- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија – вечна

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Владеење, Медиуми и новинарство, Туризам, Уметност и култура, Филм

Македонија

На 24 декември, 2008 се случи претставувањето на промоционалниот спот за Македонија – „Македонија вечна (Macedonia Timeless)“.

Видеото е во сценарио и режија на Милчо Манчевски [1] и негова цел е да го промовира туризмот во Македонија. Видеото ќе биде прикажувано на CNN и неколку други земји на осум различни јазици. Исто така креирана е и специјална страница (www.macedonia-timeless.com [2]) со цел да ја поддржи кампањата.

Видеото е објавено под лиценца од Криејтив комонс Наведи извор-Без адаптирани дела 2.5 Македонија [3] и им овозможува на корисниците да го превземаат и објавуваат видеото на други сајтови. Македонија е една од ретките земји која ги применува лиценците на Криејтив комонс во својата интернет промоција, иако многу земји ги користат сателитските телевизии за да се промовираат.

Видеото брзо стана вест на денот и многу од блогерите го објавија на своите блогови и ја коментираа промоцијата и веб-сајтот [4]. Иако повеќето коментари на YouTube се позитивни, многу од блогерите имаа негативни импресии за видеото, особено откако ја дознаа сумата која е потрошена за неговото креирање (190 000 евра).

Кога видеото беше предложено [5] на Кајмак.от многу од корисниците го коментираа. Некои од нив напишаа:

Перо:
Добар е спотот од уметнички аспект, но не и од суштински аспект. […]

Злочко:
Ни на мене не ми се допаѓа спотот. Доколку смеам да си дозволам да критикувам личност со реноме како Манчевски, ќе кажам дека не видов апсолутно ништо туристичко во спотот.
Каде е селскиот туризам, кај се насмеаните домаќини како пречекуваат туристи, каде е екстремниот туризам, каде се плажите…?

Инаку, секоја чест на моментот со книгата. Тоа ми се виде најинтересно.

Археоблог објави [6] пост, инспириран од видеото, за ситуацијата со инкаминг (incoming) туризмот во Македонија:

[…] Ова е спот со кој би требало да се заинтересираат странците за Македонија како туристичка дестинација за да дојдат да ја посетат. Не ми смета толку што се премногу застапени мотиви од Охрид како и артефакти ископани во близината на овој град. Не ми смета премалку застапената исламската уметност и архитектура во Македонија. Ниту ми смета  тоа што на некој човек на кој му се непознати верските феномени во Македонија, многу е веројатно дека ќе добие погрешна слика за земја каде доминираат фреските и крстовите. Не ми смета дури ни што се многу работи прескокнати, оти за земја со богата традиција многу е тешко сето тоа да се смести во клип од 1 минута. […]

Она што ми смета е фактот кој вели дека во Македонија не постои  стабилна инфраструктура за инкаминг туризам. […]

Развигор го коментира [7] видеото од друг аспект:

За мене е исклучително важно што дигиталните верзии од новиот видео-спот за промоција на Македонија се објавени под лиценца од Криејтив комонс. [8]

Мислам (исправете ме ако грешам) дека е тоа прв пат во светот  една ваква работа на државно ниво да се објавува на интернет на ваков начин. А веројатно е и првпат еден режисер на такво ниво, со портфолио во кое стои и номинација за Оскар, да даде свое дело вака.

Кампањата на владата само што започна и ќе видиме дали реакциите на граѓаните се погрешни и дали видеото ќе ја постигне својата цел.