- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Глобално затоплување: Морска слуз се појавува на плажите во Халкидики

Категории: Западна Европа, Источна и Централна Европа, Грција, Граѓански медиуми, Економија и бизнис, Животна средина, Развој
[1]

Морска слуз на плажа меѓу Ханиоти и Пефкохори, Халкидики, Грција, септември 2021 г. Фото: Мета.мк, CC BY-NC.

Оваа сторија беше првобитно објавена [2] од Мета.мк. Ревидирана верзија е објавена овде благодарение на договорот за споделување содржини меѓу „Глобал војсис“ и Фондацијата „Метаморфозис“.

Лигавата пена наречена морска слуз, што е резултат на глобалното затоплување, ова лето неколку пати се појавила на грчките плажи. Снимките од неколку од плажите на Халкидики направени овој септември посведочија дека навистина морето повремено исфрла таква пена.

Научниците ја поврзуваат појавата на морската слуз со глобалното затоплување. Загревањето на атмосферата, благодарејќи на ефектот на стаклена бавча ја подига и температурата на океаните и морињата, со што ги прави попогодни за живот на одредени микроорганизми, а непогодни за останатите животни и растенија.

Морската слуз претежно се состои од фитопланктон [3], односно микроскопски алги. Сам по себе фитопланктонот не е штетен за околината, но во комбинација со зголемените температури на водата, отпадните води, пестицидите и глобалното затоплување, тој премногу се размножува и предизвикува штета на биодиверзитетот, го блокира влезот на сончевата светлина во морето и го намалува нивото на кислород во морето.

Според мерењата на Системот Посејдон [4], мрежа на научно-истражувачки станици која со подршка од државата и Европската Унија ја следи состојбата во грчките мориња, врелиот бран од втората половина на јуни 2021 година ја подигнал просечната дневна температурата на Егејското Море на 28 степени, што е 4 степени повеќе од претходните години.

Локалните жители во Пефкохори велат дека фолклорното шегобијно објаснение за оваа појава било „бабите викаат дека се работи за сапуница што доаѓа до брегот поради миење на бродовите“. Мештаните генерално не се желни да дискутираат на темата со странци.

[5]

Морска слуз на плажа меѓу Ханиоти и Пефкохори, Халкидики, Грција, септември 2021 г. Фото: Мета.мк., CC BY-NC.

Во текот на јуни, британскиот весник „Индепендент“ извести [6] дека грчката влада покренала истрага за појавата на морска слуз во водите во близина на островот Лемнос.

Грчкиот весник „Екатимерини“ тогаш објави [7] дека според истражувањето нарачано од Министерството за животна околина, феноменот е предизвикан од комбинација на загадување и високите температури.

Ставрос Статакис, потпретседателот на здружението на рибари од Лемнос со изјава за „Екатимерини“ предупредил дека морската слуз го отежнува рибарењето и ги брка туристите.

„Таа се појавува од време на време, но бргу ја снемува. За прв пат во последните десет години ја има во толку големи количини.“

[8]

Морска слуз на плажа меѓу Ханиоти и Пефкохори, Халкидики, Грција, септември 2021 г. Фото: Мета.мк, CC BY-NC.

Зголемувањето на количеството и зачестеноста на морската слуз е показател на ефектот на климатските промени предизвикани од луѓето преку испуштање јаглерод диоксид во атмосферата со горење фосилни горива (јаглен и нафта) и исфрлање отпадни материи во водните текови.

Годинешнава појава на морска слуз во Егејското Море е неспоредливо помала од неодамнешното пренатрупување на соседното Мраморно Море [9] во Турција.

Како што извести [10] „Глобал Војсис“, турските власти покренале акција на инспекции и чистење, при што претседателот Реџеп Таип Ердоган изјавил [11] дека напливот на морска слуз е предизвикан од луѓето и компаниите кои фрлаат отпад во Мраморно Море.