- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Младите египетски жени не сакаат да работат!

Категории: Среден Исток и Западна Африка, Египет, Жени и род, Медиуми и новинарство, Младина, Образование, Развој, Слобода на говор

Додека некои жени сè уште се борат да се докажат на работното место, младата генерација египетски мажи и жени се чини тргнале по различен пат.

Фантасиа [1] гледала епизода од El Beyoot Asrar (Домовите имаат тајни) каде што се зборувало за жените и дали тие треба да работат или не.

Имаше две групи на луѓе во емисијата: поканетите гости, кои беа мажи и жени во доцните 40ти и 50ти години, и публиката, која беше претежно од млади луѓе. Некои беа студенти, а други изгледаа како да се во раните 20ти. Не се сеќавам на точните зборови на секоја личност пооделно, но постарите луѓе сите беа за работа. Жените зборуваа за нивните искуства во животот, како нивните кариери им помогнале и како нивните сопрузи ги поддржувале. Зборуваа за своите деца. Повеќе од еднаш беа запрашани дали нивните кариери влијаеле врз нивната грижа за децата и сите одговорија дека децата не страдале поради нивните кариери. До тука, сè ова звучи фино. Човек би помислил штом постарата генерација вака размислува, помладата генерација дефинитивно ќе биде понапредна и жените ќе бидат поориентирани кон градење кариера.

Кога помладата генерација мажи и жени добиле шанса да ги изразат своите мислења на оваа тема, Фантасиа била многу разочарана:

Млад човек, најверојатно во раните 20ти години, рече дека нема да и дозволи на својата жена да работи…во никој случај. Тој мислеше дека местото на жената е во домот и никаде на друго место. Еден друг млад човек рече „Ќе и дадам на жена ми шанса да работи и ако успее да работи, сама да се грижи за децата, сама да се грижи за куќата…(и слушнете го ова)…да се грижи за МЕНЕ!!! (зарем тој има 2 години??? Зарем таа треба и пелените да му ги менува??) тогаш ќе и „ДОЗВОЛАМ“ да работи.“ Меѓутоа ако таа доживее неуспех во било кое поле или ако тој мисли дека не е доволно добра…. тогаш ќе и „ЗАБРАНИ“ да има работа или кариера!!!! На мое неверување и големо разочарување неколку други мажи од публиката го мислеа истото.

Жените во публиката уште повеќе ме разочараа. СИТЕ, повторувам, СИТЕ жени во публиката (за кои ќе додадам дека според изгледот беа во раните 20ти) рекоа дека нивниот „СОН“ е да се омажат и да седат дома. НИТУ ЕДНА, повторувам, НИТУ ЕДНА не спомна дека има желба да има кариера. Тие ниту спомнаа успех ниту помислија на него. Сите беа дипломирани студенти кои „одбраа“ да ги отфрлат своите дипломи засекогаш!! Неколку спомнаа дека би сакале да работат додека да го сретнат вистинскиот маж. Значи за нив работата е начин да се „улови“ маж! Кога овие девојки беа запрашани за нивните амбиции, нивниот коментар беше многу сличен на коментарите на мажите: сите се согласија дека жените немаат амбиции, дека нивната амбиција треба да биде да готват и чистат и чуваат деца. Се согласија дека амбицијата на жените за кариера е „мит“ со кој западните медиуми се обидуваат да им го исперат мозокот на жените!!!

Фантасиа ја искажа својата фрустрација велејќи:

Од моја гледна точка, на нашата земја и е потребна секоја трошка работа и енергија која ја имаме на располагање да ни помогне да се извлечеме од економската и социјалната депресија. Не треба ни да се размислува за концептот дека жената треба да работи… Оваа тема се дискутира веќе повеќе од 120 години… и жените работат уште од времето кога созреаа нашите баби и дедовци во 1940-те и 1950-те. Необично е едно општество толку многу да биде уназадено и жените да изгубат толку многу за толку кратко време. Она за што египетските жени толку напорно работеа полека им се одзема…а тие не ни забележуваат. Неверојатно е колку перење на мозок се случи во нашата култура во последниве 20 години!! За мене е мистерија како е можно да ги угнетуваш луѓето и во исто време да ги убедуваш дека угнетувањето било нивна идеја…така што тие мислат дека угнетувањето е ослободување??? Знам дека звучи збунувачки, но ние сме жив пример за оваа превртена логика.

