Ние сме Global Voices и одбележуваме 5 години постоење

Овој пост е прв од серијата кои ќе следуваат, со цел да се поддржи онлајн кампањата за донации на Global Voices. Доколку сакате да ја поддржите нашата работа, посетете ја нашата страница за донации. Ви благодариме!

—-

gv_bdayДиректорот на Rising Voices, Давид Сасаки напиша одлична ретроспектива за петтиот роденден на Global Voices. Пред пет години, Дејвид патувал низ Соединетите Држави, од Калифорнија до Хардвард, на еднодневна работилница за блогирањето во светот. Работилницата – нешто повеќе од структурирана сесија за нови идеи – била наречена „Global Voices“. Сајтот кој го читате денес, започна како блог кој Итан Зукерман и јас (Ребека Мекинон) го поставија при подготовки за работилницата. Нашата цел, многу едноставно кажано, беше да дискутираме како „блогирањето и алатките за блогирање може да им помогнат на луѓето од различни земји да водат позначајни и подиректни дискусии меѓу себе“. Еднодневната дискусија беше дел од Конференцијата за интернет и општество организирана од Беркман центарот за Интернет и општество на Харвард. Иститутот Отворено општество великодушно ни одобри финансии за да донесеме блогери од различни делови на светот. Го промовиравме настанот на интернет, и многу други – како Дејвид – само се појавија. Фала му на Бога.

Тука може да прочитате напис, кој го напишав по завршување на средбата. Тука е постот на Итан за „денот потоа“. Ние не направивме план за светска доминација – па дури ни разбирлив проект. Учесниците се договорија да постават вики сајт за да споделуваат информации, ИРЦ (Internet Relay Chat – IRC) за понатамошни онлајн средби и агрегатор од блогови од учесниците на конференцијата и други како нив, кои почнавме да ги нарекуваме „блогери кои поврзуваат“. Не бевме сигурни што ќе правиме понатаму.

Меѓутоа, една работа беше сигурна: критична маса од блогери со слични вредности се појавуваше околу светот. Изгледаше како добра идеја да „се поврзат точките“ (како што Џеф Ои кажа) помеѓу овие луѓе и да се создаде платформа за заедницата која се создаваше. Во наредните недели, кога се случуваше конференцијата, дел од учесниците ја користеа вики страницата за да ги конкретизираат заедничките вредности на задницата. Манифестот на Global Voices беше резултатот. Вреди да се вметне во целост во овој пост, бидејќи се што денес работи Global Voices се заснова на овие фундаментални вредности:

Ние веруваме со слобода на говорот: во заштита на правото за говорење и правото за информирање. Ние веруваме во слободен пристап до алатките за говор.

Токму поради тоа, ние ги охрабруваме сите што сакаат да го искажат своето мислење или да се информираат да најдат начин и да го направат тоа.

Благодарение на новите алатки, говорот повеќе не е контролиран од дистрибутерите и издавачите или пак од владата која би ја ограничила мислата и комуникацијата. Сега, секој може да ја почувствува силата на издаваштвото. Секој може да ја сподели својата приказна со светот.

Ние се обидуваме да изградиме мостови кои ќе ги поврзуваат луѓето, се со цел подетално да се запознаат едни со други. Ние се трудиме да работиме заедно и со тоа нашата работа да биде поефективна и помоќна.

Ние веруваме во моќта на директната конекција. Врската помеѓу индивидуалисти од различни светови е персонално, политичко и моќно. Ние веруваме дека конверзацијата кој не познава граници е од особено значење за слободна, праведна, просперитетна и одржлива иднина .

Иако продолжуваме да работиме и говориме како индивидуи, се трудиме да ги идентификуваме и промовираме нашите заеднички интереси и цели. Ние се стремиме кон меѓусебна почит, помош, учење и слушање.

Ние сме Global Voices

Ние сега имаме одличен мултинационален тим кој делува како раководство за различни делови од Global Voices. Но, душата на GV се илјадниците волонтери, кои користат време од своите работи, студии, семејни обврски за да помогнат да се создаде поотворена и попартиципативна глобална средина за дискусија.

GVgroupshot

Членови на заедницата на Global Voices на самитот во 2006 во Делхи, Индија. Фотографија од Џасе.

Деталната приказна за како Global Voices настана и како нејзините ограноци функционираат – вклучувајќи ги Rising Voices, Global Voices Advocacy и Global Voices Lingua – може да се најде на многу места, вклучувајќи ја и страницата За нас и ЧПП. Вести поврзани со проектот може да се прочитаат тука. Од 2004 имавме физички средби во Лондон (2005), Делхи (2006) и Будимпешта (2008). Се надеваме на наредна средба во 2010 (локацијата и датумот ќе бидат најавени наскоро).

Во 2006 Итан и јас напишавме напис за магазинот Nieman Reports, во кој се обидовме да ја објасниме врската помеѓу Global Voices и новинарството. Дејвид има уште еден пост за тоа како застапувањето и преведувањето се потребни за да им се помогне на луѓето да ги надминат пречките за да можат да говорат, да бидат слушнати и да слушнат други гласови.

Многу луѓе низ светот се фрустрирани бидејќи глобалните мејнстрим медиуми на англиски јазик, често ги игнорираат нивните земји или известуваат само за лошите работи или шират стереотипи. Тие го гледаат GV како корисна платформа преку која може да ги пренесат своите приказни и погледи до поширока глобална публика. Други се фрустрирани што нивните домашни медиуми не известуваат многу за случувањата во светот, го прават тоа лошо или ги изменуваат информациите за да одговараат на гледиштата на нивната влада, па затоа со преведувањето на содржината на GV на нивните локални јазици тие веруваат дека може да го подобрат сфаќањето на нивните заедници за светот. Други се фокусираат на помош на заедниците кои не ги искористуваат предностите на новите технологии за да ја пренесат својата приказна. Други се здружија во борбата против цензурата и потиснувањето на оние кои едвај го користат своето универзално право за слободно изразување според членот 19 од Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации.

