Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме светските граѓански приказни достапни за сите.

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Јапонија: Стар Римјанин во јапонска бања

Што може да имаат заедничко Стариот Рим и модерна Јапонија, две култури кои се оддалечени и временски и просторно? Вакво прашање може да звучи како загатка за многумина, но всушност токму тоа ја инспирирало манга-авторката Мари Јамазаки (јапонски) да го создаде Thermae Romae (テルマエ・ロマエ), стрип со кој наводно е воведен нов жанр – ’бањска‘ манга.

И навистина, ’бањите‘ се одговор на претходно поставеното прашање. Токму општествената улога на јавните бањи како простор за среќавање и капење со кое се мијат грижите на работниот ден е заедничка за Старите Римјани и за Јапонците, современи и минати.

Оценет како најдобар манга за годинава на Манга Таишо (Голема награда за стрип) стрипот кој е дело на љубителка и експертка за италијанската култура ја пренесува приказната за Лукиј (Lucius), дизајнер на јавни бањи од Стариот Рим кој, соочен со недостаток на инспирација, случајно патува низ времето од вториот век на нашата ера до денешна Јапонија. Во првата епизода Лукиј е пренесен во јапонска бања со топли извори и спа под отворено небо каде среќава луѓе со „чуден изглед“ кои се изненадувачки технолошки напредни.

Една рецензентка на манга ги споделува првите впечатоци по читањето на Thermae Romae (јапонски).

Приказната сама по себе е едноставна, но ме изнасмеа ликот на мајстор Лукиј и неговите коментари за однесувањето на „племето со сплескани лица“. За почеток, самото име „племе со сплескани лица“ ме смее.

Насловната страница на Thermae Romae

Исто како што за луѓето од Стариот Рим одењето во јавна бања било општествено случување, во Јапонија постои обичај за релаксирање во јавна бања (сенто 銭湯) по работниот ден или да се помине викенд во топли извори (онсен 温泉) опкружени со природа.
Ако архитектонски римските (англиски) и јапонските (јап.) бањи се многу различни, концептот на капење како ритуал кој е многу повеќе од миење може да се каже дека го минува времето и просторот.

Уми Уримасу изјави дека бил изненаден (јап.) кога дознал, за прв пат преку ова манга, дека Римјаните имале култура на капење со слично ниво на развој и комплексност како јапонската.

Се внесувате од првата сцена, што започнува во многу гласна римска јавна бања. Има луѓе кои играат шах! Има луѓе што се борат! Има луѓе што сo гребалка ја симнуваат нечистотијата од кожата! Има и слаткар, а бањите нудат депилација како услуга! Што е ова? Ова е посеопфатно од берберниците кои постоеле во Јапонија во периодот Едо [во XVIII и XIX век].
Од гледна точка на модерен човек, тешко е да се поверува дека ова е нешто што се случувало во Европа пред повеќе од 2000 години. Ситуацијата е многу слична на нешто што е познато за Јапонците, со „бањата“ како духовен дом. Чудесно е што ваквото одење на бања било секојдневие за Римјаните.

Иако културата на одење на бања не припаѓа само на Јапонија, блогерот Лоренс рече дека Јапонците треба да се гордеат со неа.

Иако во жанровска смисла сметам дека ова може да се дефинира како гег-манга, темата е необична и прилично оригинална. Приказната за дизајнерот на јавни бањи Лукиј почнува во Стариот Рим, а тој потоа е пренесен во денешна Јапонија. Забавно е што, во мангата, ликовите се однесуваат сериозно во врска со смешни работи. Пред секое поглавје, има и воведна колумна за некој аспект на Стариот Рим во кој може да се ужива.
Понекогаш, избегнувам дела што ги препорачуваат медиумите, но овој пат ми е мило што го купив стрипов. Манга што ќе ве насмее е нешто прекрасно и сметам дека јапонската култура на одење на бања е фантастична. Тоа што имам живеено во странство уште повеќе ме убеди во тоа. Да живее бањата!

Сцена од Thermae Romae

Авторката Мари Јамазаки на нејзиниот блог пиша дека идејата за заплетот (јап.) за мангава ја добила уште кога била мало дете.

Го цртав стрипов во духот на откачените илустрации од основно училиште со кои ги смеев пријателите. Тој лесен, забавен дух е заразен и овозможи да биде избран за објавување. Дури се прашував дали е во ред манга наменета да засмее една ограничена група луѓе да се публикува јавно.
На мое изненадување, многу луѓе велат дека е забавно. Тоа многу ме радува! Ви благодарам!

Манга-уметничката од Чикаго исто така реши да открие (јап.) некои детали за наредната епизода што ќе биде објавена во Јапонија во септември…

Thermae Roma беше окарактеризиран како „бањска манга“, иако таков жанр не постои. Замислив да нацртам стрип за „споредување на културите на стариот Рим и Јапонија“ со бањата како медиум. Тоа не е манга за стар Римјанин кој е изненаден од изгледот на бањите во јапонски стил.
Всушност, бањата не е единствениот заеднички елемент помеѓу Јапонија и стариот Рим – тоа е само еден од многуте. Исто така, иако ликот не е типичен современ Италијанец, го создадов како некој кој би можел да биде еден од оние пресериозни Јапонци. Затоа, кога пред две години мојот уредник ме убеди да го објавам ова како серија, помислив дека ова би била можност да се примени поширок пристап во претставувањето на Стариот Рим. Темата на првата епизода е исклучиво зачуденоста на Лукиј кој за прв пат се среќава со јапонската бања и обичаите околу неа. Со воведувањето на прекрасни ликови како Хадријан (кој бил еден од петте најславни римски цареви), ќе видите понатамошен развој на дејствието кое го опишува римското секојдневие, што се надевам ќе ги фасцинира читателите.

Мангата може да се прочита (само на јапонски) на Интернет преку овој линк.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.