- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Писателите во Гватемала

Категории: Латинска Америка, Гватемала, Јазик, Книжевност, Младина, Образование, Технологија, Уметност и култура

Во земја во која луѓето купуваат повеќе пиво и спортски списанија одошто книги, каде што се зборуваат повеќе јазици (не само шпански) и каде што значителен број од населението е неписмено, овој контекст на сплет на околности е предизвикувачки за секој писател. Во земја каде што книгите не се “ослободени од данок”, децата не пројавуваат ентузијазам кон идејата да се бават со пишување на литература професионално. Повеќето од авторите се соочени со сериозни потешкотии во своите обиди да објават книга, а уште потешко е истовремено да го направат тоа да биде профитабилно. Авторите често работат како новинари, аналитичари, инженери и паралелно на тоа- редовно пишуваат. Само мал број од нив се вистински професионални писатели – кои се бават само со пишување, од кои многу не се ниту познати локално.

Меѓутоа, преку блогирањето, тие најдоа нова можност да се изразат, да ги споделат своите дела и да го промовираат овој интерес во Гватемала, особено преку поезија и кратки раскази и приказни.

Поезијата е пионер во уметноста на блогирањето, Пабло Бромо (Pablo Bromo) на неговата Bicicleta [шпански] [1] блогира уште од 2005-та година. Други поети што блогираат се Алејандро Маре (Alejandro Marré) преку Marré v. Marré [шпански] [2], Алан Милс (Alan Mills) и неговата страна revolver [шпански] [3], Џерардо Сандовал со “Palabras Mayores” и Арнолдо Галвез (Arnoldo Gálvez) со “Tercer Perfil” [шпански] [4].

Новелистот Роналд Флорес (Ronald Flores) има свој домејн [5], каде што покрај неговите дела можат да се најдат и критики, предлози, сугестии и дури и коментари за интернационално познати книги.

Секој четврток можете да ја прочитате и да дадете коментар на колумната на Маурис Ечевериа (Maurice Echeverría), млад, но многу успешен гватемалски писател – преку Buscando a Syd [шпански] [6].

Можете да ги читате делата на Клаудија Навас (Claudia Navas) на овој блог Ordinaria Locura [шпански] [7] или на колективен блог наречен Panoptico Literario [шпански] [8], Винстон Гонзалез (Wingston González) [шпански] [9] млад гватемалски писател штотуку го започна својот блог ALFILER [шпански] [10], колективен проект за електронски книги и критики со блогот LIBROS MINIMOS [шпански] [11](мали книги), каде што многу од писателите-блогери ги споделуваат своите публикации и дела и исто така коментираат на својот блог [12].

Тоа што е важно да се нагласи е употребата на технологијата и кибер-просторот, како пример блоговите за да се промовира културата, каде што можат да привлечат млади читатели и истовремено да ги споделат своите идеи со светот. Секој од овие автори има барем по една објавена книга и имаат по неколку награди за литература и книги. Тие ја користат блогосферата да ги споделат своите дела и се комплетно отворени кон критики за да развијат нова, слободна култура во Гватемала и да му дадат на светот до знаење што сакаат да направат со своите блогови.