САД: Аџилак во дивината

На 24 август, двајца млади љубители на пешачење, 19 годишен Американец и 21 годишен Кинез, беа пронајдени изгубени кај Стампид Трејл, во близина на Фербанкс, Алјаска. Полицајците што ги откриле изјавиле дека тие биле облечени во урбани алишта и дека носеле малку храна со себе. Ова не е прв пат неподготвени патници да бидат пронајдени во оваа дива и негостопримлива област.

Како други пред нив, тие заминале да го видат „Магичниот автобус“, еден од двата главни лика на бестселерот „Во дивината“, од 1996 година. Подоцна, тој беше преработен во сценарио напишано од Шон Пен, кој беше исто така и режисер на филмот што излезе во 2007 година.

Книгата, напишана од Џон Кракојер, раскажува вистинска приказна за Кростофер “Александар Суперскитникот” Мекендлс, дипломец кој ги напуштил своите родители и пријатели за да замине на одисеја низ американските патишта, кои ќе го доведат до неговата судбоносна цел: Алјаска. Тој бил пронајден мртов во 1992 година во јавен автобус, прилагоден да служи како засолниште за ловците.

Сè уште има неодговорени прашања околу вистинската причина за смртта, со мислења кои се движат од прегладнетост до труење или повреда, давајќи ѝ на тој начин една мистериозна страна на приказната.

Кростофер Мекендлс пред „Магичниот автобус“ (Слика пронајдена во неговата камера)

Кростофер Мекендлс пред „Магичниот автобус“ (Слика пронајдена во неговата камера)

Според весникот The Star, годишно околу 100 луѓе од целиот свет ги следат стапките на Мекендлс, одејќи на аџилак. Тој се смета за симбол на слободата и на враќањето на човекот кон природата.

Аџилак до автобусот

Блогерот и авантурист, Ден од The road chose me (Патот ме избра мене), ги опишува тешкотиите што ги искусил патувајќи до местото кај што умрел Мекендлс.

Запознав двајца интересни Австријци, Томас и (нагласете го р-то) Роланд, на автопатот Далтон и им требаше цели 10 секунди за да ме убедат да им се придружам на патување до „Автобусот“. Можевме да изминеме 12,5 милји со кола по Стампид патот пред да мораме да ги оставиме возилата и да продолжиме пеш. Утредента, првиот час и половина пешачење го минавме по една многу пријатна четириаголна патека, низ едни мали мочуришта, низ неколку премини на реката кои ни беа до колена и излеговме на крај на Теклиника реката.

Тие одеа спротивно од течението на реката и најдоа место каде што можеше да се премине. „Јас бев прилично исплашен кога реката ми стигна до бедрото и почна силно да ме турка“, пишува Ден. Конечно, тие пристигнаа до „Фербенкс автобусот 142“.

Кога се појави автобусот 142 на страната од патеката, кога излезе навидум од никаде, јас бев навистина преплашен. Некако, сè уште не се чувствував спремен да бидам таму. Направив пауза на крајот од чистинката, потоа на вратата, обидувајќи се да примам сè во себе. Иако не сум бил никогаш таму, местото ми беше многу познато- од описите во книгата, од филмот и од сликите што ги имам видено на Интернет.

Мислев дека Магичниот автобус ќе биде некое тивко, тажно место за минување на времето – и бев навистина изненаден кога открив дека вистината е спротивна од тоа.

Сквернавење на автобусот

Изгледа некои посетители не го почитуваат “мавзолејот”. Блогерот Ед Пламб од Фербенкс, Алјаска, го има опишано ова непочитување во неговиот блог The Edventures. За неговата втора посета на автобусот, тој има напишано:

Така ние пристигнавме до автобусот и го најдовме во целосен неред. Неколку прозорци беа искршени, стаклото беше раштркано наоколу и најголемиот дел од деловите на автобусот беа превртени. Ѓубрето беше расфрлано по должината на периметарот и во соседниот ред од смреки.

Се разбира автобусот не ги привлекува само бестрашните авантуристи и крадци. Хедер Хортон, сликарка и блогер, има изложено слика на нејзината на веб страница, инспирирана од нејзината посета на автобусот:

„Фербенкс автобусот 142“, благодарност до Хедер Хортон

„Фербенкс автобусот 142“, благодарност до Хедер Хортон

Мислев на Крис Мекендлс кога работев на оваа слика, исто како што мислев на него кога бев кај автобусот. За среќа, имав направено многу фотографии кои ми помогнаа да го повратам напливот на емоции и сеќавања којшто ми дојде тогаш. Мислев на 113-те дена што тој ги минал во автобусот, мислев на неговите размислувања, на прозорците низ кои гледал, мислев на одразот што го гледал во себе онолку колку што го гледал и оној на стаклото на прозорецот. Сликата претставува почеток на моето патување и ја создавам испитувајќи го местото каде што тој го има минато последниот, кобен дел од својата одисеја.

За жал, овие многубројни експедиции може да претставуваат товар за локалната заедница кога ќе се појави потреба за скапи мисии за спасување. Затоа, се зборува во Алјаска за преместување на „Магичниот автобус“ на место каде што тој би бил попристапен за посетителите.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.