
Затворот Силиври во Турција. Фотографија: Wikimedia Commons. CC BY-SA 4.0.
Овој текст го изработи Ахмет Каврук од групата „Затворска агенда“ во Турција, преку грантовата шема Digital Spark, како дел од проектот Регионален механизам за поддршка EECA, што го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис и TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамки на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Текстот се објавува на Global Voices како дел од договор за споделување содржини.
Кон крајот на 2025 година, затворите во Турција станаа повидливи во јавноста отколку во кој било период во изминатите години. Единаесеттиот пакет правосудни реформи, кој опфаќаше законски измени усвоени во декември, со денови беше тема на дебати на телевизија, во весниците и на социјалните мрежи. Прописите за изрекување казни, тврдењата за предвремено ослободување и промените во казнениот систем беа во центарот на јавната дебата. Меѓутоа, како што се засилуваа дебатите, на виделина излезе уште едно прашање – многу од луѓето кои разговараа за истата тема всушност немаа исти информации.
По повеќе од една деценија работа во областа на човековите права и новинарството, во текот на овој процес постојано слушав слични прашања од луѓето околу мене. Имаше голема нејаснотија околу тоа на кого ќе се однесува законската регулатива, какви промени ќе донесе и дали ќе ги реши суштинските проблеми во затворите. Меѓутоа, во текот на оваа дебата забележав нешто: за затворите се зборува само кога на дневен ред ќе се најде нова регулатива за изрекување казни, а дебатите главно се вртат околу познати личности или случаи со голем политички интерес. Во меѓувреме, огромното мнозинство од овој затворен систем, во кој се сместени стотици илјади луѓе, останува невидливо.
Оттука произлезе идејата за нашиот Substack билтен „Затворска агенда“ (Gündem Hapishane). Сакав да создадам независна публикација што ќе придонесува кон дебатите за затворите и човековите права на лицата лишени од слобода, не само во време на кризи, туку и од перспектива на човековите права и врз основа на сигурни и ажурирани информации. Ја споделив оваа идеја со мојата колешка Тутку Сонмез, а бидејќи и двете ја препознавме потребата за таква публикација, решивме заедно да преземеме чекори.
Од бројки до човечки приказни

Затвор во Синоп, Турција. Фотографија: Wikimedia Commons. CC BY 2.0.
На 1 јануари 2026 година, Тутку и јас ја започнавме „Затворска агенда“. Наместо да објавуваме нови вести, нашата цел беше информациите што веќе беа објавени, но расцепкани, технички и тешко достапни, да ги преточиме во јазик што секој може да го разбере.
Секој месец ги разгледуваме официјалните статистички податоци, записниците од собраниските комисии, извештаите на Советот на Европа, податоците на EuroPris и академските истражувања. Потоа ги поедноставуваме, проверуваме и ги претвораме во инфографици, визуелизации на податоци и кратки анализи со помош на алатки за дигитален дизајн. Понекогаш овој процес го нарекуваме „превод заснован врз човекови права“, бидејќи нашиот фокус е постојните информации да ги направиме видливи и достапни, наместо да создаваме нови знаења.
Невидливите затвореници со „сложени потреби“
Турција во моментов има најголем број затвореници во Европа, а бројот на лицата лишени од слобода е повеќе од двојно зголемен во текот на изминатата деценија. Сепак, оваа бројка често се сведува само на статистички податок. Нашата цел е да ги потсетиме луѓето дека зад секоја бројка стои човек.
Да ги земеме, на пример, малите деца кои живеат во затвор со своите мајки, странските државјани кои не можат да пристапат до механизмите за правда затоа што не зборуваат турски, жените кои не можат да учествуваат во образовни и социјални активности поради недостиг на персонал, како и постарите и затворениците со попреченост на кои им е отежнат пристапот до здравствена заштита. Овие групи честопати не се споменуваат дури ни во фуснотите на официјалните извештаи. Сепак, од перспектива на човековите права, токму овие лица треба да бидат највидливи. Во секоја содржина што ја создававме, настојуваме барем малку да ја намалиме оваа невидливост, повикувајќи се на меѓународни стандарди како што се Бангкокшките правила и Правилата на Нелсон Мандела, со кои се утврдуваат меѓународни стандарди за условите во затворите и постапувањето со затворениците.
Поголемо влијание
Кога го започнавме проектот, нашата главна цел беше да создадеме сигурен и одржлив извор на информации, наместо да допреме до голема публика. Не бевме сигурни како јавноста ќе реагира на редовното објавување содржини за затворите, тема која обично добива малку внимание во јавноста. Сепак, брзиот раст на бројот на претплатници за краток период ни покажа дека потребата е многу поголема отколку што очекувавме. Во првите шест месеци, нашите билтени на турски и англиски јазик добија 435 претплатници. Нашите билтени почнаа да служат како важен извор на информации за новинари, застапници за човекови права, академски работници и претставници на граѓанското општество.
Со текот на времето, го проширивме опфатот на нашата работа и почнавме да објавуваме три редовни изданија: „Билтен за вести“, во кој се сумираат клучните случувања, „Билтен со податоци“, во кој се анализираат официјалните статистички податоци за да се прикажат трендовите и „Билтен за парламентарен мониторинг“, преку кој внимателно ги следиме законодавните активности поврзани со затворите во Големото национално собрание на Турција. Објавуваме и тематски текстови посветени на ранливи групи по повод важни датуми, како што се Месецот на гордоста, Светскиот ден на бегалците, Меѓународниот ден на жената и Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура.
Предизвиците и иднината на независното издаваштво
Не треба ни да се каже дека работата во оваа област не е лесна. Затворите, по својата природа, се затворени институции кои тешко може да се надгледуваат. Пристапот до информации е ограничен, официјалните податоци се фрагментирани, а бирократските постапки се бавни. Дополнително, обработувањето на овие чувствителни прашања во политичка средина во која граѓанското општество е под притисок подразбира постојано справување со ризикот во секој момент да се наиде на правни или технички пречки. Обезбедувањето финансиски средства за одржување на независното новинарство е уште еден предизвик.
И покрај тоа, „Затворска агенда“ ме научи на нешто важно за новинарството. Порано мислев дека основната улога на новинарството е да создава информации. Денес, сметам дека постои уште една подеднакво важна одговорност: сложените информации да се претворат во информации што луѓето навистина можат да ги користат. Затоа што статистиката сама по себе не го менува општеството. Но, кога ќе ги воочиме човечките приказни зад таа статистика, можеме да почнеме да зборуваме за повредите на човековите права и за можните решенија.
Во периодот што следува, паралелно со зајакнувањето на нашите изданија на турски јазик, имаме намера дополнително да го развиваме и нашиот билтен на англиски јазик, со цел поефикасно да ги поврземе иницијативите на граѓанското општество во Турција со меѓународните мрежи за човекови права. Без оглед на тоа колку физички се оддалечени затворите од општеството, правата на луѓето кои се наоѓаат во нив се универзални. Веруваме дека пристапот до информации е основно право, а не привилегија.







