- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Нова мобилна апликација Ноема сака да ја долови ‘недоволно употребената’ моќ на човековиот глас

Категории: Граѓански медиуми, Добри вести, Меѓународни односи, Младина, Образование, Технологија
Noema

Ноема

Асад Џамал Малик [1], 19 годишен Пакистанец, и Ларс Лаихтер  [2]од Чешка создадоа апликација за оперативниот систем на Епл која ќе им овозможи на корисниците да споделуваат интересни мисли, идеи и приказни во едноминутни аудио снимки. Модераторите на апликацијата дневно ќе ги одбираат најинтересните снимки, оние кои поттикнуваат на размислување, и ќе создаваат контролиран канал на мисли за корисниците.

Наречена Ноема [3], апликацијата е закажана за лансирање во петок, 25 септември 2015. Идејата за апликацијата се родила кога Асад, кој потекнува од Кевра, Пунџаб, Пакистан, добил двегодишна школарина од Светски обединети колеџи [4] за студирање во Холандија. Таму, Асад бил еден од основачите на школскиот Инкубатор за социјално претприемништво. Лаихтер му бил цимер.

Заедно, тие го осмислиле концептот на Ноема, но им недостигале потребните вештини да ја создадат. Штом се вратил во Пакистан, Асад изнајмил мал стан во Лахор и започнал да се учи себеси како да ја изработи апликацијата, работејќи деноноќно на истата.

Сега, Асад се здоби со целосна стипендија на Колеџот Бенингтон во Вермонт, САД [5] како признание на неговите претприемнички способности.

Noema

Ноема

Глобал Војсис зборуваа со Асад Џ. Малик за неговото искуство создавајќи ја Ноема.

Глобал Војсис (ГВ): Ти работеше напорно цела година за лансирањето на Ноема. К?

Asad Jamal Malik (АЏМ): Па, искрено, тоа е микс на повеќе чувства. Ние работевме на Ноема повеќе од една година до сега. Ова е најдолгото нешто на што сум работел досега. Ларс и јас не ги поседувавме потребните вештини за да ја реализираме нашата идеја кога започнавме. Голем дел од оваа година поминавме во учење на вештините и алатките потребни за создавање на производот. Речиси шест месеци јас се заклучив во еден мал изнајмен стан во Лахор за да можам да го научам програмскиот јазик Objective C (Обџектив Ц) во целосна изолација. Имаше концепти, повторувања, експерименти и мноштво на полноќни а-ха! моменти кога полни со емоции ја бришевме целата нашата работа за да започнеме од почеток. Но сега, конечно успеавме да и дадеме живот на нашата замисла во некаква форма. Чувството е како вистинско достигнување на лична цел, можноста да ја видам Ноема одобрена во продавницата за апликации. Научив неверојатно многу по пат и ова ќе придонесе кон тоа кој сум јас, засекогаш.

ГВ: Живееше дел од твојот живот на млад возрасен на интернационалната сцена, претставувајќи го Пакистан. Што научи од тоа искуство?

АЏМ: Јас бев награден со стипендија од Светски обединети колеџи во 2012 кога имав 16 години. СОК е група од 15 средни училишта од целиот свет која носи стотици студенти од различни држави заедно и ги учи за помирна иднина. Јас бев одбран за школата во Маастрикс, Холандија како претставник на Пакистан. Поминувајќи две магични години во прекрасно место со едни од најбистрите умови од преку 90 националности беше искуство кое го промени мојот живот за кое секогаш ќе се чувствувам должен. Тоа не беше, на никој начин совршено, но тоа што можеш да го научиш од средина која е толку културално разновидна е дека без разлика на различните позадини и минатото, луѓето имаат фундаментални сличности.

Ова место ми овозможи шанси кои се добиваат еднаш во животот, како што беше држење говор на настан на кој главен гостин беше Кралот на Холандија. Тука исто така се запознав и со мојот ко-основач Ларс Лаихтер. Живеењето и работењето со него е искуство кое нема паралела и без кое ништо од ова не би било возможно. За мене ѕидините на национализмост паднаа низ годините и веќе не се сметам себеси за претставник на Пакистан. Моите хоризонти се проширија и воглавно кога зборувам за „нас” мислам на човековиот вид.

ГВ: Ти го паузираше твоето формално образование додека развиваше вештини потребни за создавање на Ноема. Сега кога си назад во училницата, како се чувствуваш?

АЏМ: Причината поради која го напуштив формалното образование на една година беше чувството дека можам да научам многу повеќе на овој начин. Матурирањето во Пакистан не беше едно од попријатните искуства. Учење на материјата напамет и „бубање” факти е норма. Иако имав многу среќа што одев во училиште каде учителите се грижеа за наставата и охрабруваа поставување прашања, јас навистина сакав повеќе. Го пронајдов патот до Холандија барајќи го токму тоа, но бев само разочаран од сознанието дека релативно најдобриот систем на средни училишта во светот (International Baccalaureate) не беше доволно динамичен. Целиот мој живот сум учел повеќе надвор од училницата отколку во неа. Нема тронка сомнеж дека оваа година помината надвор од образовниот систем беше највредното искуство на учење во мојот живот досега. Во контекст на животно искуство, патување, репутација, располагање со вештини, ментална состојба, никогаш не сум бил подобар.

