- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Јапонија: Спомени на еден отпадник – втор дел

Категории: Источна Азија, Јапонија, Граѓански медиуми, Закон, Идеи

Како продолжение на првиот дел [1], следи опис од анонимен блогер на неговиот живот во затвор и неговата транзиција назад во општеството.

[2]

Од Mrhayata, под Криејтив комонс лиценца.

Следните цитати се извадоци од повеќе постови оригинално напишани на јапонски и се објавени со согласност на авторот.

Животот во домот за престапници

После три месеци во полициските ќелии бев префрлен во домот за престапници…

Атмосферата беше потполно различна од таа во полициската станица, повеќе наликуваше на затвор. Наоколу имаше висока ограда. Веднаш проверија се што поседувам и направија преглед на телото. Тоа беше навистина ужасно. Бев целосно гол и ги проверија моите гениталии и анус. Не ми ставија ништо во задникот, но беше детално прегледан и сите можеа да ме видат. Беше навистина понижувачки, никогаш не сум правел такви работи, дури ни приватно…

Овде за прв пат ме натераа да носам иста униформа како останатите затвореници. Се сеќавам дека си помислив „Конечно паднав најниско што може?!“

Ма дадоа број кој беше користен од полицијата, домот за престапници, а подоцна и од затворот, потоа ме одведоа во мојата ќелија. Од тој момент па понатака немав веќе име, бев повикуван само по бројот, исто како стоката…

Имаше десет луѓе во мојата ќелија која беше наменета за седум, тоа е една од последиците од пренаселеноста во затворите. Веднаш се вознемирив затоа што изгледаше дека потешко ќе се справам со овие луѓе отколку со оние во полициските ќелии.. Дали ќе можам да преживеам тука? Па изгледа дека немам избор… Бидејќи се работи за живот во заедница, има многу правила и секоја ќелија има сопствени. Има одреден ред за чистење и обврски, а чистењето на тоалетот е задача на новодојдениот. Во зависност на тоа кога ќе пристигне новиот затвореник може да се случи да го исчистиш тоалетот само еднаш, но јас морав да го правам тоа една недела…

Сум слушнал и претходно, но сега се уверив и самиот дека оние кои се уапсени за силување и напад се малтретирани во затвор. Имаше повеќе такви и во најлош случај им беа крадени работите, или тепани или им беше кршен носот… Домот за престапници е навистина страшно место. Првиот впечаток е многу важен и ако бидеш станеш некој кој го исмејуваат тогаш ќе бидеш малтретиран. Со други зборови, затоа што немаат ништо друго што да прават, вообичаено работите се движат по тој редослед. Тоа што луѓето зборуваат или прават не е многу различно од тоа како се однесуваат децата во основно школо. И јас зборував многу глупави работи, но слично на моите училишни денови, никого не малтретирав и не бев малтретиран.

Колку што се сеќавам ова се злочините на луѓето во мојата ќелија: напад со нанесување повреди, грабеж, злочини поврзани со дрога, црн пазар на ДВД, силување, јавно вознемирување (демнач), потпалување, нелегално коцкање, употреба на малолетни проститутки, фалсификација на официјални документи, измама, фалсификат, провалување и кражба, уцена, заканување, насилна опструкција на бизнис, нелегално влегување и нарушување на законот за контрола на оружјето…

Времето за вежбање беше еднаш на секои два дена бидејќи се смета дека не е потребно да се излегува многу надвор. Иако се нарекува вежбање, тоа значи дека околу 50 луѓе одат наоколу во круг околу 20 минути во 20 метри квадратни во тесен простор во зградата во која скоро и не влегува сонце.

Нема трчање, нема зборување. Во ова се разликува секој центар, но во текот на овие 20 минути ни беше дозволено да ги исечеме ноктите. Со оглед на тоа дека имаше само неколку грицкалки за нокти, штом ќе се најавеше времето за вежби оние кои сакаа да бидат први трчаа најбрзо што можат кон човекот кој е задолжен да ги чува грицкалките.

Затоа што исечените нокти беа оставани во левиот агол на земјата за вежбање таму беше навистина одвратен.

