Кенискиот премиер Раила Одинга побара да се уапсат сите хомосексуалци во Кенија. За време на говорот кој го одржа во неговата изборна единица Лангата, г-ин Одинга изјави дека соодветни законски мерки ќе бидат преземени против геј мажите и лезбејките, бидејќи државата повеќе не може да го толерира ваквото однесување. Capital FM ја цитира неговата изјава, „Државата нема да го толерира ваквото однесување. Уставот е јасен по ова прашање и ниеден маж или жена со хомосексуална ориентација нема да биде поштеден.”
Блогерите ја искажаа својата вознемиреност и вџашеност од ваквиот став на премиерот кон геј и лезбејската популација. Блогерот Gay Nairobi Man објаснува дека со новиот Устав ќе биде невозможно да се уапсат хомосексуалците и дека кенискиот кривичен закон воопшто не го спомнува лезбејството:
Исто така, не постои закон кој го забранува хомосексуалното однесување (што и да значи тоа). Законот на кој можеби мисли премиерот е кривичниот закон кој се однесува на сексуални односи помеѓу два мажи (таканаречените закони против содомија), но хомосексуалноста не е никаде спомената. Геј активистите одржуваат јавни средби и имаат регистрирани организации со цел да се борат за правата на геј популацијата и немаат прекршено ниеден закон.
Според ова, можеме да претпоставиме дека она што Раила сака да каже е дека хомосексуалците ќе бидат уапсени доколку имаат сексуален однос со лице од ист пол. Единствен начин ова да се случи е ако имате секс на јавно место – а ова се однесува исто и на хетеросексуалците. Ако полицијата се обиде насилно да влезе во мојот дом за да ме фати со мојот дечко, ќе ги нападнам со толку прекршени закони (вклучувајќи наведување на кривично дело, правото на приватност итн.) што нема да можат да го истераат случајот против мене.
Во говорот Раила продолжи да зборува за лезбејството. Изненадувачки е тоа што Раила изгледа не знае дека лезбејството не се спомнува ни осудува никаде вo кривичниот закон. НИКАДЕ. Така што, ваквите изјави само ја покажаа незапознаеноста на премиерот со кенискиот закон.
Pierre Le Roux, блогер од Јужна Африка, прашува, „ќе исчезне ли некогаш институционализираната хомофобија во Африка?“:
Изгледа дека институционализираната хомофобија нема намера наскоро да ичезне. Во некои делови од Африка хомосексуалците сè уште се малтретирани заради политички цели, додека пак во други луѓето ѝ вртат грб на ГЛБТ заедницата секогаш кога тоа им оди во прилог.[…]
Кениската коалиција на геј и лезбejската популација изјави дека од неделата имаат добиено многу повици од членови на ГЛБТ заедницата кои се загрижени дека ќе бидат уапсени или ќе паднат жртви на изнуда на пари од луѓе кои им се закануваат дека ќе ја издадат нивната хомосексуалност, или ќе се соочат со државни службеници кои ќе сакаат да ги уапсат.
Тамаку, приврзаник кон премиерот, го потсетува г-ин Одинга за неговото ветување за „Нова Кенија“ каде државата нема да врши контрола врз приватните животи на луѓето:
[…]говореше за Нова Кенија каде приватните животи на луѓето нема да бидат контролирани од државата, а ние го поддржавме бидејќи мислевме дека е политчар со издигнат дух.{…}
Ќе може ли премиерот во друга изјава да појасни како полицијата ќе ги распознава хомосексуалците пред да ги уапси? Зар отсега натаму ќе биде прекршок ако двајца мажи споделат пијалок заедно, иако ниту еден од нив не е женет? Зар полицијата сега ќе прави патроли низ цела држава во комбиња со натписи „Владина единица за ректална проверка“? А кога ќе идентификуваат некого како хомосексуалец, дали ќе го пратат на кениската колонија на Марс, бидејќи нели хомосексуалноста се смета за нешто „неафриканско“ и „неприродно“? Навистина би сакал да ја тргнам настрана целата оваа приказна и да ја прифатам само како евтин политички трик за добивање поддршка од јавноста во истата недела кога дознавме за владини службеници инволвирани во трговија со дрога, што морам да признаам дека е неетично и недолично однесување од страна на владиниот кабинет.