Сега се враќам повторно. Добив стипендија од престижна институција, Колеџот Бенингтон (рангиран 4 претприемачки американски колеџ од страна на Форбс) и неодамна започнав со полугодието со добра доза на возбуда. Колеџот е познат по заземањето на многу различен пристап кон образованието со давањето на слобода на студентите самите да ги дизајнираат нивните курсеви. Планирам добро да ги искористам сите ресурси кои ова место може да ги понуди и само времето ќе покаже дали моето мислење за колеџот ќе се промени.

ГВ: Што да очекува светот од Ноема?

АЏМ: Со Ноема се обидуваме да создадеме онлајн заедница заинтересирана за користење на поинтимен начин на комуницирање на интелектуално вредна содржина. Ние сакаме да обезбедиме лесно пристапна платформа за споделување на интересни идеи помеѓу луѓето. Во исто време, претпоставуваме дека таа ќе им даде на луѓето можност да го зголемат своето знаење, на начин кој е забавен и без дополнителен напор.

Во сржта на Ноема лежи моќта на човечкиот глас. Ние веруваме дека гласот и говорот се едни од најбогатите канали на изразување познати на луѓето. Историски, тие се недоволно утилизирани во онлајн просторот поради ограничувањата на податоците. Светот сега се менува, и интернет брзините постепено овозможуваат полесно стримање на аудио содржини. Сакаме повеќе луѓе да се чувствуваат комфорно користејќи го нивниот глас бидејќи комуницирањето на идеите, мислите и приказните користејќи го сопствениот глас е многу впечатливо искуство. Слушајќи некој од другата страна на светот како зборува за нејзините искуства и најценети мисли е неверојатно искуство кое не остава занемени.

Големата идеја, сепак, е со „прикачувањето” на следниот билион луѓе на интернет, гласот ќе игра критична улога. Многу од овие луѓе доаѓаат од средина на неписменост каде читањето и пишувањето не се норма и секојдневие. Тие доаѓаат од култури каде пишувањето не е добро етаблирано, но постојат многу богати усни традиции. Ние се надеваме дека Ноема ќе им овозможи на нив да го споделат знаењето кое се пренесувало усно од една до друга генерација и со нас.

ГВ: Кои се твоите очекувања од апликацијата?

АЏМ: Иднината е секогаш неверојатно возбудлива. Сега сум во сосема ново место и моментално истражувам можности за насоки во кои би можел да се движам. Ние имаме многу интересни идеи за Ноема штом работите започнат да се движат. Технологијата и нејзиниот неверојатно брз развој станаа мој голем личен интерес. Моментално ја разгледувам Антропологијата на киборзите, односно науката за интеракцијата помеѓу луѓето и технологијата, и веќе учам работи како филозофијата на приватноста на универзитетот. Иднината на нашиот вид е возбудлива и можностите се бесконечни. Едвај чекам да ја одиграм мојата улога во оформувањето на насоките по кои ќе се движат работите. Исто така од мене можете да очекувате уште многу производи кои имаат за цел ништо помалку од менување на човековата состојба. Но, за сега, многу сме возбудени за лансирање на нашето кревко првенче наречено Ноема низ турбулентните води.

ГВ: Дали имате планови да ја лансирате апликацијата и на други оперативни системи за мобилни телефони, како што се Андроид, Блекбери, Виндоус, итн.?

АЏМ: Ние сме помеѓу голем број на апликации кои ја одржуваат традицијата на првично лансирање на iOS. За ова има многу технички и не-технички причини. Андроид е премногу фрагментиран и отворен за прво лансирање. Одобрението на Продавницата за апликации на Епл додава на кредибилноста на апликацијата бидејќи тоа е тежок процес. Речиси се може да се прикачи на Продавницата за апликации на Гугл. Имајќи го тоа предвид, сигурно ќе започнеме со работа на Андроид апликација штом онаа на iOS започне со работа и си го пронајде местото на пазарот. Немаме планови за Блекбери и Виндоус.

ГВ: Како планирате да се справите со повеќејазичност во апликацијата Ноема? Или истата е дизајнирана само за англиското говорно подрачје?

АЏМ: Ноема, на почетокот ќе се користи само на англиски, бидејќи за нас тоа беше најлесното место да започнеме. Сепак, ќе пуштиме во употреба и функционалности зависни од јазикот штом истиот се здобие со повеќе содржина и интерес. Ова би значело дека корисникот ќе и каже на Ноема кои се јазици тој/таа ги владее и искуството ќе биде прилагодено според тоа. Исто така би сакале да експериментираме со преведување на мисли кои ќе се покажат како многу влијателни.