Кина: Мајкрософт наспроти нетизените

Контроверзното лансирање на софтверот Windows Genuine Advantage (WGA) од страна на Мајкрософт во Кина предизвика паника кај огромниот број корисници на нелегален софтвер во земјата.

Во Кина лиценциран Виндоус чини 1000 јени, што е околу просечен бруто приход. Од друга страна, било кој пиратски Виндоус може да се најде насекаде по само 5 јени, што е помалку од 1 долар. Друга причина е тоа што пиратскиот Виндоус е идентичен со лиценцираниот во скоро сите можности, меѓу кои и ажурирање преку интернет, има подобар изглед (на пример познатата пиратска верзија „градина од домати“) и токму затоа не е по никоја основа со помала вредност. Овие причини водат до очигледната предност на пиратската верзија врз лиценцираната. На Tencent.com една онлајн анкета покажува дека 74.28% од 440711 гласачи користат пиратски Виндоус (до 21 октомври).

Сега со WGA, плус OGA наменет за пиратски Мајкрософт Офис, вашиот компјутер ќе се однесува како да е нападнат од хакери: прво вашиот екран ќе се исклучува секои 60 минути. Второ, потсетник ќе ви се појавува постојано за да ве предупреди дека користите пиратски софтвер. Звучи многу слично на големиот брат ве гледа.

Паниката беше првата реакција на корисниците на компјутери во Кина. Во градот Шенгјанг, северна Кина, новинарите дознаа дека продажбата на лиценцираниот Виндоус се зголемила за 50% уште пред да појават WGA и OGA. Во Пекинг, еден продавач кажа дека сопствениците на бизниси кои своите зделки ги вршат онлајн побрзале да купат лиценциран Виндоус во случај тоа да влијае на нивните бизниси.

Всушност WGA не може да биде имплементиран додека Виндоус автоматски не симне од интернет специфичен пакет за таа функција. Покрај неупатените корисници, повеќето луѓе решаваат да ја исклучат можноста за ажурирање на Виндоусот преку интернет (Windows Update) со цел да го избегнат WGA. Многу гикови се обидуваат да најдат начин за да ја пробијат WGA блокадата.

Покрај паниката, кинеските корисници го насочија својот гнев кон Мајкрософт, со илјадници реакции за да го оправдаат своето незадоволство околу авторското право. Во анкета на Tencent.com, 77.48% од 459944 луѓе гласале против WGA. На форумите и блоговите не е несекојдневно да се види како нетизените го навредуваат Мајкрософт.

Блогерот Лианг Динг напиша на регионалниот портал Џингчу:

Планот на Мајкрософт со исклучувањето е без врска.

Фактот дека Кина е рај за пиратски Виндоус е тесно поврзан со Мајкрософт. На самиот почеток кога се обидување да го заземе кинескиот пазар, Мајкрософт се помири со постоењето на пиратството. Денес, бидејќи има доминација на пазарот, Мајкрософт реши да го искорени пиратството и да ја скрши скалата по која се искачи на власт. Во меѓувреме го продава Виндоус по екстремно висока цена, скоро приближно на нашиот годишен приход за една копија. Со таква ценовна стратегија, како може да ги повикува нетизените да купат лиценциран Виндоус?

Тој потоа истакнува:

Користењето на нелегален софтвер може да се интерпретира како борба против нелегитимната хегемонија бидејќи Мајкрософт се држи до својата стратегија со високи цени поради тоа што е монопол. Освен тоа, Мајкрософт не може да ги отфрли многуте крајни корисници во Кина, бидејќи тие се многу распространети.

Порадикално мислење доаѓа од одговор на написот на Лианг Динг:

Сосема се согласувам со тебе! Мајкрософт подобро да не се вовлекува во неволји! Бил Гејтс, ти правиш само во јавност добро за сиромашните во светот! Зошто ти заработуваш толку многу пари?…. доаѓа време на спорелување на знаењето и затоа подобро да придонесеш повеќе за градење на хармоничен свет! Американците од една страна го напаѓаат светот со оружје, а од друга страна го мамат светот со шпекулации, измами и интернационална размена. Во размената вие добивате два билиона производи од Кина, но враќате назад само куп хартија – чија вредност опаѓа секој ден. Срам да ви е!…

Неколку луѓе мислат дека Мајкрософт може да ја добие војната покрај целиот тој гнев. Постои ли некаков начин Мајкрософт да се извлече од ова?

Playin’ with IT објави свој онлајн квиз за да покаже што луѓето преферираат да видат од Мајкрософт.

1 прифаќање на пиратството, да им дозволи на сите они со мали примања да уживаат во технологијата
2 прифаќање на пиратството, засекогаш да притисне на кинеската софтверска индустрија
3 Виндоус засекогаш бесплатен, но да ја направи Кина специјална зона за развивање нови бизнис методи
4 Да престане да развива кинески производи. Да се откаже од Кина
5 Напад врз пиратството со цел да се врати нормалниот развој во софтверската индустрија и да се овозможи простор за конкуренција.

Резултатот е дека изборот 3 има убедлива поддршка.

Сепак, Мајкрософт тешко дека ќе го прифати овој совет. Следува тешка битка. Мајкрософт наспроти милиони нелегални корисници, интернационална корпорација наспроти земја во развој, кој ќе победи на крај?

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.