Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Македонија: Сатиричен блог го обвинува спорот со името за грчкиот банкрот

Сеад93, ценет македонски блогер и еден од највлијателните корисници на Твитер во земјата објави сатиричен напис кој, на еден начин ги сумира повеќето локални шеги за грчките финансиски проблеми и политичката ситуација во Македонија.

Пародирајќи го сензационалистичкиот стил и клишеата кои премногу и користат локалните медиуми, тој пиша за „скандалозно“ откритие:

Високи дипломатски извори за „Копи пејст“ њуз порталот и за прес агенцијата „Гугл транслејт“ потврдуваат дека зад банкротот на нашиот јужен сосед стојат високи политички функционери од Македонија.

Според овие извори кои, се разбира, побараа да останат анонимни, во тек се некои од последните фази на планот за банкрот на Грција смислен и внимателно спроведен од страна на Скопје, но со знаење и на опозицијата. Главниот „ороводец“ и конспиратор во овој план е првиот македонски претседател [Ќиро Глигоров]. Глигоров ѝ се има замерено на Грција уште од 90-те години заради ембаргото, но особено е зајаден со семејството Папандреу, односно Андреас Папандреу, таткото на доскорешниот грчки Премиер, [Јоргос Папандреу].

Планот се состоел од навлекување на Грција на големи трошоци во спорот за името и битката која се води по ова прашање. Една од клучните стратегии биле оперативните активности на специјалната единица „Предавници“ чии членови им се нуделе на Грците дека ќе се борат за нивните интереси во овој спор за високи парични надомести. Бројот на овие македонски оперативци за кои Грците верувале дека всушност работат за нив, и трошоците кои тие успевале да ги извлечат од грчката страна, де факто ја банкротира Грција, тврдат упатените.

Тие додаваат дека [проектот „Скопје 2014“] е дел од овој план кој имал намера да го дефокусира вниманието на грчката страна од вистинските цели. Додека Грците мислеле дека целиот отпор и ресурси на македонската страна се исцрпува со овој мегаломански проект, планот за постапен банкрот на Грција успешно се спроведувал. Дополнителни трошоци на Грците им направиле разните активности и лобирање против македонската страна, почнувајќи од Обединетите Нации, преку изборите за Мис, па сé до различни веб-страници, како на пример livescore.com, кои биле исплатувани да го избегнуваат нашето уставно име.

Во заклучокот на написот, авторот една до друга ги поставил фотографиите на Саво Климовски, правен експерт и поранешен претседател на Собранието на РМ и Лукас Пападимос, експерт по економија и тековен грчки премиер.

Саво Климовски и Лукас Пападимос, колаж од Сеад93.

Саво Климовски и Лукас Пападимос, колаж од Сеад93.

Финалната фаза од планот е поставување на „наш човек“ на чело на грчката Влада, велат овие добро информирани извори, кој треба да ја „заврши работата“. Засега се шпекулира дека оваа задача ја презел Саво Климовски, поранешен спикер на Собранието и професор на Правниот факултет во Скопје. Со благи корекции на неговиот лик, Климовски е „подметнат“ како „спасител“ на грчката економија и држава, но всушност се работи за клучен играч на македонската страна.

Дали овие информации се издржани и дали навистина Саво Климовски е новиот премиер на Грција оставаме на слободна проценка на нашите читатели со фотографијата која вреди илјада зборови.

По објавувањето, постов беше пофален од многу корисници на социјални медиуми, кои го споделуваа линкот преку Фејсбук и Твитер. Беше наведен и во изборот на највпечатливи блог-постови за ноември на веб-сајтот Кригла пиво, кои, според неговите автори, покажуваат дека „после подолг период на апстиненција и тапкање во место, последниве неколку месеци македонската блогосфера доживува повторен развој“.

Но, не сите жители на Македонија беа способни или желни да ги ценат иронијата и хуморот од овој пост, особено поради неласкавото споменување на екцесите на тековниот режим, според тековната владеачка логика „ако нема недвосмилена пофалба, тогаш мора да е противник“. Некои коментари од читатели на самиот пост се спуштаат до ниво на лични навреди (ad hominem).

Владиниот омилен медиумски лик Миленко Неделковски, еден од предизвикувачите на Бриселскиот инцидент (англиски), озлогласен поради јавна неказнета употреба на говор на омраза (меѓу другото и повици за „ликвидирање“ на луѓето кои ги прогласува за „предавници“ во неговата ТВ-шоу) го објави линкот на својот профил на Фејсбук со коментар што сугерира дека постот е дел од неков антимакедонски заговор.

Owly Images

Неделковски се смета за дел од кругот медиумски личности блиски до тековното раководство на земјата, кои служат за пренесување нанивните пораки или како тестери на идеи. Доказ за таа близина е фактот дека го придружувал премиерот (кој е чест гостин во неговата емисија) на официјалната турнеја за посета на Сингапур и Јапонија.

По објавувањето на веста за тоа, Владата објави демант со тврдење дека „новинарот Миленко Неделковски ја проследува наведената посета во сопствена режија, на сопствен трошок…“

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.