Украина: Протести против контроверзниот предлог-закон за клевета

Предлог-законот кој предвидува казни до пет години затвор за клевета, помина на првото читање во украинскиот парламент на 18 септември – 244 пратеници од владејачката Партија на регионите и нивните коалициони партнери гласаа во негова корист.

Украинските граѓани и медиуми започнаа кампања на интернет против усвојувањето на нацрт-законот, принудувајќи го неговиот автор, пратеникот Виталиј Журавски, да поднесе барање за повлекување на законот на 25 септември.

Следуваат извадоци од жалбата на Репортери без граници поднесена на 31 јули до украинскиот парламент во врска со плановите за повторно прогласување на клеветата за незаконска:

[…] Поминаа повеќе од 10 години откако украинскиот парламент ја декриминализираше клеветата. Кога го усвои новиот кривичен законик во јануари 2001 година, Украина направи охрабрувачки прв чекор кон поголема заштита на слободата на изразување, кој е неопходен за демократска дебата.

Предлог-законот 11013, претставен од Виталиј Журавски член на Партијата на регионите, а со цел да ја декриминализира клеветата, е опасен чекор назад. Сметаме дека нејзиното усвојување ќе биде сериозен удар за слободата на печатот.

[…]

Нејасното дефинирање на клеветата кое законот го опишува како „ширење лажни информации, навреда на честа и достоинството на лицето или оштетување на неговиот или нејзиниот углед“, предизвикува страв од злоупотреба како резултат на различни толкувања.

Против новинарите може да се поведе кривична постапка поради објавување написи за активностите на политичари или влијателни бизнисмени. Кога новинарите се соочуваат со казна затвор поради објавување истражувачки приказни, со тоа се загрозува самото работење на независните медиуми.

[…]

Г. Журавски вели дека за изготвување на нацрт-законот бил инспириран од соседна Русија, која на 13 јули одобри закон со кој клеветата се прогласува за незаконска. Би сакале да ги потсетиме пратениците дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја осуди оваа постапка и сериозно му наштети на меѓународниот углед на земјата.

Репортери без граници ве повикува да се откажете од овој предлог-закон кој делува репресивно и контра-продуктивно. […]

Следува објаснување зошто законот не треба да се донесе, објавено на фејсбук-групата „Кажете му НЕ на законот за клевета“ (7.334 членови):

 […] Украинските новинари сметаат дека овој закон ќе се користи селективно против оние кои објавуваат стории критикувајќи го режимот. Така ќе се елиминира слободата на говорот во Украина, затоа што многу новинари ќе бидат принудени да престанат да го критикуваат режимот на начин кој подоцна може да се смета за клеветење.

Овој закон се однесува не само на новинарите туку и на сите граѓани – бидејќи секоја јавна изјава или коментар објавен во медиумите може да се смета за клевета ако судот утврди дека истата му наштетува на угледот и достоинството на лицето. Земајќи ја предвид состојбата на судскиот систем во Украина, овој закон претставува сериозна закана за граѓанското општество како целина. Кажете му НЕ на законот за клевета!

На 25 септември, многу украински новински веб-сајтови го поставија овој банер со цел да се привлече внимание кон законот за клевета и тековниот протест против истиот:

„Одбрани го твоето право да знаеш. Кажи му НЕ на законот за клевета“.

Банерот водеше до страница со службени електронски адреси и телефонски броеви на пратениците кои гласале за законот за клевета; нетизените беа повикани да контактираат со овие пратеници и да ги замолат да ја објаснат нивната одлука да гласаат за усвојување на контроверзниот предлог-закон.

На Фејсбук, новинарот Мустафа Најем го напиша ова за ефектот што „протестот со банери“ го имаше врз украинските пратеници – и даде потсмевачки предлог за тоа како да се задржат во рамките на законските граници во иднина:

Пратеникот Виталиј Журавски потсети на законот за клевета по првиот ден од протестот со банери… Слушајте, можеби следниот пат не треба го трошиме времето на ситници – да направиме навистина голем банер и на него да ги поставиме текстот на Уставот, Десетте заповеди и Конвенцијата за човекови права?

Се чини дека сепак законот за клевета сè уште не е минато.

Наталка Зубар, главен уредник на Maidan.org.ua, го напиша следново на фејсбук-групата „Кажете му НЕ на законот за клевета“:

Според украинското право, предлог-законите не може да ги повлекува авторот. Парламентот треба да гласа за отфрлање на нацрт-законот.

Корисникот на Фејсбук Јуриј Логинов додаде:

Да се надеваме дека парламентот ќе гласа за отфрлање на предлог-законот … интересно е дека повлекувањето доаѓа веднаш пред посетата на претседателот Виктор Јанукович на САД, се чини дека тековната администрација само се обидува да освои поени кај САД.

Во одговор на „бројните пораки“ испратени до политичарите како дел од „протестот со банери“, Олексиј Кунченко, пратеник од Партијата на регионите, го цитираше авторот на законот за клевета на неговата страница на Фејсбук; меѓу другото, пратеникот Журавски го спомна претстојното парламентарно гласање како причина да го смени својот став:

„Земајќи ја предвид тековната ситуација и делувајќи во интерес на државата, решив да го повлечам мојот предлог-закон. Знам дека во пресрет на парламентарните избори на 28-ми октомври, на секоја иницијатива се гледа со сомнеж и недоверба“.

Серхиј Петров, член на Одборот на Викимедија Украина, го напиша следново на фејсбук-групата „Кажете му НЕ на законот за клевета“:

Законот за клевета „дефинитивно ќе се усвои по изборите“. Ова е уште една потврда дека протестот треба да продолжи сè додека Собранието го отфрли овој предлог-закон.

Ако се обидат да го протуркаат уште еднаш, треба веднаш да се алармира и да се вратат банерите. Една од опциите е да се прогласи медиумска тишина пред и на денот на гласањето. Се разбира, ова би значело губење пари [за медиумите], но изгледа дека не постои друг излез … Патем, различните јазични сегменти на Википедија прибегнаа кон такви мерки во три наврати…

Така, протестот против предлог-законот за клевета продолжува.

Најновата верзија на црно-белиот банер поставен на многу украински веб-локации (пример тука и тука) ги повикува граѓаните да се соберат пред парламентот со бели (празни) плакати, за „да го одбранат нивното право да знаат“.

 

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.