Оние кои беа во самици вежбаа горе на покривот во заградениот простор наречен „кафез за птици“. Повеќе го преферирав тоа затоа што една грицкалка за нокти не е нешто за кое вреди да се бориш, посебно ми се допаѓаше погледот кој беше навистина добар. Можев да видам само мал дел од панорамата, но што ќе го здогледав градот и возовите кои возат чувствував слобода надвор од ѕидовите…

Ова е она што го научив во времето поминато во затвор. Вистинските јакузи не ги чепкаат чесните луѓе и се погрижуваат за останатите. Мафијашите и платениците работат нечесно и се арогантни со детско однесување. Изненадувачки е тоа што има многу јакузи кои се од Северна Кореја. Во затворот во Токио имаше многу такви платеници и јас го мразев тоа.

Слушнав многу приказни за подземјето кои беа навистина интересни. Бидејќи имав обичен живот како човек кој зимал само плата, имаше многу работи кои не ги знаев.

Се дотогаш сметав дека мојот живот е нормален, но научив дека нема такво нешто како нормален живот. Секојдневниот живот на секого е нормален…

Една година откако влегов во затворот, ми беше одредена казната од четири години и шест месеци и тоа беше шок за мене. Човекот од центарот се обиде да ме утеши со тоа што ми рече: „Со оглед на твоето дело, добро се извлече“, но дури и со добро однесување ќе поминам три години и десет месеци па затоа изгледаше како многу време….

Бев растргнат помеѓу тоа дали да се жалам или не, но со оглед на тоа дека моите родители го сакаа тоа, се одлучив да се жалам. Во ова време беше решено моето преместување во казнениот центар во Токио.

Првото судење вообичаено се одржува во локалниот суд на секоја провинција или област, но затоа што апелациониот суд во областа каде бев е Врховниот Суд Токио, надлежноста беше на Токио.

Затоа мојот удобен живот во самицата заврши. Во новото место дадов барање за самица, како и во претходниот центар, но беше одбиено.

Таму кај што ме ставија беше повторно заедничка ќелија…

Казнениот центар во Токио беше различен од другиот, структурата беше нова и беше во повеќе катна зграда опремена со клима и греење…

Најтешко за мене во текот на мојот живот во затвор беше живеењето со целосни странци.

Колеги криминалци кои се среќаваат за прв пат значи неволја и за некој како мене на кој му е неудобно со групи на луѓе, немаше ништо поболно од тоа. Иако не го сфаќав тоа, акумулирав многу стрес со тоа што постојано живеев со други луѓе.

За малку ќе паднев во депресија. Си велев дека и тоа е дел од казната и живеев со тоа, но многу пати бев блиску до тоа да полудам од тие себични луѓе. Од гледна точка на нормална личност мислев дека и јас најверојатно сум еден од нив.

За време на една посета кога ја видов мајка ми како го замолува на еден стражар „Може ли ве молам да му дадете самица?“, една солза падна од моите очи.

Неодречно е дека мојата фамилија е исто така „жртва“..

До крајот на животот нема да можам да ја подигнам главата пред моите родители повторно….

Надвор од ѕидовите [3]

После четири години и три месеци од мојот живот во притвор, се вратив назад во живот. Но првите два месеци, мојот мозок беше празен кога ќе излезев надвор. Дури и во град кој го знаев напамет, чувствував како мојот мозок не може да ги процесира информациите кои беа воспримани од моите очи. Можеби затоа што долго време бев во место кај што можев да видам само мал дел од панорамата од затвор кој никогаш не се менува… Често велат дека „поради тоа што во затвор ти е кажувано што да правиш и ти е дозволено да правиш само одредени работи, ја губиш независноста“, но јас не сметам дека е беше така и во мојот случај… мислев дека во споредба со минатото можеби сум помалку проактивен…

Исто така мислев дека штом ќе излезам надвор ќе го јадам ова или она, но не беше така. Дури и сега ги купувам истите работи кои ги јадев во затвор. Дури и оние кои за нормална личност се само закуска, за мене имаат вкус како затвор…

Дамка [4]

Кога ќе помислам на се што изгубив кога станав криминалец, сфаќам дека е многу. Моите пријатели, мојата љубов, мојата работа, социјалниот статус, довербата, парите, времето. Ако мора се да набројам нема да има граница. Навистина сум благодарен на мојата фамилија и на оние од моите пријатели кои се сè уште со личност како мене која си ги извалка рацете. Што можам да направам за нив?