- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Австралија: Чекор поблиску до бракови од ист пол?

Категории: Океанија, Австралија, Граѓански медиуми, Жени и род, Политика, Хомосексуални права (ЛГБТ), Човекови права
[1]

Адам Бранд, пратеник од Партијата на Зелените (Фото: Википедија)

Австралискиот парламент моментално дискутира за нацрт-законот, поднесен од група граѓани, за бракови од ист пол. (Нацрт-законите поднесени од група граѓани се предлог-закони кои не се поднесени од страна на владата. Пратениците можат поединечно да гласаат според нивната совест, во зависност од политиките на нивната партија во однос на тоа прашање.)

Овој нацрт-закон не е предложен за промена на правната рамка, туку чисто за консултација со јавноста:

Владејачката Лабуристичка партија на Австралија не ги поддржува ваквите законски решенија, но истата е под притисок да ги промени своите позиции:

Лабуристите, на нивната национална конференција во 2009 година, се согласија да не ги поддржат геј браковите, а премиерот Џулија Гилард го елиминира пратеничкото право на глас според сопствената совест по ова прашање.

Но сега, Лабуристите го поддржуваат предлогот на Зелените, според кој, секој пратеник треба да разговара со граѓаните во својата изборна единица за геј браковите.
Лабуристите ја актуализираат темата за геј браковите. [2]

Многумина во блогосферата Оз имаат цврсти гледишта. Гласањето според совест, „Политика за човекот“ го анализира ова прашање во детали, расправајќи притоа за неговата важност и итност:

Сè додека владата ја поддржува дискриминацијата, неуморната работа на оние кои вложуваат време, пари, а понекогаш и своите животи, што е страшно, само за да изградат доверба, односи и почит меѓу сите Австралијци, без оглед на нивната сексуалност, ќе продолжи да биде поткопана.
Истополови бракови – да, тоа е толку важно [3]

Јаин Хол ги излага своите мисли од неговата Дупка во песокот:

Доколку истомислениците на Адам Бранд се толку сигурни дека заедницата ќе ја поддржи нивната позиција, тогаш зошто не се залагаат за ставање на јавно гласање преку референдум? Па, можеби тоа е поврзано со фактот дека иако повеќето луѓе го поддржуваат правото на секој да има секс со кој било согласен возрасен граѓанин, како и правото да основа каква било форма на домаќинство, изгледа дека тие се прилично задоволни од дефиницијата за брак во актуелниот Закон за брак и не гледаат причини за промена на истата.

Тврдењето дека залагањето за геј браковите е само заради „љубов“ е чиста глупост [4]

Во објава на Мензис Хаус, „заедница за конзервативни, десно од центарот ориентирани и слободоумни мислители и активисти“, Марк Шарма го напаѓа лидерот на Зелените, Боб Браун:

…Зелените постојано го свртуваат вниманието кон геј браковите и со тоа ги повредуваат австралиските семејства. Зошто сенаторот Браун го прави сево ова? Единствената претпоставка што може човек да ја донесе е дека Зелените сакаат да ја ослабат нашата економија со данок на јаглерод и да го уништат нашето општествено ткиво со геј браковите. Заслабната нација би можела да послужи како лансирана рампа за комунизам.
Закани за Австралија [5]

Во Работа, љубов и игра, „дискусија за политиката и културата на семејствата со истополови родители“, дискусијата на Џенифер Пауер започнува со едно испитување на јавното мислење:

Секое ново анкетирање покажува дека мнозинството од јавноста во Австралија ги поддржува геј браковите. Сепак, едно неодамнешно истражување на Рој Морган покажа дека ставовите во однос на хомосексуалноста варираат многу драматично во различни делови на земјата. Избирачите од градските подрачја имаат позитивни ставови во однос на хомосексуалноста, додека оние кои живеат во руралните средини имаат негативни ставови, што не е изненадувачки…

Да се биде или не [6]

Во СИЛНИ МИРНИ ТИПОВИ – МАШКИ РАБОТИ, Ултимо 167 гледа конкретен проблем кај руралните избирачи:

Актуелната дебата за геј браковите укажува на тоа зошто хомофобијата е толку силна и присутна…
…животот знае да биде навистина суров за секој педер кој живее надвор од големите градови на Австралија…

Отпорот на двете големи политички партии за поддршка на геј браковите e предизвикан речиси само од одреден број избирачи од надворешноста.

…Велам, како може хранењето на нетолеранцијата да е адут за одбрана на човековите права?
Модели на геј омраза ширум Австралија [7]

Сеавстралискиот Филип Мегјуир го појаснува своето гледиште во воведната реченица:

Дебатата за небитието на геј браковите е повторно со нас.

Тој го восприема бракот како хетеросексуална заедница за одгледување на деца:

…омаловажувањето на репродуктивните аспекти на бракот од страна на хомосексуалците и останатите е навистина штетно. Генерацијата „јас“ е повеќе загрижена за правата на поединците отколку со групните права на децата, на пристоен дом и семеен живот.
Дискусијата за „браковите“ е повторно актуелна. [8]

На мирен живот со мачка, Керин Голтсворти воспоставува врска помеѓу бракот и создавањето потомство, прашање очигледно покренато од страна на пратеникот Филип Рудок:

Значи: Дали Рудок смета дека не само гејовите и лезбејките, туку ниту една жена во неплодна возраст, како и никој неплоден човек, независно од полот, не смее да стапи во брак? И да ја доведеме неговата забелешка до логичен заклучок, дали тој мисли дека секој постоечки брак во кој еден од сопружниците не може да создаде потомство треба да се растури?
Ова не е правилно, нели? Или е? [9]

Вилијам Костакис, автор на романот Презирајќи ја Лола, има и искуство и силни чувства на кои може да се повика на својот самонасловен блог:

Доколку имате двајца родители, било да се од спротивен пол, било да се геј, кои ве сакаат и поддржуваат, и ве одгледуваат, тогаш знаете што? Дека, на крајот на краиштата, тоа е тоа што е важно. Видете, смешно е тоа што моите две родителки ме учеа да почитувам и прифаќам различности. Татко ми ме учеше да ги сокријам своите пари на име на мојата нова сопруга за да ги избегнам родителските обврски.
Драг Глупак [10]

Доколку има промени, тие сигурно ќе се одвиваат бавно. Ќе биде интересно да дознаеме што им кажале избирачите на своите пратеници. Или пак тоа ќе биде случај во кој ќе го чуете она во што верувате?