Индонезиската полиција со казни за корисниците на друштвените медиуми кои го исмеваа претседателот на Собранието

Претседателот на индонезиското Собрание, Сетја Нованто беше хоспитализиран заради дијабетес и вртоглавица. Фотографија споделувана нашироко по друштвените медиуми.

Индонезиската полиција накратко притвори интернет корисник за ширење на мемеа во кои се исмева претседателот на Собранието Сетја Нованто.

Дјан Кемала Аризки сега би можел да се соочи со казна затвор до 6 години за споделување на фотографија со Сетја во болнички кревет, за која адвокатите на Сетја тврдат дека го „оцрнува“ претседателот на Собранието. Полицијата предупреди дека 9 други лица ќе бидат обвинети за прекршување на членот за клевета од Законот за информациски технологии (ЗИТ) заради споделување фотографија и мемеа поврзани со истата на друштвените медиуми.

Сетја се соочува со зголемено јавно внимание од крајот на септември 2017, кога тој не се појави на две одделни сослушувања на антикорупциската комисија. Тој беше повикан откако наводно пренасочил речиси 200 милиони американски долари јавни пари, наменети за поддршка на државниот систем за електронски лични карти, кон други политичари, како мито.

Кога неговите критичари го засрамија за тоа што не се појавил на јавни сослушувања во врска со неговата можна вмешаност во финансиски скандал, неговите поддржувачи споделија фотографија на „Ватсап“ од него како лежи на болнички кревет, со цел да докажат дека неговото отсуство било оправдано.

На фотографијата погоре е прикажан Сетја во болница, каде бил примен поради компликации поврзани со дијабетес и тешки вртоглавици. Но фотографијата наскоро се појави и во серија „мемеа“ и онлајн коментари кои не му одеа во прилог на Сетја. Фотографијата стана особено популарна откако корисници на Интернет ја обработија во „Фотошоп“ за да го исмеваат спикерот.

Во продолжение се некои од мемеата кои го исмеваат претседателот на собранието:

Сите мемеа за Сетја Нованто се помоќни одошто мислите

Бетмен: Нема да дозволам Сетја Нованто да оди во Готам Сити.

 

Моќта на Сетја Нованто

Вниманието на јавноста и нејзиниот критички однос не е ништо ново за Сетја. Во 2015, Сетја беше принуден да даде оставка како претседател на Собранието откако беше вмешан во корупциски скандал заедно со странска рударска компанија. Но тој никогаш не беше осуден, и како резултат на тоа се врати на неговата функција во Собранието.

По неговото враќање во Собранието, тој во два наврати беше повикан од антикорупциската комисија (АКК) за неговата наводна улога во владината програма за електронски лични карти (e-ЛК) откако беше разоткриено дека половината од 375-те милиони американски долари наменети за програмата биле дадени на политичари како мито.

Кон крајот на септември 2017 година, локален суд го ослободи Сетја од сомнение во случајот со електронските лични карти на техничка основа. Самиот факт што тој можеше да си го „исчисти“ името уште во предсудската фаза од случајот со е-ЛК уште повеќе ја зголемија неговата репутација како моќен политичар.

Неговата резилиентност и способност да остане популарен и покрај наводите за корупција го направија популарна мета на онлајн коментирите и хумор. Преку хаштагот Моќта на Сетнов [#ThePowerOfSetnov], Индонезијците често го посочуваат Сетја како пример за политиките во државата. Во продолжение се неколку од написите кои го употребуваат тој хаштаг:

Сетја Нованто јаде во ресторан, кога ќе побара сметка келнерот му дава бакшиш. #ThePowerOfSetnov [Моќта на Сетнов]

Ако Сетја Нованто добие казна, полицијата оди на суд. #ThePowerOfSetnov [Моќта на Сетнов]

Мојата илустрација на Сетјо Нованто

Новиот член на Металика! #thepowerofsetnov [Моќта на Сетнов]

Еден ден Сетја Нованто пропуштил да отиде на училиште два дена со ред. Подоцна, тие денови ги нарекле сабота и недела. #ThePowerOfSetnov [Моќта на Сетнов]

Новинската веб-страница „Коконатс“ исто така придонесе кон „мемеата“:

To add our own riff on #ThePowerOfSetNov meme: The only person who could successfully prosecute Setya Novanto… is Setya Novanto.

Да дадеме придонес со наш шмек на мемето Моќта на СетНов: Единствениот кој може успешно да го даде Сетја Нованто на суд … е Сетја Нованто. #ThePowerOfSetNov [Моќта на Сет Нов]

Сетја го возвраќа ударот, со тужби за клевета

Кога за првпат неговата фотографија стана особено популарна и хаштагот #ThePowerOfSetNov [Моќта на Сет Нов] преовладуваше на друштвените медиуми, Сетја не изреагира.

Токму оваа седмица, адвокатите на Сетја наводно пријавиле случај на клевета против Дјан и други лица на 10 октомври 2017.

Дјан признава дека го споделила мемето Сетја, но само за забава. Таа исто така изјави дека е член на индонезиската Партија на солидарност, политичка партија чија платформа е главно насочена кон борбата против корупција. Полицијата не понуди објаснувања зошто ја уапсиле Дјан прва, а не останатите осомничени, нити пак споделија нешто повеќе за можни понатамошни апсења поврзани со овој случај.

Краткиот притвор на Дјан беше осудуван од страна на активистите и застапниците на медиумските слободи. Тие посочија дека сатирата и ширењето на хумористични мемеа не треба да биде криминализирано. Тие посочија дека споделувањето мемеа со ликот на Сетја станало популарна активност бидејќи многу обични Индонезијци почувствувале дека тоа е единствениот начин на кој тие можат да бараат одговорност од државните службеници по отфрлањето на корупцискиот случај против претседателот на Собранието од страна на судот.

Овој проблем исто така ја нагласи кампања за реформирање или повлекување на ЗИТ, кој многу групи го опишуваат како репресивен поради премногу генерализираните членови за клевета на кои властите често се повикуваат за да ја попречат работата на медиумите или целосно да ги замолчат.

Овој краток цитат од новинската веб-страница „Коконатс“ го сумираше мислењето на многумина по апсењето на Дјан од страна на полицијата:

What does it say about the state of justice in Indonesia when a politician like Setya can continue to act the way he does with impunity, while somebody who spreads a meme about him gets arrested?

Што се кажува за состојбата со правдата во Индонезија кога политичар како Сетја може да продолжи да делува неказниво, додека некој што споделува меме со неговиот лик завршува уапсен?

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.