Фантасиа исто така објасни дека таа не е против мајки кои не работат, но…

Но ако сите жени одеднаш решат да останат дома, тоа повеќе не е несебичен акт, туку се претвора во многу себичен акт. Да објаснам зошто:

1- За почеток …. на децата мајките им се потребни само во првите неколку години од животот. По 4 годишна возраст сите деца одат во училиште, така што мајка која седи дома навистина не прави многу за детето. Египетската влада има направено многу за мајките кои работат во Египет. Постои еден многу дарежлив закон кој не постои сегде, а тоа е законот за отсуство за грижа на дете. Според законот, жена која работи во Египет може да отсуствува од работа до 5 ГОДИНИ.

2- Мажите тврдат дека им треба жена за да се „грижи“ за нив. Освен ако мажот не е оневозможен или хендикепиран на некој начин, на ниту еден возрасен одговорен работен маж не му треба жена да се грижи за него. Мажите ги учат уште од мали дека не треба ни со прст да мрднат за да се грижат за куќата; не треба да чистат, не треба да готват и целата оваа „нечиста“ работа е под нивното ниво.

3- Мажите тврдат дека ако мажот може да си дозволи финансиски да се грижи за куќата, жената не ТРЕБА да работи. Ова всушност е еден од најиритирачките аргументи. Жените во Египет ја чинат владата илијадници фунти за да добијат факултетско образование, и ако жената одлучи да не работи тогаш треба да ги врати парите за да може некој друг да ги искористи да добие образование и да биде корисен за општеството. Ако овие пари Министерството за образование ги искористи за да финансира лабораториски истражувања, зарем нема подобро да бидат потрошени? Значи ова е мојот аргумент: ако не сакаш да ги користиш, не ги земај!!!

4- Луѓето тврдат дека жените го заземаат местото на мажите на работното место и ги оставаат без работа. Би сакала да одговорам на ова тврдење со тоа што ќе кажам дека сите жени немаат некој кој ги издржува. На мажите кои мислат дека жените го заземаат нивното место им велам, не бидете толку кратковиди. Не ја потценувајте вредноста на жената која работи во соседната канцеларија бидејќи можеби таа прави повеќе за нејзиното семејство отколку што некој маж би можел. Жените на работното место треба да бидат прифатени, почитувани и ценети. Тие не ги заземаат вашите места и нивната вредност на работното место не е помала од вредноста на нивните машки колеги.

5- Луѓето тврдат дека нема доволно работни места за сите…значи жените треба да седат дома и да ги остават мажите да работат за да може секое семејство да има барем еден приход!! За ова тврдење би сакала да речам дека иако нема доволно извори на приход од работа за сите, сепак има толку многу работа што треба да се заврши, а никој не ја прави. Еден од концептите за кои многу ретко слушаме во Египет е волонтирањето.

Фантасиа го завршува својот напис со мотивирачка порака и вели:

Значи да се тврди дека жените треба да седат дома е себично и обично тоа го велат луѓе кои мислат само на себе. Ние сме и потребни на нашата земја, ние сме движечката сила на прогресот на нашата нација. Сите мораме да работиме заедно. Тоа што се жалиме поради корупцијата или каде отидоа парите нема да ни помогне. Ќе ни помогне заедничката работа. Не велам дека корупцијата не е фактор, но велам дека корупцијата стана изговор за сè што не е во ред во нашите животи. Можеме да направиме уште толку многу работи за да го направиме Египет подобар…треба само да пробаме!