Др. Џин Гурли, доктор и блогер од Сан Франциско, веќе два пати го посетила Хаити од земјотресот од 12-ти јануари, за да помогне како волонтер. Времето на нејзината втора посета се совпаѓа со епидемијата на колера која однесе стотици животи и илјадници хоспитализирани откако на 19-ти октомври 2009 бил регистриран првиот случај. „Колерата е смртоносна инфекција со разурнувачки последици,“ пишува `док` Гурли (како што е позната во блогосферата):
Можеш да умреш за 3 часа, време кое е потребно дијарејата да ги исфрли сите течности од телото. Во февруари дознав дека дијарејата на Хаити е вистинска табу-тема на социјално ниво. И не е толку изненадувачки податок, ако помислите на реалноста, на условите во кои се наоѓаат оние кои живеат на паркинг, без тоалет, опкружени со стотици други луѓе. Сега постои загриженост дека епидемијата на островот е донесена токму од волонтерите од целиот свет дојдени да помогнат. Освен стотиците жртви од оваа епидемија (информациите зборуваат за бројка од 200 до дури 500 жртви, според руските агенции), колку може таа да влијае на свеста и волјата на волонтерите?
`Док` Гурли се обидела да најде некаков клип на интернет кој ја објаснува оралната рехидрација (ORT) за да послужи како помошна терапија за нејзините колеги и пациенти. Познавањето на основите на оваа терапија спасува животи, ако се земе предвид дека најголемиот број жртви умираат поради дехидрација. Докторката ги потсетува своите читатели дека дури и во средина како Хаити, ваквите снимки можат да бидат корисно средство за информација: „Луѓето тука користат мобилни телефони, пишуваат СМС, имаат мејл адреси. Волонтерите користат мобилни телефони од последна генерација со кои може да се снимаат клипчиња, а и островјаните сакаат да ги гледаат на малечките екрани, исто како и ние овде.“
Кога не успеала да најде ништо корисно за нејзината цел, освен некакво клипче на јазикот хауза и уште неколку други кои биле повеќе реклами за енергетски пијалаци, док Гурли собрала неколку пријатели и го снимила ова видео. Во него речиси и да нема зборување, значи разбирливо е за секого и поучува како да се подготви раствор за орална рехидрација со „состојки кои може да ги најде и оној кој живее во шатор“, со чиста флаширана вода и капачиња:
4 капачиња шеќер, 1 капаче сол, 500 мл. чиста вода = живот