Македонија: Студентски протест заврши со насилство

Не го силувајте Скопје, од Харалд Шенкер

Не го силувајте Скопје, од Харалд Шенкер

Од неодамна, македонската влада реши со државни пари да изгради православна црква на плоштадот на град Скопје, а таа одлуката не беше прифатена од граѓаните. И покрај големиот број на онлајн кампањи и дискусии, група од студенти – “Прва Архи Бригада” – одлучи да организира протест наречен “Прво архитектонско востание” против градењето на црквата на плоштадот на Скопје. Тие креираа Facebook група на која ги објавија своите барања. Блогот skopje2803 ги објави нивните барања:

1. Бараме официјален став од Архитектонскиот факултет во Скопје за
случувањата на јавниот простор од општествен интерес.

2. Бараме стручни трибини пред секое ново клучно преземање на градежни
работи.

3. Бараме најтранспарентни конкурси, огласи и урбанистички анкети, како и формирање на широки комисии со македонски заседавачи и странски консултанти, НЕПАРТИСКИ тела кои ќе одлучуваат за ваквите градби. Во краен случај и изјаснување на референдум како што се прави во европските градови, кога се носат вакви големи одлуки. Дотогаш, мораториум на градба!

4. Бараме политичарите наместо да инвестираат во кич архитектура, наместо да градат вештачки села за развој на селски туризам, наместо да цртаат нови урбанистички планови, наместо да поставуваат градежни парцели на крајно не соодветни места, да ги насочат парите во зачувување на автентичноста и оригиналноста на старите градби кои веќе постојат и се распаѓаат од негрижа.

5. Бараме граѓаните барем за момент да се разбудат и да размислуваат со своја глава и наместо пасивни посматрачи, да станат активни креатори на својата судбина и судбината на градот.

Многу брзо откако информациите за протестот се раширија на интернет, се креираа многу постови кои ги повикуваа граѓаните на контра-протест, за да се поддржи изградбата на црквата. Еден ден пред протестот блогот “Јади Бурекобјави повик за контра-протест:

Утре во 12 часот, на плоштад во Скопје, најверојатно, збирштина од геј и атеисти ќе се обидат да шират гадости под закрила за грижа на архитектурата на градот, а против изградба на црква. По тој повод, јас утре со моето семејство излегувам во контра протест, еден час порано, во 11 часот, и со тоа да ја дадам мојата поддршка за изградба на црква на плоштадот!

Слични текстови беа објавени на многу други блогови.

Протестот беше закажан за 12 часот на 28 март 2009, но пред да започне, на плоштадот се собра контра-групата со цел да го поддржи градењето на црквата. Кога двете групи се соочија на плоштадот на Скопје, настанот од мирен протест се претвори во насилен инцидент:

Голем број од блогерите кои беа присутни на протестот, известија за инцидентот.

Блогерот Харалд Шенкер од Vision! Come on… објави целосен извештај:

[…] Протестот беше пресретнат од маса од 1500 следбеници на црквата, кои беа собрани да го спречат протестот. „Спонтаниот“ и нерегистриран контра-протест вклучуваше црквени знамиња, печатени банери, свештеник и многу луѓе, кои немаа никаква врска со урбано Скопје, туку беа донесени од руралните средини за да се борат против анти-христијаните. Голем број на скапи флаери го поплавија центарот на градот – јасен показател на логистичко добро организирано движење. Тие беа побројни, па групата која навистина организираше протест остана маргинализирана и беше спремна да се повлече, кога од никаде се појави група од насилни хулигани. […] Хулиганите нападнаа индивидуалци кои учествуваа во протестот, користејќи го единствениот интелектуален аргумент достапен за нив – тупаници и клоци. Дури е чудо што имаше само неколку повредени. […]

Сето ова се случуваше пред очите на изненадувачки пасивната полиција, која очигледно не можеше да се справи со настаните. Па затоа тие го направија очигледното – се свртеа против протестантите. Тие сега се под истрага бидејќи не овозможиле соодветно обезбедување за нивниот протест. Не, ова не е некоја болна шега. Навистина е така. […]

Блогот Канализација го напиша следново:

Стадо од 1.000 збрлавени Хунзи денеска не ни дозволија да го одржиме собирот против изградбата на црквата на плоштад. Носеа знамиња со крстови, икони и транспаренти на кои пишуваше „Сакаме храм“ и некакви молитви. Меѓу нив имаше членови на ВМРО-ДПМНЕ кои лично ги познавам.

Дечките од архитектура, на кој им се придружив, доаѓаа преку кејот од страната на паркот. Кога стигнавме на плоштад масата тргна накај нас и урлаше „Шиптари“, свиреа и викаа „Уааа“ и „Одете кај Бакојани“.

Да не избегавме ќе паднеше крв! […]

Според мејнстрим медиумите, протестите имале политичка позадина, од една страна студентите кои биле предводени од ќерката на шефот на изборниот штаб на претседателскиот кандидат на СДСМ, а од друга страна контра-протестантите кои биле членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие денови главна тема во македонската блогосфера е инцидентот и скоро на секој пост се развива вжештена дискусија.

5 коментари

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.