Заедницата на GV не дозволи да се вовлече во бескрајни дебати за дали блогерите се или не се новинари или што значи интернетот за новинскиот бизнис. GV ниту се вмешува во аргументите дали интернетот ќе или нема да предизвика глобална демократија. Како заедница, ние сме позаинтересирани да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа со цел да се насочиме кон поконкретни проблеми: да пополниме некои од дупките во глобалните јавни дискусии и да направиме се што можеме за големата нерамнотежа и неправедност во глобалните медиуми. Како и да ја дефинирате оваа работа, ние веруваме дека она што го правиме има вредност и дека има влијание.

Ние сме благодарни дека низа од организации ја имаат оценето нашата работа како вредна за нивната финансиска поддршка. Имаме развиено односи со новински организации кои ја следат нашата работа и не бараат бидејќи – како и да го дефинирате она што ние го работиме – нашата заедница е корисен извор на глобални информации и свежи перспективи. Токму поради ова, Ројтерс овозможи голем дел од буџетот во нашите први три години и голем број на новински организации продолжија да работат со нашите уредници и да ги контактираат нашите волонтери за интервјуа. Иако не може да речеме дека комплетно ги трансформиравме глобалните медиуми, ние веруваме дека го привлековме вниманието на глобалните медиуми кон низа од приказни, кои во спротивно може да не беа опфатени, и донесовме свежа перспектива на бројни многу важни интернационални вести. Само ова направи да вреди трудот околу целата организација .

Уште повозбудлив е начинот на кој Global Voices влијаеше врз животите на нашите уредници, волонтери и членовите на пошироката заедница. Ние станавме место од каде одлична група од талентирани и грижливи луѓе мора да најдат исполнување, глобално признавање и поддршка од заедницата. Кликнете тука да прочитате за тоа како Rising Voices донесе поголема разновидност во националните и глобалните конверзации и што тоа значеше за индивидуите и заедниците вклучени во процесот. За да добиете слика колку се прекрасни нашите волонтери, прочитајте и слушнете некои од профилите наведени тука.

GV исто така имаше влијание на различни блогерски заедници низ светот со кој ние немаме формални односи – освен линкување и преведување некои од нивните блог постови од време на време. Еден пример: Итан неодамна опиша конверзација со млад киргиски блогер, Бектур Искендер за влијанието на дел од нашата работа врз Централна Азија.

Што може да произлезе од нешто подемократски, поотворени и попартиципативни глобални медиуми не е баш јасно. На состанокот во 2004, иранскиот блогер Хосеин Деракшан ја изрази својата надеж дека ширењето на граѓанските онлајн медиуми ќе ги направат општествата подемократски, а војната ќе стане потешка за оправдување од страна на владите. “Hoder,” како што е познат на интернет, е затворен веќе повеќе од една година од страна на режимот на Махмуд Ахмадинеџад, и сè уште не е јасно дали контактите помеѓу Ирачаните и Западњаците ќе бидат одлучувачки фактор во одлуката на САД за дали да го нападне Иран. Писатели како Евгениј Морозов тврди дека спротивно од раниот оптимизам за интернетот како демократска сила, диктаторите откриваат како да го користат интернетот за да ја зацврстат својата моќ и да го потиснат несогласувањето – и дека интернетот во многу земји е доминиран од манипулации, дезинформации и омраза. Други како Клеј Ширки и Патрик Мајер тврдат дека се уште постои причина за оптимизам. Сепак, други тврдат дека поголем дел од светот имаат други проблеми – како преживување – и сето ова погоре вклучувајќи ја и работата на Global Voices е нерелевантна за нив.

Пред пет години Ори Околох – која ја основаше успешната платформа за граѓанско известување Ushahidi – даде неколку коментари кои вредат да се разгледаат во овој контекст. Еве како јас известив за нејзините зборови тогаш:

Кенискиот блогер Ори Околох не очекува Африка да биде трансформирана од блогирањето во брзо време. Поврзувањето на дигиталниот јаз можеби е најмалиот проблем на Африка. Сепак, таа мисли дека блогирањето е важно – ако не за трансформација – за малиот број на Африканци кои блогираат. „За млади луѓе, ние не сме слушнати, ние немаме место во политиката или други области во Африка за да се изразиме себеси,“ вели Околох. „Мислам дека може да создаде форум каде младите луѓе ќе може да креираат свое место. Не мислам дека ќе ја смени политиката или да одлучи некои избори, но мислам дека може да ја заживее заедницата.“

Граѓанските онлајн медиуми создаваат нови форми на заедници на локално, национално и глобално ниво. GV стана врска меѓу кениската блогосфера и други блогери од целиот свет, кои имаат слични вредности.

Додека Global Voices се обидува да влијае на приказните кои ги известуваат традиционалните новински медиуми – од кои повеќето се однесуваат на одредена нација или регион – ние исто така градиме платформа за глобална дискусија и заедница од глобални граѓани кои дискутираат. Ние го користиме интернетот не за да избегаме од нашата човечност, тука да ја изразиме. Ние веруваме дека индивидуалните избори и акции прават промени. Дали интернетот повеќе ќе ги појача или ќе ги потисне луѓето зависи од тоа дали ние ќе преземеме одговорност за нашата иднина и ќе делуваме. Градењето на мултикултурна, повеќејазична заедница, фокусирана на специфични проекти насочени кон човечки вредности е еден чекор кон оваа цел.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.