Македонија: Бронзени лавови, отчетност и транспарентност

Новите статуи на четири бронзени лавови на еден мост во Скопје го привлекоа вниманието на македонската јавност при крајот на август. Иницијалното арогантно одбивање на авторите да дадат отчет ги засени дискутабилните уметнички вредности на големите мачки финансирани со јавни пари.

Еден од ткн. реалистични лавови, опкружен со неодамна поставените полициски камери од една страна и нефункционален јавен часовник од друга. Фото: Филип Стојановски, под лиценца Криејтив комонс-наведи извор.

Статуите исклучиво на мажјаци се дел од контроверзниот проект Скопје 2014. Првиот чифт беше поставен на 24 август, а вториот на 31 август. Тие веднаш поттикнаа реакции од корисниците на социјалните медиуми. На пример, kuzman0v пиша:

Лавовите се тука, останаа уште: Хиените, Тимон и Пумба. #Skopje2014„Хакуна матата“.

Веројатно првиот блогер на лице место беше Зорив, кој објави мала фотогалерија заедно со неговите впечатоци. Тој изјави дека го потсетиле на посетата на мостот Иштван Сечени во Будимпешта, пред 30 години.

…Скопје со мало задоцнување од едно 120 години, полека но сепак почнува да ги добива знаменитостите што Европа ги имала многу порано од нас. Што се однесува за нашите лавови кои ќе бидат симбол и чувари на мостот Гоце Делчев, не сум многу импресиониран. Некако ми се асиметрични во самата “градба“ на лавот. Главата со гривата, неприродно високи во однос на задниот дел на телото. Муцката а и целата глава во однос на целото тело, некако ми се потесни од природната анатомија на лавовската глава. За сумата што денес ја слушаме на сите ТВ вести, а се зборува за вредност од 1,2 милиони евра, искрено кажано, за овие пари можел да се најде друг скулптор кој многу подобро би си ја завршил својата работа.

Како и да е, Скопје полека но радикално го менува својот поранешен и довчерашен лик кој не беше променет уште од изградбата после катастрофалниот земјотрес пред 47 години. Можеби не во најдобро време кога економската криза се чувствува во секоја пора од нашето живеење, но крајно време беше барем до некаде Скопје да добива лик на една помала и пристојна европска метропола.

Во коментар на овој пост, antiseparatist праша: „…тоа не е ли бугарскиот лавов мост во Софиja на бул. Мария Луиза?“

Шеги

Како и обично, луѓето кои сметаа дека целата работа е апсурдна се обидоа да се соочат со неа преку хумор и сатира. Погрешните анатомски пропорции на наводните „реалистични“ лавови предизвикаа низа вицови, од коментари за нивните големи („галички“) глави, до отсуството/минијатурноста на нивните полови органи.

Корисникот на Твитер apostolov80 искористи негова фотографија на еден од лавовите за да пренесе повеќеслојна изјава „Лавот нема муда“. Иако внимателните набљудувачи може да распознаат некои форми на тестиси под опашката, одблесоци на оваа шега продолжуваат да се шират преку интернет, а и ја пренесоа и традиционални медиуми, како неделникот Фокус и дневниот весник Вест. На пример, VidanaMacedonia посочи дека животните се „кастрирани“. Уредникот на Вест Горан Михајловски искоментира дека таквата особина е во согласност со националниот дух бидејќи македонскиот идиом за „да се има мадиња“ (храброст) е „да се има газ“.

Вториот чифт лавови набргу беше споредувам со ликови од франшизите за играчки/цртани филмови Господари на вселената (Грингер (анг.)) или Пауер ренџери, а нивното „доаѓање“ беше најавувано како напад на „роботи“.

Работници го довршуваат ткн. постмодернистички лав, кој гледа кон скопско кале. Фото: Филип Стојановски, под Криејтив комонс-наведи извор.

Црниот хумор за лавовите набрзо станаа секојдневие. Родителите кои протестирале против одлуката на Владата („поради економската криза“) да престене да обезбедува оброк за деца со хендикеп во центар за дневна грижа во Кавадарци ги споменале статуите. Корисниците на Фејсбук кои го споделуваа написот за случајот исто така ја ширеа и шегата дека „лавовите им го изеле појадокот на децата“.

Копач исто така имаше поента во врска со овие случувања:

Демократија – тоа е општествено уредување во
кое оние што те пљачкосуваат наместо
другар те викаат господин.

Ете, се случи во иста недела во медиумите и во јавноста паралелно да струјат две „важни“ вести: „стигнаа лавовите“ и „не стигнаа парите за антикорупциска“. Некој ќе помисли дека се работи за случајно поклопување и произволна релација помеѓу два настани блиски само по времето на случување. Но не, не се работи само за временска релација, туку и за нешто повеќе.

