Кога чешмата ќе пресуши: Жените во Казахстан носат многу повеќе од товарот на водата

Ajgul Serikova collecting as much water as she can before the taps run dry.

Ајгул Серикова, жителка на областа Узункол во регионот Костанaј, во северен Казахстан, собира колку што може повеќе вода пред да пресушат чешмите. Фотографија: Central Asian Bureau for Analytical Reporting (CABAR.asia). За слободна употреба.

Овој текст го изработи Назгул Ајдабосинова од Казахстан, преку грантовата шема Digital Spark, како дел од проектот Регионален механизам за поддршка EECA, што го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис и TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамки на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Текстот се објавува на Global Voices како дел од договор за споделување содржини.

Во селото Кизилсај, во јужен Казахстан, водата секое попладне исчезнува. Ова не е метафора. До пладне, цевките буквално пресушуваат.

Жените стануваат пред зори за да го наполнат секој сад што го имаат. Потоа чекаат водата повторно да дојде. А додека чекаат, носат кофи во градините, го хранат добитокот, ги носат децата на училиште и на своите плеќи носат невидлива планина од работа која никој не ја вреднува, никој не ја плаќа и никој не ја гледа. Десет жени одлучија да го променат тоа.

Проблемот што никој не го зема предвид

Кизилсај се наоѓа во еден од најжешките делови на Казахстан. Летата овде сега рушат рекорди за кои постарите жители велат дека не постоеле пред 20 години. Според податоците на самиот Казахстан, загубите на вода во руралните средини достигнуваат 40–60 проценти. Во многу рурални средини исто така недостасува соодветна санитарна инфраструктура. Според истражувањето на The Borgen Project, дури и кога има вода, таа не е секогаш безбедна за пиење. За жените од Кизилсај, ова не е само статистика, туку реалност што ја живеат секој ден, кога чешмите попладне ќе пресушат.

Во јуни 2026 година, UN Women објави значаен извештај насловен „Напредокот на жените во светот 2026: Родова еднаквост во ерата на климатската криза“. Во него јасно беше наведено она што жените од Кизилсај веќе го знаеја длабоко во себе. Не може да се изгради одржливо земјоделство, ниту каква било одржлива иднина, без вклучување на „економијата на грижа“ во климатското и земјоделското планирање.

Жените во руралните средини го носат најголемиот товар од недостигот на енергија, физичката работа и грижата за добитокот. Како резултат на тоа, речиси и да немаат време за учење, заработка или организирање.

Natalia Solntseva fills a bucket to water her grandmother’s garden in Koksai, Almaty region.

Наталија Солнцева полни кофа за да ја полева градината на својата баба во Коксај, во регионот Алмати. Фотографија: Central Asian Bureau for Analytical Reporting (CABAR.asia). За слободна употреба.

Жените во руралните средини во Казахстан работат од 10 до 15 часа дневно, при што најголемиот дел од таа работа не се евидентира и не е платена. Во Кизилсај, тоа значи станување во 4 часот наутро во деновите за наводнување и поминување пет часа на нива, следејќи како водата тече низ каналите за наводнување. Ако го пропуштите својот ред за наводнување, градината ви пропаѓа. Пет часа, трипати неделно: од 40 до 60 часа месечно, потрошени на една од најмалку вреднуваните задачи што може да се замислат.

Телефон што може многу повеќе од WhatsApp

Јас сум Назгул, а од мај до јуни 2026 година, во рамки на проектот „Дигитален глас на жените од Кизилсај“, одржав четири обуки за жени во Кизилсај. Идејата беше едноставна: повеќето жени во оваа заедница веќе имаа паметни телефони. Она што им недостигаше беше знаењето дека тие телефони може да користат за многу повеќе од само испраќање пораки.

Почнавме со основите: потсетници за грижата за добитокот, водење дневници за фармата со фотографии и обука за апликацијата eGov, преку која можете да побарате официјални владини документи без да патувате до градот.

За жените кои со часови чекале во редици пред државните институции само за да извадат извод од матичната книга на родените, ова не беше само олеснување, туку вистинско откритие.

Потоа преминавме на прашањето за водата.

Докази што не може да се игнорираат

A tap in rural Kazakhstan releasing murky, brown water.

Чешма во руралните средини на Казахстан од која тече матна, кафеава вода. Фотографија: Central Asian Bureau for Analytical Reporting (CABAR.asia). За слободна употреба.

Втората обука беше насловена „Паметна вода: Кога вашата градина ви кажува дека е жедна“. Ги научивме учесничките како да ги фотографираат проблемите со водата, како што се суви канали, скршени цевки и загадени извори, при што фотографиите автоматски се означуваат со датум и време. Овие фотографии ги нарековме „Картички за проблеми со водата“. Фотографија без метаподатоци е мислење. Фотографија со GPS-координати, датум и опис е доказ.

Разговаравме за правата поврзани со водата во Казахстан на разбирлив јазик, без правен жаргон. Повеќето жени никогаш не слушнале дека пристапот до чиста вода не е услуга што ја прави локалната власт, туку законско право.

Една од учесничките рече: „Отсекогаш мислев дека нè игнорираат затоа што можат. Сега знам дека нè игнорираат затоа што немаме докази. Затоа, отсега ќе имаме докази.“

Бројката што промени сè

Третата обука беше најзначајна. Заедно ја пресметавме вистинската цена на еден литар млеко, вклучувајќи го и времето на жената пресметано според минималната плата. Во просторијата завладеа тишина кога учесничките сфатија дека тие ги субвенционираат своите купувачи. Воделе добротворни организации, а не бизниси.

Исто така, пресметавме што би можела да донесе автоматизацијата на паметното наводнување: 60 часа месечно. Шеесет часа што би можеле да се искористат за одење на пазар, онлајн курсеви, одмор или учество во граѓански активности. Со 500 KZT (казахстанско тенге) или 1,09 американски долари по час, тоа изнесува 30.000 KZT (65,17 американски долари) во текот на една сезона на одгледување — доволно за да се исплати заедничкиот автоматизиран систем за пумпање.

До четвртата обука, разговорот веќе беше поинаков. Повеќе не разговаравме за поединечни телефони. Разговаравме за колективната моќ.

Најважниот резултат од овие четири месеци не беше дигиталната писменост, туку довербата. Жените учеснички кои со години работеа заедно одлучија да формираат задруга.

Задругата има повеќе цели: заеднички да се справи со кризата со водоснабдувањето во селото преку документирано работење, организирано застапување и заедничка инфраструктура за паметно наводнување, како и економски и граѓански да ја направи видлива работата на жените.

Што понатаму

Моделот на пренесување на знаењето од четвртата обука веќе е во тек: три учеснички почнаа да им го пренесуваат на соседите она што го научија на нашите обуки.

Задругата ќе поднесе заедничка апликација за грант за поставување заеднички паметен систем за бунар.

Подолгорочната промена што ја носи проектот е потешко да се измери. Кога една жена ќе научи да ја пресмета вредноста на своето време, ќе приложи фотографија и ќе каже: „Ова е доказ и тие мора да одговорат“, кај неа лично, како и во заедницата, настанува трајна промена.

Вода во Кизилсај и понатаму снемува секое попладне. Но сега, жените кои секојдневно носат вода до своите домови, го најдоа нивниот глас.

Назгул Ајдабосинова е обучувачка и координаторка на проектот „Дигитален глас на жените од Кизилсај“ во јужен Казахстан, 2026 година.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.