- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Сѐ уште се свежи сеќавањата за обидите да се стави крај на правењето ајвар во Македонија

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Граѓански медиуми, Закон, Уметност и култура, Храна, Хумор
ajvar [1]

Тенџере со ајвар. Фотографија на Радосница, CC BY-SA 3.0 преку Викимедиа Комонс

Правењето ајвар се смета за една од најсветите традиции на Балканот, но во последните неколку години, оваа традиција се соочува со неочекувани пречки во својата родна земја.

Подготовката на зимницата ја карактеризира есента во Македонија, а нејзината важност не застанува кај готвењето, туку има културолошка, безмалку ритуална вредност. Ајварот е семејна работа заради која се собираат роднини, пријатели па дури и соседи.

Како таков, ајварот често го привлекува вниманието на странците кои живеат во земјата, вклучително и сегашниот амбасадор на Холандија во Македонија, кој неодамна на Твитер објави:

Кога се работи за олку важна традиција, можеби ќе звучи изненадувачки кога би слушнале дека властите презедоа чекори за да го ограничат правењето ајвар. Во 2008 година, популистичката влада која беше на власт во Македонија од 2006 до 2017 година, се реши на еден од нејзините понепопуларни чекори, а тоа беше усвојувањето на законот со кој се забранува правењето ајвар на јавни површини.

Печење пиперки, првата фаза од подготовката на ајвар.

Печење пиперки, првата фаза од подготовката на ајвар.

Сопствениците на дворни места можат да прават ајвар во своите дворови (исто како печењето скара во САД), но на граѓаните кои живеат во станбени згради им беше забрането да подготвуваат ајвар на јавни површини, пред нивните гаражи или други места на кои што правеле ајвар во последните 30, 40 или 50 години.

Како што пренесува информативната веб-страница Либертас [8], Законот за јавна чистота од 2008 година предвидува 50 евра казна за поставување ќумбе на јавна површина и оставање неред. Тоа би значело дека правењето ајвар на дворските површини на зградите и во парковите околу нив не е дозволено. Дел од граѓаните пак, велат дека казните се потребни.

Во 2016 година се случија редица трагикомични настани во кои на луѓе, најчесто постари или сиромашни, им беа изречени глоби за подготовка на ајвар на отворено. Многу граѓани за полициските интервенции ќе речат дека се примери за малтретирање од страна на владата која сака да влее страв кај населението.

Новата влада на Македонија, која ја презеде власта кон крајот на мај 2017, манифестира многу послободен став кон правењето ајвар. Досега немало пријави за слични полициски акции, но за многу Македонци, сеќавањата од минатата година остануваат свежи до ден денес.

 

Поради тоа што подготовката на ајвар и други зимници никогаш порано не била цел на полициски интервенции, во 2016 година некои изненадени граѓани беа фатени „на дело“ од страна на полицијата. Реакциите за глобите беа главно искажани преку хумор и сатира, но имаше и случаи на пркосење:

 

Корисниците на друштвените медиуми во Македонија се сеќаваат на настаните од минатата година, кога подготовката на омилената зимница на Македонците можеше да ве доведе до проблеми со законот.

Подолу се некои од реакциите на Твитер и Фејсбук кои се сѐ уште популарни, иако помина една година откако се напишани:

Некои, како Соња Зафировска, се приклучија на дискусијата [18] на Фејсбук:

2035 година
Бабо, зошто лежеше во затвор?
– Синко ме фатија на лице место како правам Ајвар и слушам Српска музика.

Бобан Боби Димовски праша [19]:

А дали ако моите купиле пиперки за ајвар и ме тераат да им помагам се рачуна као семејно насилство???

Александра Миленковиќ Василевски сподели врска [20] до сатиричен напис со наслов „Разбиена опасна мрежа за нелегално правење ајвар тројца тешко повредени со изгореници од петти степен“ , и притоа искоментира [21]:

„Можеби киднаперите на деца, педофилите, силувачите, дилерите на дрога и оружје, функционерите кои украдоа милиони се на слобода, но конечно се чувствувам слободен и безбеден, можам мирно излезам пред зграда без да бидам нападнат од мирисот на ајвар“ ….ееее тоа ти е МК

Иако притисокот од полицијата се намали и мирисот на печени пиперки повторно е присутен низ улиците, сепак факт е дека сѐ помалку и помалку млади се учествуваат во правењето ајвар.

Забрзаниот начин на живот не остава простор за клечење цел викенд покрај ќумбето со голема дрвена лажица во раце. Благодарение на напредокот на индустријата за  конзервирана храна, многу компании почнаа да произведуваат ајвар со квалитет приближен на бабиниот. Тука можеби лежи посилната опасност за традицијата која може да ја издржи секоја промена на режим.