Ставањето на геј популацијата зад решетки само поради нивната сексуална ориентација е прекршување на човековите права и тука нема простор за дискусија дали е исправно или не/природно или неприродно – Gige Nyaga тврди:
Тука не станува збор за тоа дали да бидеш геј е погрешно или не/природно или неприродно! Треба да се запрашаме дали сексуалната ориентација треба да биде основа според која некој е сместен зад решетки или како што добриот премиер вели „да биде предаден на одговорните власти“. Може да кажеме дека денес сексуалната ориентација е дел од човековите права и она што го тврди премиерот може да се земе како прекршок на овие права, особено бидејќи човековите права поврзани со сексуалната ориентација се засновани врз еднаквост и недискриминација чијшто прекршок, според нашиот Устав, е строго казнив!
RayRae напиша писмо упатено до премиерот:
Почитуван премиере,
Се надевам дека сте добро и со добро здравје. Би сакал да ви кажам дека сум крајно разочарана од вас, бидејќи гласав за вас со надеж дека ќе ги слушнете моите повици, дека мојот живот ќе се промени благодарение на подобреното образование, дека мојот стандард на живеење ќе порасне и дека економијата на мојата земја ќе биде земена предвид.
Сега кога сте на власт ја користите моќта која ви е дадена да ме повредите и да го згаснете мојот дух на Кениjka. Што ако бев ваша ќерка, зар ќе ме скриевте и пак ќе баравте да ме убијат? Како може да не правам зло никому, а сепак да го прекршувам законот? А што е со оние бандити кои убиваат ладнокрвно? Што е со оние кои ги силуваат нашите млади девојки и потоа ги убиваат или ги оставаат да живеат во доживотна мизерија?
Railahomophobia твитови:
Клучниот збор на оваа тема на Twitter е #Railahomophobia. Zawadi ги повикува активистите да им се придружат на Кенијците во борбата против хомофобија“
Придружете им се на Кенијците на #WorldAIDSDay и бидете дел од #PreventionRevolution и спречете ја #RailaHomophobia http://bit.ly/g2rASe #takebackthetech
KeneMwikya им се заблагодарува на блогерите кои пишуваа за RailaHomophobia:
Фала ви на сите кои пишувавте на вашиот блог за #railahomophobia, би сакал и јас да пишувам. но јас сум далеку од дома, фала ви
Зар не е Раила Одинга само лошо разбран?:
Премиерот денес ќе даде изјава каде тврди дека медиумите лошо ја разбрале неговата порака – она на што тој сакал да каже е дека бракот помеѓу геј лица е нелегален #Railahomophobia
Епа, да ги слушнеме неговите лични зборови:
Неговата изјава! Слушнете сами http://bit.ly/eeakBI Можно ли е премиерот да е само лошо разбран? #RailaHomophobia #takebackthetech
Зошто Барак Обама е пријателски настроен кон овој одвратен човек?:
Кенискиот премиер Раила Одинга зборува за геј популацијата: „Ќе ги притвориме“ – Зошто Барак Обама е пријателски настроен кон овој одвратен човек? http://goo.gl/V0tc0
Можеби неговата изјава е всушност благослов во завиена форма?:
Сепак можеби треба да му се заблагодариме на кенискиот премиер за ширење на пораката за Денот против сидата, 1 декември.
Kenyan Pundit се прашува:
Зар не треба фокусот на премиерот да биде свртен кон корумпираните членови на неговиот кабинет? Кенискиот премиер Раила Одинга наредува апсење на геј двојки:http://bit.ly/iindL9