Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Русија укажува: „Интернетот шири екстремизам“

Is the Internet Russia's greatest extremist threat? Images mixed by author.

Дали е интернетот најголемата екстремистичка закана за Русија?  Сликата е креирана од авторот.

Министерството за внатрешни работи на Русија изготви нацрт десетгодишна стратегија за борба против насилниот екстремизам, којaшто според федералниот закон вклучува сѐ, од дела на омраза до вооружена револуција. Сoгласно овој долгорочен план, неовластено објавен во весникот Kommersant, властите строго би ги казнувале изворите на екстремистички информации за да поттикнат отпор кон екстремистички идеи. 

Планот ги идентификува уличните протести како „основен инструмент за радикализирање на општеството“ аргументирајќи дека преку ширење идеи на омраза на интернет, екстремистите  можат мирољубивите собирања да ги претворат во побуни.

Според Kommersant, новата стратегија на Министерството за внатрешни работи би ги префокусирала државните напори од  „манифестации на екстремизам“ кон директно справување со „екстремистичката идеологија“. Во пракса, ова би можело да ги прошири овластувањата на владините политики преку назначување официјални лица кои би отстранувале онлајн материјали што содржат одредени идеолошки чувства кои не мора задолжително да бидат и насилни.

Планот предлага четири главни чекори за борба против екстремизмот:

  1. Построга контрола на  руските класични и онлајн медиуми за да се избегне екстремистичката идеолошка пропаганда.
  2. Развивање нови методи за ограничување на пристапот до таков тип материјали. На пример, авторите предлагаат проширување на руската црна интернет листа.
  3. Организирање  кампањи на „контра-пропаганда“   на социјалните мрежи.
  4. Реформирање на образованието на учениците и студентите по новинарство  за да се поттикне отпор кон екстремизмот како и чувство на морал и професионална обврска за борба против екстремизмот и тероризмот.

Според Kommersant, авторите на стратегијата „се надеваат на идеолошката поддршка од страна на граѓанското општество и масовните медиуми“.

Русија не е единствената земја која што го идентификувала интернетот како оружје на екстремизмот. На пример, еден извештај на Владата на САД од 2011 година го дефинира интернетот како „моќен растечки елемент кој може да прерасне во насилство“, и којшто им овозможува на странските насилни екстремисти директно да комуницираат со целните групи. Против екстремизмот, Белата куќа води таканаречено „Сеопфатно координирање на владино ниво“ што вклучува послешколски програми, организации коишто им помагаат на новите имигранти за вклучување во заедниците, програми за превенција на насилство и други „партнери кои немаат безбедносен карактер“.

Сепак, руската контраекстремистичка политика би можела да има дури и поголемо влијание врз интернетот. Според текстот на Виктор Степанов на мониторинг веб-сајтот TJournal.ru, за разлика од планот на руското Министерство за внатрешни работи, американската борба против онлајн екстремизмот не вклучува блокирање на веб извори или „соработка со интернет провајдери“.

Извештаите укажуваат дека стравувањата на Вашингтон во однос на екстремизмот и интернетот, имаат повеќе врска со тероризам и национална безбедност отколку со идеологија. Од друга страна, Москва зборува за борба со онлајн социјални мрежи и улични демонстрации, што наведува дека грижите на Кремљ се насочени повеќе кон руската политичка опозиција отколку кон тероризмот.

Неодамна, Министерството за внатрешни работи ја претстави стратегијата за контра-екстремизам на Претседателскиот совет за човекови права, консултативно тело коешто соработува со Кремљ во врска со прашања кои се однесуваат на политичка слобода и граѓанското општество. Членовите на Советот реагираа двосмислено на последниот во очигледно бескрајната низа закони коишто ја поткопуваат слободата на RuNet. 

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.