живее во Јужна Кореја.
Нападот на Северна Кореја навистина ме изненади. Сфатив дека навистина може да се случи напад на толку блиско место.
Доволно е само [Ким Јонг-Ил да рече:] „преку глава ми е“ и Јапонија може да биде нападната…
Хмм, колку страшна земја!
Кога пристигнаа првите вести, јас бев на работа. Беше празник, но некои луѓе дојдоа на работа и сите бевме залепени за телевизорот.
Едно момче Тоши отрча да и се јави на сестра си која беше во Сеул, но таа гледаше цртан филм со своето дете и не знаеше ништо [за нападот]…
Независниот автор Шигенобу Гу (具 滋宣), кој израсна и живее помеѓу Јужна Кореја и Јапонија, се обиде да ги согледа околностите од неутрална и непристрасна гледна точка за некој кој ги познава многу добро и двете култури.
Нападот на Северна Кореја на 23-ти ноември ги шокираше луѓето од повеќе причини. Овој пат беа вмешани и двајца цивили и владата на Јужна Кореја даде највисоко предупредување, ситуација која ретко може да биде видена во поново време.
За мене, луѓето беа загрижени, а во Јапонија постоеше прилично нервозна атмосфера. На пример ,се зголеми бројот на туристи кои ги откажаа патувањата до Јужна Кореја, но реалноста беше малку поразлична. Иако владата на Северна Кореја беше активна, многумина не знаат дека обичните луѓе не мораа да се држат понастрана од улиците и ништо особено не се смени во нивните секојдневни животи.
Бидејќи обемот на нападот беше доста голем, јапонските медиуми значително го покрија, но во реалноста проблемите помеѓу Јужна и Северна Кореја се случуваа многу пати во последните децении. Луѓето од Јужна Кореја на некои начин се навикнати на ова и „Северна Кореја? Повторно?“, е често вообичаената реакција. До таа точка што сега, кога нешто особено ќе се случи [вклучувајќи ја Северна Кореја], медиумите во Јужна Кореја ретко кажуваат вести за Северна Кореја.
Почувствував поинакво ниво на интерес помеѓу Јапонија и Јужна Кореја во врска со овој инцидент со Северна Кореја. Можеби така се почувствував бидејќи се навикнав да живеам во мирна држава, за што не постои сомнеж дека Јапонија е мирна земја во секој поглед.