- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Косово, Србија: Премиерот на Косово обвинет за трговија со човечки органи

Категории: Западна Европа, Источна и Централна Европа, Косово, Србија, Владеење, Војни и конфликти, Граѓански медиуми, Закон, Историја, Меѓународни односи, Политика, Човекови права

ЖОЛТАТА КУЌА

Дали знаете што е „Жолта Куќа [1]“? Дали некогаш сте слушнале за тоа?

Во истата година кога Косово стана независно [2], 2008 година, Карла Дел Понте, [3] поранешен обвинител во Меѓународниот криминален трибунал за поранешна Југославија [4], ја објави (во Србија) нејзината контроверзна книга „ Лов: јас и воените злосторници“ [5], во која таа опишува во детали како и каде некои војници и лидери од Ослободителната војска на Косово (ОВК) извршија ужасни воени злосторства врз етничките Срби, не-Албанци и „нелојални“ граѓани на Косово во 1999 година.

Според Дел Понте, „Жолтата куќа“ била мала куќа во Рипе, село во близина на градот Бурељ во северна Албанија, каде делови од тела на воени затвореници им биле отстранети со цел да бидат продадени на црните пазари насекаде во светот.

Многумина во регионот, кои тогаш прв пат слушнаа за трговијата со човечки органи [6], беа шокирани. Книгата и информациите за тоа предизвикаа многу различни реакции во Србија.

Она што следи подолу се избрани коментари на еден напис [7] за овој проблем кој што се појави на pressonline.rs на 22 март, 2008 година.

Лаза:

Ужасно е тоа што се случило и сè уште се случува, јас верувам дека има многу вистина во книгата…. Можно е ништо да не се знае за тоа, за криминалните дејства, за страдањата, за масовните гробници?[…]

Мики:

Сигурно. Етничките Албанци не го сторија тоа, но нивните ментори од Западот го сторија.

Блек:

Само вие Србите имате родители, браќа, сестри. Другите луѓе кои беа убиени од вас, немале никој. Колку органи продадовте кога го извршивте најголемото злосторство по Втората Светска Војна во Босна и Херцеговина?[…] Сребреница.

зоран (Бец):

Читам различни форуми за овој монструозен масакр врз киднапираните Срби, како човек и како Христијанин, секој што извршил злосторство го сметам за одбивен. Исто така и оние кои што знаеја за тоа, а молчеа и оние кои неодамна слушнаа за тоа, но го толерираат. […]

Властите во Косово одбија дека постои трговија со човечки органи во Косово [8]. Пишувајќи за овој проблем, Гардијан нагласи [9] дека некои членови на меѓународната заедница го имаат истото мислење, цитирајќи ја изјавата на Бернар Кушнер [10], францускиот министер за надворешни работи и поранешен шеф на Времената административна мисија на ОН во Косово, кој го рече ова за време на неговата посета на српската енклава, Грачаница, на почетокот од оваа година:

не постои жолта куќа, нема трговија со органи. Луѓето кои говорат за вакви работи се клошари и убијци.

ИЗВЕШТАЈ НА ДИК МАРТИ

Само два дена по општите избори во Косово на 21 декември, Хашим Тачи [11], премиерот во заминување, чија партија – Демократска партија на Косово доби најмногу гласа на изборите во неделата, беше обвинет [12] од Дик Марти [13], истражувач во Парламентарното собрание на европскиот совет [14], за организирање и извршување на споменатите воени злосторства.

Според извештајот на Марти [15], објавен [16] ексклузивно од Гардијан пред неговото официјално претставување, Тачи, кој што исто така е поранешен шеф на „групата Дреница“ на ОВК, наводно одговорен за киднапирањето на повеќе од 300 етнички Срби и други од Косово во текот на војната, нивното пренесување и убиство во Албанија, каде нивните органи биле извадени и подоцна продадени на богати пациенти на Запад.

Следат неколку коментари од читателите на Б92 написот [17] за извештајот на Марти:

Полако,али сигурно,правда стиже до циља! пишува:

[…] Ако се докаже дека вие сте виновниците и така и ќе биде, не треба да се плашите од Србите туку од вашите луѓе кои ѝ ја дадоа власта.

Скорпион:

Како етнички Албанец, среќен сум поради тоа што Господ сакаше сите оние кои извршиле злосторство да бидат осудени. Ги мразам сите нив и не сакам да чујам за нив.

Оде све у:

БиБиСи, Фоксњус, Ројтерс, Мирор, Индепендет, Хафингот пост, Њујорк Тајмс… цел Западен свет ја објави веста… талогот од општествата ја има моќта во една држава/ територија во срцето на Европа.

Мајна:

[…] СиЕнЕн молчи и сосема е јасно дека нема да се постави прашање за тоа кој и зошто призна дека државата е изградена на најмонструозното злосторство во историјата во светот.

Пишувајќи за проблемот во нејзината објава наречена „Тргување на органи и принципи“ (на блог страницата на дневниот весник „Блиц“), Јелена Милич ги истакна [18] двојните стандарди во официјалната политика на Србија во однос на човековите права, застарена политика која човековите права ги смета за проблем на индивидуални држави, а не на меѓународни врски:

[…]Извештајот на Дик Марти, кој го поврзува Тачи со трговија на органи, беше усвоен во комитетот за правни прашања на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Тоа е важна вест за Србија. Со причина. Но. Српскиот поранешен министер за надворешни работи, Вук Јеремич има засрамувачки рекорд од не гласање и поддршка на резолуциите и декларациите кои ЕУ и Советот на Европа ги усвоија и ги доставија до Генералното собрание на ОН во однос на ситуацијата за човекови права во Иран и други држави кои не ја признаваат независноста на Косово…

Гласноговорникот на Ештон, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Маја Коцијанчич побара од Марти да ги изложи доказите за вклученоста на Тачи во овие сериозни злосторства. Таа рече [19] на прес-конференцијата:

Овие барања се сметаат за сериозни. Ако постојат конкретни докази, ние бараме од Дик Марти да ги достави до релевантните власти.

Како и да е, таа избегна да одговори на бројни директни прашања за идните чекори на ЕУ за овој проблем.

Хашим Тачи ги одби сите обвинувања и побара од ЕУ да го истражи овој случај темелно.