- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Филипини: Поддршка на жените за време на бременоста и мајчинството

Категории: Источна Азија, Филипини, Граѓански медиуми, Жени и род, Младина, Политика, Работа, Човекови права, Конверзации за подобар свет

Дали човековите права поврзани со мајчинството се однесуваат само на жените во брак? Мажи и жени од Филипините пишуваат на своите блогови за новиот закон кој се однесува на правото на бремените жени да работат и да учат.

Во Филипините неодамна беше донесен историски закон кој беше тема на дебати цели седум години. Станува збор за републиканскиот акт 9710, познат како Голема повелба за жените. Законот пропишува дека правата на жените се човекови права кои треба да се почитуваат во нивните домови, на работното место или на училиште. Понатаму, законот ги опфаќа и темите на планирање на фамилија, бременост и правата на трудните жени.

Една од најдебатираните точки на големата повелба е првото на немажените бремени жени да ја задржат својата работа или да продолжат да одат на училиште. Еве дел од текстот на законот:

Истерување без можност за повторно примање на жените, мотивирано од бременост надвор од брак е незаконско. Ниедно основно или средно училиште не смее да одбие ученичка само затоа што останала бремена надвор од брак за време на нејзиното школување.

Во големата повелба јасно пишува дека е незаконски да се отпушти трудна жена дури и ако таа е немажена, но Конференцијата на католички свештеници во Филипините инсистира жените коишто работат или учат во католички училишта да не бидат опфатени со овој закон [1]: Тие сметаат дека треба да го имаат правото да истеруваат немажени бремени жени бидејќи тоа е против религиозното морално учење на Католичката црква.

За да дознаете нешто повеќе за големата повелба еве еден краток филм [2] од Националната комисија за улогата на жените во Филипините [3] каде што се објаснува зошто големата повелба и нејзините одредби се од толку голема важност:

Реакциите на католичката црква

Еден филипински блогер, Линди Луис Гамоло [4], го критикува ставот на католичката црква. Не само што се обидоа да го бојкотираат законот заканувајќи се дека ќе ги исклучат од црквата и дека ќе одбијат причесна на политичарите кои гласале за законот, туку сега, откако тој беше прифатен, тие постојано повторуваат дека нема да ги поддржат кандидатите кои гласале за големата повелба, затоа што таа не го содржи дополнението коешто тие сакаат да го приклучат кон текстот според кое католичките училишта не се обврзани да го почитуваат законот. Линди Луис Гамоло бара од политичарите да не попуштат на тоа што таа го нарекува уценување:

Треба да ги потсетиме дека тие (политичарите) имаат одговорност пред независниот филипински народ, а не пред католичката црква и не пред нејзините бискупи.

Сепак, некои ја разбираат католичката црква и нејзиниот став кон ова прашање. Таков е случајот со еден од коментарите оставен за еден напис на блогот The Feed [5]. Таму olive [6] има напишано:

Мислам дека девојка што ќе остане бремена за време на нејзиното школување во средно католичко училиште треба да биде избркана. Зошто? Таа не треба да биде репер за преостанатите девојчиња. Замислете да учите дека првиот сексуален однос треба да ви биде по бракот додека некој наоколу да се шета со бебе во стомакот!?!?! Тоа е како таа да се потсмева на учењето.

Всушност, не сите католички училишта се согласуваат со тоа да бидат поштедени од законот. Според Рејчел Ц. Баравид, новинарка во Mania Bulletin Publishing Corporation [1](издавачка куќа во Манила), во некои школи се верува дека недозволувањето на бремените немажени жени да учат би имало повеќе лоши последици од добри. Таа го цитира одговорниот на студентски прашања во едно училиште кој објаснува зошто не бркаат ученици:

Ако избркате немажени ученички, ќе им нанесете само уште еден удар. Сега, кога тие ќе станат мајки за многу кратко време, вие им ја одземате шансата да добијат диплома за завршено средно образование со која ќе можат полесно да влезат во професионалниот свет и да ги нахранат своите деца. Така, тие не само што треба да се соочат со фактот дека ќе бидат самохрани мајки, туку и со фактот дека можеби нема да најдат добра работа затоа што немаат диплома за завршено средно училиште и нема да можат да им обезбедат пристоен живот на своите деца, објаснува таа.

Легализирање на дискриминацијата на бремените жени?

Блогери од Филипините разговараат за тоа колку е фер католичката црква, која врз основа на своето религиозно учење се обидува да ги скрати човековите права, како што е правото за задржување на работа или за образование на немажените бремени жени, без да споменува ништо за неженетите татковци. Изгледа како ова да е баш оној вид на дискриминација против жените што треба да биде променет со големата повелба.

Бонг Ц. Остеро [7] инсистира на фактот дека предлогот за амандман од католичката црква е обична дискриминација на жените и не е во согласност со учењето на католичката црква за казнување на гревот, а не на грешникот:

Амандманот ги казнува жените затоа што се жени; затоа што ним им била зададена општествената одговорност за носење на живот на овој свет. Католичките школи не ги казнуваат и бркаат професорите што ги оставаат своите девојки трудни, а тие се исто толку виновни за бременоста.

На блогот I am Nobe [8], каде што авторот менува улоги за да искористи хумор во секој напис, стигна редот и на немажената мајка:

Сега велиш дека не можат да одам на училиште? Ни на работа? (несигурна)

Не останав бремена преку асексуална репродукција! Ако навистина ми го правиш ова, дај казни ги и тие неженети татковци! И престани да го навредуваш Бог! (не се должи само на хормоните)

Џојс Талаг [9], која самата е самохрана мајка и блогер, дава аргументи кои покажуваат зошто, дури и ако католичката црква ги казни и татковците, нема да се подобри ситуацијата на мајките. Со оглед на тоа што поголемиот број на самохрани родители се жени, ако им ги одземеме правата за работа или школување додека се трудни, тие финансиски нема да можат да се грижат за своите деца:

Еве еден добар пример од оваа дебата : самохраниот родител. Да се биде самохран родител значи дека сте задолжени да ги исполните прехранбените и економските потреби на вашето дете. Мажите имаат предност во овој случај затоа што најголемиот дел на самохрани родители е составен од жени. (На интернет се наоѓаат само статстики за самохрани родители во САД [10]. Според нив „во 2006 година, 5 од 6 старатели биле мајки“. Претпоставуваме дека иста е ситуацијата и во Филипините.)

Еден блогер од Филипините кој пишува за правни прашања, Јун Баутиста [11], истакнува дека католичката црква најверојатно нема да ги вклучи неженетите татковци во дискусијата, со оглед на тоа што најголем дел од законите кои досега биле разгледувани се однесувале на жените.

Ова значи дека овој исклучокот ќе биде единствен од овој вид, затоа што тој претставува исклучување од образованието или работата само на немажените трудни жени, што е пак против нивните човекови права и ги доведува нивните животи во опасност. Некои велат дури и дека ќе има последици врз моралот на овие девојки: ако католичките училишта ги бркаат ученичките кои не се мажени, а останале трудни, дали тие почесто ќе се одлучуваат да абортираат или пак да живеат во сиромаштија? Тоа е барем мислењето на [12] Анет Лорето–Гарин, претставничка на првата општина.

А вие? Што мислите вие? Дали една религиозна институција има право да одлучува кој ќе вработи или ќе прифати како ученик, или пак правата на бремените жени се над овие ограничувања?

Сликата во овој напис е од Photo Mojo [13] и е искористена со дозвола од Криејтив комонс.