- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија: Распеани скопјани

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Дигитален активизам, Музика, Уметност и култура

Ад-хок хорот „Распеани скопјани“ го сочинуваат граѓани кои ги искажуваат свoите мислења за општествени прашања преку песна. Тие се среќаваат секоја недела на различни локации низ престолнината на Република Македонија и снимаат музички видео-клип, кој потоа го објавуваат на Јутјуб-каналот на активистичката група „Плоштад слобода [1]“.

Репертоарот на хорот е исполнет со хумор. Ја имаат изведено детската песна „Ние сме Македонци [2]“ на државниот празник Денот на македонската револуционерна борба, а пред Грчката канцеларија за врски (де факто амбасада) ја имаат отпеано „Дирлада [3]“, песна во која се зборува за летна љубов помеѓу момче од Македонија и девојка од Грција која наидува на тешкотии поради визниот режим.

Во малку потемен тоналитет, „Распеаните скопјани“ исто така ја испеале „Убиј ме“ од скопскиот бенд „Бернајс пропаганда [4]“, која ги содржи следните стихови:

Не сум како тебе,
немам иста боја,
омразата е твоја

Не сум како тебе
затоа у-б-и-ј м-е
убиј, убиј ме.

…за да го искоментираат тепањето на студенти на плоштадот Македонија [5] во Скопје во Април 2009.

Најновиот настап содржи исполнување на „Песната на дрвосечачот [6]“ од Монти Пајтон, на булеварот „Илинден“ каде што пред неколку месеци градоначалникот на Скопје предизвика огромна болка и фрустрации [7] меѓу обичните граѓани кои беа шокирани со нетранспарентното и неотчетно сечење на дрвјата.

Информацијата за активностите на „Распеани скопјани“ како иновативен извор на коментари се шири главно преку социјалните медиуми, особено преку Фејсбук. По неколку недели и традиционалните медиуми почнаа да пишуваат за нив: пред неколку дена Дневник објави напис за нив [8].