Во понеделник, 24 декември, главниот град на Македонија Скопје го потресоа насилни протести и контрапротести, поврзани со одобрувањето на државниот Буџет за 2013 година од страна на Парламентот (en, en).
Младинското Радио МОФ објави кратко резиме:
1. Непосреден повод за експлозијата на насилство (институционално и физичко) беше блокадата на донесувањето на буџетот во Собранието од страна на опозицијата. Опструкцијата таа ја спроведе со поднесување огромен број амандмани – метода што со месеци ефикасно ја демонстрира партнерот на ВМРО – ДПМНЕ во власта, ДУИ, во расправата за Законот за бранители. Опозицијата подготви план за штедење на 204 милиони евра во буџетот, за кои тврди дека власта ги планира за непродуктивни трошоци и луксуз. Најави дека ќе ги повлече амандманите, доколку Владата прифати да штеди. Од друга страна, владејачката партија застана на став дека со блокадата на буџетот, опозицијата ја урива државата и им ги ускратува парите кои им следуваат на пензионерите, примателите на социјална помош, земјоделците, студентите, уметниците… Двете страни непопустливо опстојаа на своите ставови, додека во изминатите денови се организираа низа протести против опозицијата, на кои се бараше заминување на Бранко Црвенковски од политиката. Демонстрантите се обединија во „Фронт за Македонија“.
Предложување скратување на трошоците претежно се однесуваше на новите градби во рамки на проектот Скопје 2014, заради кој градот беше доби титула „Балканска престолнина на кичот“ во меѓународните медиуми, благодарение на широко објавуваната сторија од Асошиејтид прес (en, ro, како и it). Еден од контрапротестите беше на „уметниците“, организирани од директорите на скопските културни институции кои работат на македонски јазик: театри, балетот и националниот ансамбл за фолклор. Кога беше прашана дали е нормално за театар што требало да чини 4,5 милиони евра всушност да се потрошат 27 милиони, со дополнителни 10 милиони буџетирани за 2013 година, Јелена Жугиќ, директорка на Театар „Комедија“ одговорила: „И во Франција се граделе замоци кога не течеле мед и млеко по улици“. Корисниците на социјалните мрежи веднаш ја споредија со злогласниот цитат од пред Француската револуција „Нека јадат колачи“ (анг. “Let them eat cake“).
Објаснението на Радио МОФ продолжи:
2. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски изминатиот викенд го врати буџетот на разгледување во Владата, која на експресна седница, со мали модификации го усвои и го врати во Собранието, овојпат заобиколувајќи ја Комисијата за финансирање и буџет. Буџетот се најде директно на пленарна седница. Овој начин на усвојување на буџетот досега не е забележан во парламентарната пракса, а опозицијата го отфрли како „уривање на Уставот, деловникот и законите“.
Блогерите TheRealPsmst и Горан Арсов се согласија, цитирајќи го Деловникот и други релевантни закони и прописи. Радио МОФ заклучи:
3. Приврзаниците на власта и опозицијата во ист ден најавија протести пред Собранието. Во тензична атмосфера и со силно полициско обезбедување, двете групи се држат на одстојание, додека разменуваат навреди, камења, јајца и јаболка. Околу дваесет учесници во протестите и 11 полицајци се повредени.
Еден од владините пратеници беше снимен на видео како провокативно маршира зад полицискиот кордон, прави безобразни гестови кон учесниците на протестот и им вика „Умрете! Умрете!“.
Во меѓувреме, во Парламентот [sq], обезбедувањето (подоцна се дозна дека било дополнето со припадници на МВР што е спротивно на законот) ги исфрли акредитираните новинари. Потоа беа исфрлени и повеќето oопозициски пратеници кои се обиделе физички да ја блокираат претстојната седница. Три пратеници завршија во болница. Потоа, новиот Буџет беше одобрен со 65 гласа „за“ и 4 „против“ од вкупно 123 пратеника. Протестот се растури потоа, освен осамен млад човек кој се соблекол пред полицијата и веднаш бил уапсен, за разлик од владините поддржувачи кои беа толерирани од полицијата.
Првите известувања од меѓународните медиуми (en, en) пропуштија да споменат дека случувањата во Парламентот опфаќаа и сериозно нарушување на слободата на изразување.
НВО Цивил – Центар за слобода го осуди насилството против граѓаните, нивните парламентарни претставници и новинарите [en, mk, sq]:
Во Македонија денеска се случува хаос и насилство. Незамисливо е службеници на обезбедувањето во македонскиот парламент физички да ги нападнат народните избраници од редовите на опозицијата, да ги тепаат и влечат по ходниците.
Пред очите на македонската јавност и светот, денеска во Македонија се суспендираа сите правила и принципи на демократијата, Уставот и законите.
[…]Владините претставници и парламентарното мнозинство, раководните структури на обезбедувањето и полицијата, како и насилниците од редовите на овие структури веднаш да му се извинат на македонскиот народ и да поднесат одговорност за своите постапки.
Синдикатот на новинарите одржа протест, а Здружението на новинари на Македонија ја објави следната изјава [en, mk, sq]:
Здружението на новинари на Македонија најостро го осудува денешниот инцидент во Собранието каде на насилен начин новинарите беа исфрлени од галеријата од каде ги следат пленарните седници. Со тоа грубо е прекршен Уставот кој ја гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите.
Наредбодавачите на овој срамен чин ја официјализираа цензурата и одлучија што смеат, а што не смеат да следат новинарите. Новинарите насилно избркани со ништо не ја предизвикаа оваа реакција на обезбедувањето, а ниту постоеше правен основ за нивно отстранување.
Бевме отстранети за да не бидеме сведоци на отстранувањето на пратениците од опозицијата од салата за седници. Ова е преседан кој не смее да помине неказнето.
Од овие причини Управниот одбор на ЗНМ ги прекинува разговорите со Владата се додека не се врати уставниот поредок во Македонија, и извршителите и наредбодавачите на ова срамно однесување не бидат откриени и казнети согласно законот.
ЗНМ ќе ги искористи сите правни механизми да ја заштити слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Исто така ќе ја алармираме целата домашна и странска јавност за случувањата во Собранието.
Во текот на денот и вечерта, на социјалните мрежи преовладуваше мрачно расположение, а луѓето изразуваа разочарување и одвратност. Карактеристичен блог-пост ги наведува причините „Зошто веднаш би заминал од државата“.
1 коментар