- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Унгарија: Насилство „зад врата“

Категории: Источна и Централна Европа, Унгарија, Владеење, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Жени и род, Закон, Политика, Протест, Човекови права

„Во Унгарија, најмалку една жена умира неделно, како резултат на семејно насилство“, рече Кристина Морваи [1] за Central Europe Review [2] во 2001, кога ја објави нејзината книга „Teрор во семејството“, додека работела како директор на канцеларијата на Фондацијата за правата на жените и децата во Унгарија (сега таа е член на парламентот делегиран од партијата Јобик [3] ). Горенаведениот факт беше објавуван повеќепати во унгарските медиуми, но изгледа дека ништо не се сменило и во 2009.

Во јануари годинава, за време на дебатата за воведување на нов закон против семејното насилство, унгарскиот Спектрум објави блог [4]:

Претседателот Солиом не изгледа премногу загрижено и покрај тоа што, според унгарските социолози секоја недела најмалку една жена умира како резултат на семејното насилство. И во оваа статистика не се вклучени старите луѓе и децата кои се злоупотребувани или дури и убиени. Имаше нешто во книгите, намерно поврзано со ова прашање, но беше целосно неефективно. Полицијата не може да делува на лице место и може да поминат недели пред случајот да заврши на суд. За тоа време, жалителот може да умре. Уште повеќе, полицијата ретко дејствува. Тие, едноставно не сакаат да се вмешаат во „семејните кавги“. На пример, тотално бескорисно е да се повикува полицијата и да се пријавуваат закани. Одговорот беше: се додека нема крв нема да се презема акција. Се сеќавам на еден специфичен случај кога слични закани беа упатени кон едно девојче од страна на едно момче. Семејството на девојчето го пријави случајот. Полицијата не направи ништо. Неколку дена подоцна девојчето беше мртво. […]

Поради одбивањето на законот, во јануари [5] од Ласло Солиом [6], унгарскиот претседател, законот беше сменет и унгарскиот парламент го изгласа повторно во јуни а стапи на сила во октомври. Законот, во којшто беше променета регулативата за ограничување на слободата на движење на лице осудено за извршување насилен чин е сè уште критикуван [7] (унгарски) за неговата недоволна ефективност.

Месецов, унгарските НВО се придружија на [8] (унгарски) кампањата 16 дена Активизам против насилството меѓу половите [9]. Амнести Интернешенал Унгарија почна настан на Facebook [10] каде што ги објавија своите две видеа од кампањата во 2005.

Насловувајќи го својот пост со новата песна на унгарскиот пејач Zséda, која се занимава со домашното насилство („Зад врата“), tegla07 го напиша ова [11] (унгарски) на својот блог:

[…] Одиш по улица и немаш друга можност: или си еден од нив или не. Не можеш да направиш нешто друго. Не можеш да бидеш независен – меѓу нив си или пак до нив. Но, многу луѓе, а меѓу нив има многу повеќе кои се обидуваат да живеат како ништо од ова да не постои. Се додека не се дознае дека и најдобрата другарка или и нејзината другарка,и колешката и чистачката или секретарката и директорката, наставничката се тепани дома….

И зошто? Секоја ситуација е различна, сечија вера е различна, но…Но има правила, кои имаат граници кои пак, не може да се пречекорат. Има ситуации кога „зошто“ паѓа и не се може да се размисли и најчесто да се суди.

Не се суди некого поради неговата „слабост“ (Слабост? Таа застанува зад нешто што ти, веројатно, никогаш не би бил способен да го направиш), заради „немоќта“(Немоќ? Таа секое утро повторно се гради себеси од ништо)… Ако некој е повреден не се поставува прашање. Треба да стигнеш таму, каде и да си. Мораш да ја гушнеш, да и покажеш дека вреди. Да и покажеш дека заслужува нешто друго […]

Никој, никој не ги заслужува таквите шлаканици. Никој, никој не смее да мисли дека има сопствен закон во своето семејство. Никој, никој не смее да ја одмине понижената жена. Никој нема право да ја озборува повредената жена… Кога ќе го разберете ова?