- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Акции за собирање средства за помош на загрозениот весник „Фокус“

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Граѓански медиуми, Закон, Медиуми и новинарство, Најважни вести, Политика, Слобода на говор, Човекови права

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) упати апел за солидарност [1] со новинарите на „Фокус“ кои се подложени на тешка казна поради изгубениот судски случај за навреда и клевета [2]. Уредникот и новинарот треба да платат скоро 9.000 евра на тужителот, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, за кого и апелацискиот суд пресуди дека претрпел душевна болка и нарушување на угледот.

ЗНМ смета дека пресудата е неправедна и е директно насочена против критичното новинарство, која е суштинска потреба за функционирањето на македонската демократија.

Колегите не се во можност да го исплатат надоместокот, затоа ЗНМ упатува повик за мобилизирање и солидаризирање на членството, новинарската заедница и јавноста во Македонија.

Сметаме дека нашата поддршка ќе придонесе да опстои слободната мисла и критика кон начинот на практицирање на власта во РМ.

Освен тоа, сметаме дека поддршката на новинарите и јавноста ќе биде директен придонес во зачувувањето на слободата и на изразувањето во Македонија. Затоа Ве повикуваме во рамките на вашите можности да уплатите на следната жиро-сметка:

ЗНМ Солидарен Фонд: 300000003296484
Комерцијална банка
Цел на дознака: Донација за новинарите на Фокус

Мијалков објави дека, откако „Фокус“ ќе ја исплати казната, средствата ќе ги донира во дом за деца без родители. Каде ќе завршат парите е ирелеванто за казнетите, бидејќи самата исплата го загрозува опстанокот на весникот и економската егзистенција на новинарите.

Други граѓански организации исто така повикаа на узбуна по објавата на пресудата. На пример, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија [3] на Македонија организираше настан за собирање на финансиски средства за солидаризирање со новинарите во скопската Стара чаршија [4] на 14 октомври, со цел да им се помогне да ја платат казната, во која спаѓаат и обемните судски трошоци.