Украина, ЕУ: Поблиски односи?

Планот на ЕУ да се финализира Договорот за Асоцијација со Украина во 2009 година беше објавен на Самитот ЕУ – Украина во Париз на 9 септември. Медиумите и блогерите го дочекаа со мешани реакции.

„ЕУ и нуди уверување на Украина“ е наслов на БиБиСи. „ЕУ не и нуди ветувања на полната со надеж Украина“, пишува Ајриш Тајмс.  „ЕУ дава позитивни знаци, но и нуди само нејасен договор на Украина“, вели Дојче Веле.  „Нервозната ЕУ и нуди на Украина надеж за иднината, но не и место на масата“ заклучува Тајмс.

Негативниот дел од оценката на резултатите од Самитот произлегува од одлуката на ЕУ да не го вклучи терминот „перспектива за членство“ во описот на идниот однос на Украина со ЕУ – фраза, која според Витали од Осмиот круг „би ги идентификувала аспирациите на Украина кон ЕУ како нешто повеќе од хипотетичка идеја“:

[…] Во себе си помислив дека ова не е изненадувачки.  Кога ќе се земе во предвид дека ЕУ сè уште ги „вари“ брановите на проширување од 2004 и 2007 година, го преживува синдромот на замореност од Романија и Бугарија и се справува со внатрешни проблеми предизвикани од гласањето на Ирска против Лисабонскиот Договор, секоја помисла на идната перспектива на проширување со други држави, како Украина со 46 милиони жители и Турција со 70 милиони сигурно им предизвикува несвестица. Иако, помалите држави како Србија со популација од 7 милиони имаат пореалистички шанси како што неодамна дознавме од г-дин Баросо […].

Осмиот круг потенцира уште една наводна причина зошто се донесе одлука против „европската перспектива“ на Украина – тековната политичка криза во Украина – но тврди дека „европските вредности имаат многу голем УДЕЛ во она низ што Украина поминува во моментов“:

[…] Понатаму, зачудувачки е зошто повлекувањето на еден дел од владејачката коалиција и, како резултат на ова, потенцијалните предвремени избори НЕ се примери на вредности кои ЕУ и Украина ги делат. Како демократија со компетитивни, независни и фер избори Украина се обидува да најде институционално решение кое ќе ги задоволи сите нејзини политички актери.

Тоа е демократски процес низ кој мора да помине секоја демократска земја ако сака да го надмине епитетот – „во транзиција“. Консолидираните демократии, како Канада и Јапонија, моментално поминуваат низ истиот процес на формирање коалиција и предвремени избори, а минатата година на Белгија и требаа 196 дена да формира коалиција, што скоро го надмина нивниот рекорд од 1977 година од 208 дена. […]

Џ Клајв Метјус од Ноусманкис ЕУтопија мисли дека ЕУ треба да прифати попрактичен пристап кон Украина:

[…] Значи Украина е помалку добредојдена од малечките Албанија и Македонија? Помалку добредојдена од Србија, земја изградена врз геноцид и граѓанска војна која сè уште спори со поголемиот дел од ЕУ околу статусот на Косово?

Да, браво за ова. Навистина охрабрувачки. Добро изведено.

Ветувањето за идно членство во ЕУ може да биде придвижувач кон подобро, кој ќе инсирира позитивно поместување кон поголеми демократски слободи. Но тоа ветување мора да се даде. Пристапот „морков и стап“ е испитан и тестиран метод за да ги натераш луѓето да направат како што сакаш – тоа важи и за земјите. Сепак, во случајот со Украина, морковот на ЕУ се чини е главно имагинарен – додека во исто време Украинците знаат дека Русија има и стап и морков и не се плаши да ги употреби.

Тарас од Украиниана зазема остар став кон перформансите на украинските политичари:

[…] Се разбира, оние кои сакаат во Европа не можат да си дозволат да бираат. Особено ако седнуваат на масата за преговарање во таква гротескна состојба на неред.

Во меѓувреме, оставете ги нашите олигарси да купат уште по некој дел од Монако. Можеби тогаш ќе имаме шанси да се приклучиме кон ЕУ? […]

Дел од параграфот горе е всушност реакција на наизглед неспретниот и несоодветно позитивен одговор на Виктор Јушченко на она што Николас Саркози наводно го рекол на крајот на Самитот во име на ЕУ. Украиниана објави статија пренесена на една од украинските ТВ станици и понуди англиски титлови за украинскиот превод на зборовите на Саркози:

Францускиот Претседател Саркози: Овој договор за асоцијација [што ќе се потпише во 2009 година] не затвoра патишта, но не ни отвара нови. Тое е сè што можеме да дадеме.

Украинскиот Претседател Виктор Јушченко: Многу го цениме тоа што го постигнавме денеска.

Меѓутоа, излезе дека изјавата на Саркози била погрешно преведена и погрешниот превод бил пренесен на многу украински и неколку западни медиуми (повеќе за тоа – тука). Оригиналната изјава “[…] cet accord d’association ne ferme aucune piste, que même il en ouvre” – наводно треба да гласи вака „[…] овој договор за асоцијација не затвoра патишта, туку дури отвара некои.“

„Па, ќе видиме што ова значи во пракса“, заклучува Украиниана откако објави исправка.

Осмиот круг верува дека ЕУ треба да „остане поврзана со своето Источно Соседство“ и дека полско-шведскиот проект Источно Партнерство би можел да биде „добар мал чекор во таа насока“. Еве зошто:

[…] Ова партнерство повеќе од сè друго ќе покаже дека ЕУ ја задржува лидерската улога во Европа со тоа што останува активно поврзана со „соседните земји“ кои се во различни фази на демократски и економски развој

[…]

Забележете дека не се работи за давање ветување за членство или кандидатски статус – како она што Баросо и го даде на Србија – туку се работи за тоа на политичарите во Киев и на украинската популација да им се сигнализира дека ако сакаат да направат соодветни реформи и ги направат, тогаш ЕУ е остварлива опција. […]

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.