- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Блогерска револуција: од Иран до Куба

Категории: Источна Азија, Латинска Америка, Среден Исток и Западна Африка, Египет, Иран, Кина, Куба, Саудиска Арабија, Сирија, Владеење, Дигитален активизам, Жени и род, Идеи, Политика, Протест, Слобода на говор, Туризам, Човекови права

Антони Ловенстен [1], хонорарен новинар и блогер од Сиднеј, неодамна ја објави својата нова книга: Блогерска револуција [2]. Оваа книга зборува за влијанието на блогирањето во шест земји: Иран, Сирија, Саудиска Арабија, Египет, Кина и Куба.

Тој вели:

Ги избрав овие шест земји бидејќи тие од страна на Западот рутински се сметаат за „непријатели“ и „сојузници“ на Вашингтон и ние многу ретко добиваме вистинити информации за животот таму, покрај приказните за „тероризам“. Сакав да зборувам со блогери, писатели, дисиденти, политичари и граѓани и да ги чујам нивните приказни, без „официјалната“ перспектива.

Антони присуствуваше на самитот на Глобал војсис 2008 [3] во Будимпешта како говорник. Може да најдете неколку спомнувања на Глобал војсис во неговата книга.

Во ова видео, Антони ја презентира својата книга на ЈуТјуб:

Следува интервју за неговата книга:

П: Пред да го започнеш своето патување во Иран, напиша дека си скептичен дека интернетот, сам по себе, може да донесе вистински револуционерни промени во оваа земја. Што подразбираш под револуционерни промени? И што мислиш сега?

О: Концептот на револуција е менлив термин. Запознав неколку луѓе на моите патувања кои сакаат големи промени во нивните земји. Мојата книга опфаќа неколку дисиденти и блогери од целиот свет, кои се желни за политичка, социјална и морална промена – вклучувајќи го и најпознатиот блогер од Саудиска Арабија, Фуад Ал-Фархан [4], кој неодамна беше ослободен од затвор [5] поради тоа што го предизвика националното непотистичко правило – но тие признаа дека само мал дел од населението би им се приклучило во масивни пресврти.

Интернетот, сам по себе, не може да донесе големи промени, но може да помогне во еманципирање на луѓето за да можат лесно и слободно да ги најдат своите кампањи. Пред интернетот не постоеше технологија што може да го постигне ова. Не го идеализирам интернетот, ниту верувам дека демократијата на Западот е целта на луѓето од земјите кои ги посетувам. Мешањето на странските земји не е добро прифатено, но започнување на комуникација со земјите од Западот е добредојдено.

Во Иран, после скоро триесет години револуција, повеќето млади луѓе што ги сретнав беа исцрпени; тие не сакаат да бидат бомбардирани од САД или Израел.

П: Цитираше ирански новинар кој има работено со интернационални новински агенции и рече дека странските медиуми во Иран се заинтересирани само за нуклеарните прашања и Ал Каида. Дали мислиш дека е иста ситуација во другите земји? Сепак, Ирачаните се позаинтересирани за изборите во САД отколку за американското здравство. Како ја гледате улогата на блоговите во покривањето на помалку „жешките“ теми во Иран?

О: Западните медиуми моментално имаат проблеми со довербата. Ресурсите се намалуваат, се вработуваат помалку новинари и се слави локализмот. Затоа не изненадува, за жал, дека толку многу приказни во нашиот печат за место како Иран се опседнати со Ахмадинеџад, тероризам, Ирак и човекови права. Тие се сите особено важни теми, но тие не го дефинираат местото.

Мојата книга открива страна на Иран која ретко се гледа во нашите медиуми кои се опседнати со тероризам.

Живеејќи во Сиднеј, Австралија, секој ден ја гледам опседнатоста со изборите во САД, како сите ние да имаме вистинско влијание врз кампањите на Барик Обама и Џон Мекејн.

Блоговите во таканаречените репресивни режими ги покриваат темите кои ограничените со време новинари  од Западот не ги опфаќаат. Само поради тоа, тие треба да бидат промовирани.

П: Дали постојат вистински сличности помеѓу блогосферите на Иран, Египет, Сирија и Саудиска Арабија или некои радикални разлики?

О: Блогосферите на Иран и Египет се големи и сè уште растат и влијаат врз политичкиот процес. Режимот, препознавајќи го ова, се почесто ги осудува блогерите и активистите со цел да ги замолчи. Интернационалната солидарност, од други блогери и одредени влади, му ја отежнува работата на режимот. Затворените блогери нема да бидат заборавени.

Бев воодушевен од длабочината и разновидноста на гласовите во Египет и Иран, нешто што многу често го спомнувам во книгата. Најискрено, оваа сцена е многу повклучена од многу западни заедници.

Во Саудиска Арабија, блогосферата не е многу развиена, но сепак останува активна. Цензурата на „порнографски“ содржини е лимитирана, но сепак режимот започнува да се плаши од моќта на активистите. Читањето блогови од жени – како пол тие се активно маргинализирани во општеството – е освежувачки доколку сакаме да ја разбереме претходно „тивката“  група.

П: Кои беа најголемите предизвици со кои се соочи додека ја пишуваше оваа книга и го правеше своето истражување?

О: Добивање целосен пристап во некои земји беше предизвик. Истражувањето за улогата на Гугл, Јаху, Мајкрософт и други мултинационални компании и нивната инволвираност во веб цензурата во државите како Кина. Заштитувањето на моите извори беше еднакво важно. Превземав мерки на претпазливост пред да ги контактирам блогерите во повеќето земји, а и кога пристигнав таму.

Главната цел на книгата беше да се оддалечам од традиционалната улога на западните новинари како филтер на квалитет. Во секоја опфатена земја, мојата перспектива е неизбежна, секако, но бев одлучен да ја редефинирам мојата позиција во однос на луѓето кои ги интервјуирав. Нивните ставови беа многу поважни од моите.

П: Што мислиш за улогата на Глобал војсис во запознавањето на луѓето со нечуените, незастапени гласови. Дали имаш некои идеи за како да се направи Глобал војсис поефективен?

О: Силата на Глобал војсис е во неговата способност да ги образува читателите низ целиот свет за различните земји и култури, прашања и перспективи кои често се игнорирани од кратковидните западни медиуми. Меѓутоа, јазикот останува како проблем. Треба да се вложи поголем напор во пронаоѓање на конекции помеѓу Западот и остатокот, бидејќи интернетот моментално е место каде тие два света ретко имаат интеракција.