Македонија: Распеани скопјани

Ад-хок хорот „Распеани скопјани“ го сочинуваат граѓани кои ги искажуваат свoите мислења за општествени прашања преку песна. Тие се среќаваат секоја недела на различни локации низ престолнината на Република Македонија и снимаат музички видео-клип, кој потоа го објавуваат на Јутјуб-каналот на активистичката група „Плоштад слобода“.

Репертоарот на хорот е исполнет со хумор. Ја имаат изведено детската песна „Ние сме Македонци“ на државниот празник Денот на македонската револуционерна борба, а пред Грчката канцеларија за врски (де факто амбасада) ја имаат отпеано „Дирлада“, песна во која се зборува за летна љубов помеѓу момче од Македонија и девојка од Грција која наидува на тешкотии поради визниот режим.

Во малку потемен тоналитет, „Распеаните скопјани“ исто така ја испеале „Убиј ме“ од скопскиот бенд „Бернајс пропаганда“, која ги содржи следните стихови:

Не сум како тебе,
немам иста боја,
омразата е твоја

Не сум како тебе
затоа у-б-и-ј м-е
убиј, убиј ме.

…за да го искоментираат тепањето на студенти на плоштадот Македонија во Скопје во Април 2009.

Најновиот настап содржи исполнување на „Песната на дрвосечачот“ од Монти Пајтон, на булеварот „Илинден“ каде што пред неколку месеци градоначалникот на Скопје предизвика огромна болка и фрустрации меѓу обичните граѓани кои беа шокирани со нетранспарентното и неотчетно сечење на дрвјата.

Информацијата за активностите на „Распеани скопјани“ како иновативен извор на коментари се шири главно преку социјалните медиуми, особено преку Фејсбук. По неколку недели и традиционалните медиуми почнаа да пишуваат за нив: пред неколку дена Дневник објави напис за нив.

Exit mobile version