- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија: Одговор од МВР на покана за дебата

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Закон, Младина, Политика, Протест, Човекови права

Овој пост е дел од специјалното покривање на протестите во Македонија во 2011 год. [1] (на англиски јазик).

Одговорот од Министерството за внатрешни работи на поканата за јавна дебата на тема „Преку граѓански активизaм и реформа на Министерството за внатрешни работи до подобро општество“, организирана од движењето против полициска бруталност, предизвика огорченост кај корисниците на социјални медиуми од Македонија.

Активистите од Движењето против полициска бруталност организираа [2] јавна трибина, на 9 ноември 2011 година, во ГЕМ клубот [3] во Скопје, со цел

…ги анализира и дебатира последните случувања во јавноста, позитивните и негативни страни кои доведоа до првите посериозни граѓански протести и барања за реформи во Македонската полиција, и поголемо почитување на човековите права. Начинот на изразување на револт кај младите и барањата за промени во системот, се дел од прашањата кои ќе ги поставиме при дебатирањето. Во самиот концепт на јавно дебатирање, предвидено е да се обратат различни чинители и експерти, блиски до темата.

Потребата од отворање на оваа тема е спомената и во последниот Извештај од Европската Комисија [4]за напредокот на Македонија [4] [.pdf], во кој се споменува убиството на Мартин Нешковски и се вели (врз основа на официјалниот превод [5] [.pdf] со мали измени од Ф.С.):

Во однос на спречувањето тортура и деградирачко однесување, како и борбата против неказнети злоупотреби, законските одредби во оваа област допрва треба да се пренесат во конзистентна и сеопфатна практика. Остануваат системските недостатоци во однос на борбата против неказнети злоупотреби на службена должност во рамки на телата за спроведување на законот… […] Останува загриженоста околу делотворноста на обвинителите и судиите при преземање соодветни дејствија кога има индикации за злоупотреби од страна на полицијата…

На трибината на едно место требаа да се сретнат активистите, претставниците на Народниот правобранител на РМ [6], Македонскиот хелсиншки комитет [7], како и министерката за внатрешни работи, г-а Гордана Јанкуловска. Но, наместо да дојде на дебатата, според вест [8] на Алфа ТВ, таа одбрала да посети филмска премиера.

Јавна трибина за подобрување на општеството преку граѓански активизам и реформа на МВР, организирана од Движењето против полициска бруталност во Скопје, на 9 ноември. Фото: Филип Стојановски (CC-BY). [9]

Јавна трибина за подобрување на општеството преку граѓански активизам и реформа на МВР, организирана од Движењето против полициска бруталност во Скопје, на 9 ноември. Фото: Филип Стојановски (CC-BY).

Пред настанот, организаторите го објавија официјалниот одговор [10] од Секторот за односи со јавност и информации од јавен карактер при Министерството за внатрешни работи на РМ:

Скенирана верзија на одговорот од МВР [11]

Скенирана верзија на одговорот од МВР

Почитувани,

Вашиот допис би сакале да го сфатиме како оградување од досегашните протести и невистинитите обвинувања, навреди и клевети, бидејќи се сомневаме дека некој би сакал да седи на иста маса со „убијци“ или „џелати“. Сепак вистинското оградување од омаловажувањата и неоснованите квалификации би требало да биде во најмала рака во форма на јавно извинување и благодарност до сите „тигри“ или „алфи“ кои се жртвуваа во „Планинска бура“,* кои беа убиени кај ПМФ и кои учествуваа во безброј акции за заштита на нашата безбедност.

Министерството за внатрешни работи, го виде јавниот повик на Бранко Црвенковски за мобилизирање на сите невладини организации и „независни“ интелектуалци против демократски изразената волја на граѓаните кои по шести пат на избори својата поддршка ја даваат за опцијата која сметаат дека им нуди подобра иднина. Свесни сме дека недостигот на идеи и катастрофалните резултати зад себе, може да доведат до уште поголем очај, но тоа нам не ни дава право да бидеме дел од ничии сценарија.

Министерството за внатрешни работи ќе остане отворено и ќе продолжи да работи во служба на граѓаните. Во рамки на определбата за транспарентност и отчетност во работењето, како што знаете, за прв пат организиравме отворен ден на кој сите граѓани можеа да се информираат и да ги изнесат своите сугестии и мислења околу полициското работење. Ви благодариме за вашиот интерес во врска со проектот „Отворен ден“ и сите ваши сугестии и мислења сериозно ќе бидат разгледани.

Активистот Мартин Наник го покажува одговорот од полицијата на трибината. Фото: Ванчо Џамбаски  (CC BY-NC-SA) [12]

Активистот Мартин Наник го покажува одговорот од полицијата на трибината. Фото: Ванчо Џамбаски (CC BY-NC-SA). Кликнете на сликата за да видите цела галерија.

Корисниците на Твитер го користеа хаштагот #protestiram [13] воспоставен во тек на протестите за истовремено да го споделат линкот и да коментираат за одговорот од полициските функционери.

Ирена Цветковиќ напиша [14]:

#protestiram зошто државна институција која е платена и од мои пари бесрамно ме навредува и игнорира

Јована Тозија, исто така изрази [15] огорченост:

#protestiram зошто соопштенија на државни институции се куцаат во партиски штабови!!!

Наталија запраша [16], асоцирајќи на традиционалниот концепт за задгробен живот:

Каде ќе ви оди душата #МВР [17]?

Внукот [18] изблогира [19] за тоа дека капиталистичкото правило – потрошувачот е секогаш во право сè уште не е навлезено во македонските државни институции:

По аналогија, грешките треба да се признаат и за нив одговорниот да си сноси одговорност. По аналогија, граѓанинот, кој е главен потрошувач на државата треба секогаш да е во право, кога е во право. Но, за жал, се чини дека во Македонија аналогиите уште долго време нема да бидат увезени.

Споделувајќи го линкот кон овој пост, Јована Тозија додаде [20]:

Точно! Државата е во право, а не граѓанинот. А кога граѓанинот е во право, треба да се извини за тоа …

* Според изјавата на министерката од ноември 2007 година, дадена веднаш по операцијата, во „Планинска бура“ немало загуби на страната на полицијата. На Интернет се достапни повеќе информации на македонски [21], англиски [22], и во видео-клип со говор на српски и македонски [23] јазик.