Посета на Карандиру, фотографија од корисникот на Фликер силмараелис, објавена под Крејтив комонс лиценца. Насловот вели “таму, душите веќе долго се заборавени”.
Масакрот Карандиру, кој се смета за најголемо кршење на човековите права во историјата на Бразил, се случи пред 16 години (2ри октомври 1992) откако пламна бунт во 9тиот Павилјон на затворскиот комплекс Карандиру во Сан Паоло. Бунтот избега од контрола, што доведе до повикување на елитните сили на полицијата и конфронтација која резултираше со пријавување на 111 мртви. Немаше убиени полицајци.
Групите за човекови права тврдат дека повеќето затвореници биле невооружени и не пружиле отпор и дека полицијата сепак пукала во затвореници кои веќе се предале и се обидувале да се сокријат. Без обѕир на ова, никој никогаш не е казнет и единствениот човек кој е испитуван е командирот на операцијата, полковник Убиратан Гуимараес (убиен во септември 2006 во можно кривично дело во афект). Тој претходно беше осуден на 620 години затвор, но пресудата беше подоцна отповикана по барања за поништување на судската постапка.
Многу бразилски блогери повторно ги објавија истите вести од медиумите, но само неколкумина посветија оригинален пост за тој ден. Дина [pt] беше една од нив, сеќавајќи се на тоа како на “најголем акт на кукавичност во историјата на државата, извршен од страна на бразилската држава против затворениците”:
Вчера, 02/10/2008, се навршија 16 години од денот кога државата официјално објави дека масакрирала 111 бразилски граѓани. Сите кои беа масакрирани, убиени, не беа во отворена војна против државата, туку во времето на масакрот, тие беа затвореници, тие беа под надзор на државата. Поради ова, тие беа невооружени и многумина од нив беа заклучени во своите ќелии.
Во еден блогерски пост наречен “Неказнетост”, Тарсо Араухо [pt] не потсетува дека одговорноста за овој криминал не е префрлена на никого и дека нема проценка за тоа кога обвинетиот ќе биде осуден:
Фактот дека процесот вклучува многу обвинети, заедно со структуралните проблеми со кои се соочува судскиот систем како одговор на натрупувањето на нерешените парници, ја успоруваат процедурата.
Против процесот е поднесена жалба во Судот на Сан Паоло (TJ-SP). Бидејќи има знаци за намерен криминал извршен против живот, судијата одлучи на обвинетите да им се суди пред порота, ситуација со која обвинетите не се согласуваат.
За да одговори на прашање поставено на Јаху! Одговори за тоа како започна бунтот, Пука [pt] споделува едно парче од приказната која ја слушнала од еден познаник, еден од неколкуте затвореници од 9тиот Павилјон кој го преживеал масакрот:
Еден познаник на моето семејство помина низ тој пекол. Тој ни кажа дека всушност никој не знае точно како започнала целата работа. Тој рече дека помогнал да се исфрлат преку 200 тела во отворот на лифтот кој наводно постоел таму во затворот и кој потоа бил пломбиран со бетон. Неговиот цимер од ќелијата (по име Барако) бил убиен од страна на полицијата, тој преживеал само затоа што се сокрил зад вратата кога затворениците ги ослободувале ќелиите по барање на полицијата, и тој вели дека додека трчал надолу заедно со многу други, скалите од затворот биле преплавени со крв и кучиња, германски овчари, трчале по нив. Едно од кучињата го каснало за десната рака. Тој вели дека седел преку 12 часа во дворот, гол и склопчен, заедно со други затвореници. Неговото кривично дело? Тој учествувал во кражба во центарот за лото, бил прв пат прекршувач на закон и отслужувал казна во 9тиот Павилјон, каде започнало сé.
The Hub овозможи едно интервју со П.П., кој отслужувал казна во соседниот 8ми Павилјон и гледал од својот прозорец како се одвива целиот хорор. Тој вели дека официјалниот број на мртви, 111, се однесува само на вратените тела – тој верува дека бројот на мртви е поголем од 300. Заедно со група од околу 30 други затвореници, тој бил повикан да помогне да се носат телата, од кои 50 носел само тој. П.П. жали што, и по 16 години, случајот е обележан со неказнетост и заборавеност:
“Беше грозно. Но она што ме боли најмногу – колку е апсурдно дека сега е заборавено – никој повеќе не зборува за масакрот Карандиру овде во Бразил” (П.П. во интервјуто со Ракел Куентино – активист за човековите права од Universidade de Comunicação Livre).
Затворскиот комплекс Карандиру порано беше најголемиот затвор во Јужна Америка и во еден момент имаше скоро 8 000 затвореници. Затворот беше урнат на 9ти декември 2002 година, и на негово место е изграден градски парк. Корисникот на ЈуТјуб мтромбелли прикажува видео-документарец снимен од страна на студент по новинарство, кој ги прикажува последните моменти на затворот, празните ќелии и уривањето. Корисникот на Фликер испиц пак има цела галерија со фотографии сликани токму пред уривањето.
Оние кои би сакале да зануркаат длабоко во историјата на затворот и на масакрот треба да започнат со гледање на високо почитуваниот филм Карандиру, во режија на Хектор Бабенко, и инспириран од книгата бестселер Estação Carandiru (станицата Карандиру, сé уште непреведена) од бразилскиот лекар Драузио Варела, кој работел во Карандиру како волонтер посветувајќи се на епидемијата СИДА од 1989 до 2001.