- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Лажеа се додека не почина: Замбија ја обелоденува болеста на претседателот кратко пред неговата смрт

Категории: Супсахарска Африка, Замбија, Владеење, Граѓански медиуми, Здравје, Најважни вести, Политика
Zambia's Supreme Court reserves ruling in presidential petition case, February 17, 2009, photo by Harrison Tuntu. Lusaka, Zambia. Demotix. [1]

Врховниот Суд на Замбија ја отфрли петицијата за прекинување на владеењето на претседателот, 17ти февруари, 2009, фотографија на Харисон Тунту. Лусака, Замбија. Demotix.

Неинформирани за болеста на нивниот лидер, граѓаните на Замбија беа повеќе лути отколку шокирани кога дознаа дека оваа недела петтиот претседател на државата, Мајкл Сата, нагалено нарекуван Кралот Кобра, почина [2] во Лондон на 28ми октомври.

Власта неодамна ја обелодени веста дека претседателот е болен, чекајќи до 20ти октомври, четири дена пред 50тиот Ден на независност на Замбија, кога Сата мораше да биде евакуиран во В. Британија за итен медицински третман. Тогаш, кабинетот на претседателот изјави едноставно [3]:

Неговата Екселенција, г-динот Мајкл Чилуфја Сата, претседател на Република Замбија, синоќа замина на медицински преглед во странство […] Првата дама д-р Кристин Касеба, неколку членови на семејството и неговиот портпарол го придружуваат шефот на државата.

Ова не беше првото вакво патување на претседателот за средба со странски доктори, но беше првпат властите да признаат за медицинските потреби на Сата. Во минатото, неговата администрација ги негираше гласините [4] од членови на кабинетот за неговото влошено здравје, тврдејќи дека Сата е добар и зафатен со работа [5]. Во текот на годинава, владата пренесе на новинарите дека Сата поминал работен одмор [6] во Израел, иако подоцна израелските медиуми објавија [7] дека тој бил таму за медицински услуги и третман.

Интригирачките односи со јавноста на владата на Замбија не поминаа незабележани на социјалните мрежи. На Фејсбук, Б.М. Џермејн Сикомбе ја репродуцираше нејасната изјава [8] на кабинетот на претседателот во која се соопштува за смртта на Сата. Сикомбе се потсмева на изборот на зборови, повикувајќи ги властите да превземат одговорност за неинформирањето на широката јавност. 

Како што знаете, неговата Екселенција г-динот Мајкл Чилуфја Сата, претседател на Република Замбија
користи медицинска нега во Лондон, во Обединетото Кралство

Тој замина од Замбија во придружба на првата дама и други блиски членови на семејството на 20ти октомври, 2014.

Сепак, со тешко срце ви се обраќаме денеска, да ја информираме нацијата дека нашиот сакан претседател и лидер, неговата Екселенција, г-динот Мајкл Чилуфја Сата почина.

Сикомбе пишува [9]:

И тогаш некој мора без било какви емоции во некоординирана изјава да ја започне со …… “Како што знаете, неговата Екселенција г-динот Мајкл Чилуфја Сата,…..”.

што знаевме, кој ни кажа дека е во Лондон — дали можеме отсега па натаму да го запреме ова лудило?

На неговата Фејсбук страница, Емануел Мвамба, бивши портпарол на вториот претседател на Замбија, починатиот Фредерик Чилуба, напиша [10]:

Кога Замбијците беа соочени со тажни фотографии на изнемоштен претседател, очигледно во лоша здравствена состојба, во април 2014, кои веднаш разбудија чувства на грижа и анксиозност, владини претставници ги минимизираа грижите.

Министерот за надворешни работи Хери Калаба редовно пушташе смешни изјави до Радио Феникс како што е „преиспитувањето на здравјето на претседателот Сата од опозициските лидери е малициозно“. „Сата ќе ги надживее неговите непријатели кои сакаат да го видат мртов“, „Претседателот Сата ужива во најдобро здравје”.

За грижа беше и начинот на кој патуваше претседателот Сата; Јужна Африка, Индија, Обединетото Кралство и Израел – со премолчување и на таинствен начин.

Неодамна нацијата со задржан здив гледаше кога претседателот Сата ја отвори четвртата сесија на парламентот на 19ти септември 2014. Тој изгледаше сериозно лошо.

Сата исчезна од очите на јавноста [11] минатиот јуни, откако се сретна со делегација на високи кинески власти. Тој накратко се појави на официјалното отворање на парламентарните сесии 2014-2015, каде не успеа [12] да го прочита неговиот подготвен говор. Тој потоа отпатува до Њујорк да се појави пред Генералното собрание на Обединетите нации, но го пропушти [13] доделеното време да го одржи својот говор.

Јавните изјави на замбијските власти подеднакво погрешно наведуваа [14] за здравјето на Леви Мванаваса, третиот претседател на државата, кој умре за време на неговиот мандат од мозочен удар во 2008. Додека Мванаваса беше во болнички кревет, неговиот заменик-претседател, Лупандо Мвапе, прославено им соопшти на медиумите дека претседателот џогира во Лондон.

Во јуни 2008, претседателот Мванаваса колабираше на средба на Афричката унија во Египет. Тој беше пренесен во Франција, каде почина по неколку недели [15].