Проблемот со порастот на корупцијата во Турција станува се потежок да се сокрие

Screen Shot 2014-12-03 at 23.20.30

Пари во кутија за чевли. Вирална фотографија.

Во изминативе дванаесет месеци, се чини дека турската држава стана значително покорумпирана. Тоа е основната порака во најновиот Индекс на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнал, објавен на 3 декември.

Ова не доаѓа како изненадување за оние кои живееле во Турција овој период.

Минатиот декември, турските граѓани се разбудија со најголемиот корупциски скандал во модерната историја на оваа земја. Клучни политички фигури, вклучувајќи ги министрите од владеачката партија Правда и развој и нивните синови, функционери, извршниот директор на голема државна банка и ирански бизнисмен беа уапсени од турската полиција и држени во притвор под сомневање за давање мито, перење пари, и корупција. Полициската истрага се уште е во тек и собраниска комисија минатиот месец им забрани на медиумите да пишуваат за истата. 

Апсењата на 17 декември беа проследени со фотографии на полицијата од милиони долари пикнати во кутии за чевли во резиденцијата на извршниот директор на Халкбанк, Сулејман Аслан, и наводните снимки од телефонски разговори во кои тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган (сега претседател на Турција) наводно дискутирал стратегија за сокривање на огромни суми пари со неговиот син, Билал. 

Среде обвинувањата дека партијата (Правда и развој) играла улога во протуркување на измени во полицијата и судството, ниту една единствена личност поврзана со скандалот не излезе на суд. 

Апсењата ја поделија Турција, на поддржувачите на партијата кои тврдеа дека снимките се наместени, додека другите го изразуваа својот гнев кон она што тие го гледаа како очигледно владино прикривање.

Доловувајќи го незадоволството кое некои турски граѓани го чувствуваат кон наводните семејни врски во Партијата за правда и развој во тој период, Дели Гафар, блогер, напиша:

Bu iş bir baba-oğul konusu değildir. Bakanlarla oğulları arasındaki ilişki bir baba-oğul ilişkisini aşmış, bir tür iş ortaklığı da denilebilecek çete birlikteliğine varmıştır. Genellikle oğullar babalarla aynı sosyal çevreyi soludukları için babanın pis işlerine ortak olma, ya da en azından alet olma olasılığı hayli yüksektir. Ancak tersi de olabilir, yüksek ahlaklı bir baba, oğlu yüzünden bozulabilir ya da belki sırf evladını koruma güdüsüyle ilkelerinden taviz verebilir.

Ова не е проблем помеѓу татко и син. Врската помеѓу министрите и нивните синови е далеку од само врска меѓу татко и син, таа стана заедница од гангстерски типови на луѓе која може исто да се нарече и бизнис партнерство. Вообичаено, бидејќи синовите се движат во истата социјална сфера како и нивните татковци, многу е веројатно за нив да станат исти како нив. Сепак, обратното исто така може да се случи, татко со високо ниво на моралност може да се уназади поради неговиот син, или може да ги загрози неговиот идеали со инстинктот за заштита на сопственото дете.

На Твитер, корисниците твитаа со хаштаговите #hırsızvar (#крадецотетука), #17Aralık (#17декември), и #yolsuzluk (#корупција).

Овие хаштагови се се уште силни иако поминаа речиси 12 месеци, како што индексот на Транспаренси за 2014 открива дека Турција е државата која повеќе од сите други се уназадила во периодот 2013-14 во однос на корупцијата.

Индексот за перцепција на корупцијата рангира 175 држави, давајќи им оцена помеѓу 0 (висока корупција) и 100 (многу чиста). Според индексот на Транспаренси Интернешнл, две третини од земјите во светот се рангираат под оцена 50, и ниту една држава нема оцена 100. Турција, која во минатото издание на индексот имаше оцена од 50, сега има оцена од 45. 

Мамо, тие ми ја украдоа кутијата за моите нови чевли #корупција

Скандалот од 2013 предизвика и широка цензура на социјалните и традиционалните медиуми. Со доближувањето до датумот на претседателските избори се засилуваа и владините рестрикции на Твитер и Јутујб, избори на кои победи Ердоган, и се уште е на таа позиција. Весниците и телевизиските канали беа спречувани да известуваат за судски рочишта во кои беа вмешани и министри кои беа поврзани со скандалот на 26 ноември откако лидерот на собраниската комисија одлучи дека министрите се „невини се додека не се докаже спротивното“, и поради тоа треба да бидат ослободени од внимателното око на печатот и медиумите.

Но, како што забележа еден твит, ова не го намали интересот на јавноста за случајот:

Оваа забрана за известување толку лошо се одигра против нив… Сега сите зборуваат првин за нивното крадење, а после за оваа забрана.. #17декември

Денес е комисијата на #17декември, што се состои од испрашувања на министрите кои нема да се прикажани. Да живее националната волја, да живее државната корупција.

За време на прес конфереција на 3 декември за одбележување на излегувањето на индексот, на која присуствуваше и авторот на Глобал Војсис, Оја Озарслан, претседателот на одборот на Транспаренси Интернешнал Турција, предупреди дека корупцијата претставува „систематски проблем“ во Турција, кој бара „систематски одговор“.

Во просторот од една година, случајот од 17 декември се претвори во прашање на основни човекови права и демократски вредности, таа додава.  

Други истражувања на Транспаренси Интернешнал сугерираат дека сепак, корупцијата се простира доста подалеку и од претседателот и неговиот внатрешен круг. Според Глобалниот корупциски барометар во 2013, 21% од анкетираните турски граѓани веруваат дека платиле мито на најмалку една институција од јавниот сектор во последната година. Дополнително, 61% од граѓаните веруваат дека да се има познаник во било која јавна институција претставува многу важен фактор за добивање на добри јавни услуги.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.