Имено, бидејќи парите наместо за антикорупциска ги дадовме за лавовите, сега очекувам од нив одговорност за борбата со корупцијата. Таа борба треба да ја водат митските креатури на нашите уметници, кои творат толку посветено што не знаат ни колку заработуваат, па мораат своите жени-икономки да ги ангажираат за тоа. Ми е мака, да ви кажам, да терам иронија со целава ситуација, бидејќи уште еднаш покажавме дека за работите од општ, јавен и национален интерес имаме племенска свест: наместо да го јакнеме системот кој ќе работи за подобро функционирање на правната држава, која на сите ќе ни ја донесе толку потребната ПРАВДА, ние ја јакнеме митологијата, која ете проценето е дека попрво ќе нè спаси од сè што не мачи. Сега кога ќе ве пецне или здоболи некоја неправда во општеството, мора да платите мито, ќе ве одбијат на конкурс каде сте поквалификуваи од примените, немојте ни да сте помислиле да барате одговорност од државата, власта, партиите, институциите; не, не, никако. Јасно ви е кажано кој треба да нè чува: лавовите. Сега ќе појдете до пунктовите во кои сите како општество сме вложиле и кои треба да нè чуваат од јадовите и неправдите на реалноста, та таму изјадајте се и барајте чаре. Фино лепо, сите маки на хартија и приложете претставка до лавовите на мостот Гоце Делчев и чекајте тие да ви се обратат со решенија. Би било убаво, ех, уште кога некој би се досетил, да стави поштенско сандаче на сите четири лава, па да имаме каде, како господа, да ги оставаме своите поплаки и претставки. Е, тоа веќе би бил вистински сервис за граѓаните!

Транспарентност

Во веста од ТВ Телма се гледаат уметниците платени од граѓаните како користат различни тактики да избегнат да одговорат колку пари заработиле. Дарко Дуковски, кој ги дизајнирал „реалистичните“–иако анатомски искривени–лавови со сопругата Елена, изјави:

Не знам ни тоа. Жена ми ги води тие работи. [се кези и се смее]

Константин Јанев, авторот на „постмодернистичките“ стилизирани лавови, ги упати новинарите да проверат во „правната служба на Општина Центар“, каде што ги имале сите документи и може да се провери не само за него, туку и за вкупните трошоци.

Во неговата сатирична ТВ-емисија блогерот и новинар Јован Постолоски прикажа снимка нна Јанев како вели дека такви прашања се одраз на лош вкус и „скоро рамни на псовка“, како и негов обид да го сврти муабетот со тоа што ги прашува новинарите за нивните плати.

Во неговиот пост кој привлече доста внимание Паблишер напиша:

Една работа никако да им стане јасна на сите „уметници“, инволвирани во проектот Скопје 2014.

„Уметниците“ се навредени и крајно изненадени, секогаш, кога некој новинар ќе се осуди да биде доволно дрзок и да го постави прашањето за хонорарот што го зеле, за да го произведат сопственото дело, за целите на проектот Скопје 2014. Се кочат, прават неартикулирани движења, се чешаат, превртуваат очи…

Не само што нема никаква причина за изненаденост, а уште помалку за навреденост, туку ценетите „уметници“ имаат обврска да ја соопштат вредноста на хонорарот, бидејќи него го добиваат од државни пари, од парите на јавноста, која инаку и сака да ја дознае бараната информација.

Дрскоста е во случајот на страната на „уметниците“, зашто упорно го драматизираат регуларното прашање и го сведуваат на домашно невоспитување или некултура.

Кога проектите би биле нарачани од приватна фирма, тогаш „уметниците“ „можат“ да изберат да се раководат од извесна политика за необјавување на тајни информации и да осудуваат за некултура. Но, во случајот со Скопје 2014 едноставно немаат избор.

Мислам дека граѓаните од Скопје се тотално збунети од ова однесување, па на моменти дури и го оправдуваат, со образложението дека „новинарите си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Новинарите постојат за да „си го пикаат носот кадешто не им е работа“. Во изминативе неколку години, видовме што значи кога новинарите не го прават тоа – тотален колапс на системот, самоволие, корупциски скандали, непотизам до бескрај…

Па, почитувани сограѓани, пред да почнете со поделбите и да застанете на страната на „уметниците“ сетете се дека парите коишто тие ги добиваат како хонорар, се обезбедени преку даноците што сите ние ги плаќаме. Новинарите, какви такви, се вашите пријатели, па можете само да бидете благодарни што некои од нив се доволно храбри да му пркосат на самоволието на оваа нетранспарентна власт.

Во случајот со Скопје 2014, постои само една апсолутна вистина, а тоа е: проектот е профитабилен.

Три дена подоцна се дозна дека двојката Дуковски добиле 15.000 евра хонорар, а Јанев 12.000 евра за статуите. (Во изјава на ТВ тој рече дека не сакал да ја објави сума оти му било срам што е прениска.) Под притисок на јавноста, Општина Центар објави и други суми: за секој чифт лавови биле потрошени по 68-74.000 евра за „материјални трошоци и хонорари на работниците“ и по „1.500 евра од квадратен метар релјеф“ – без да наведат колку вкупно квадратни метри се украсени.

Вкупната цена за лавовите е околу 2,3 милиони евра, од кои наводно лавовски дел оди за Ливницата Фернандо Маринели од Фиренца. За ова излезе шега дека на овој начин ’богатата‘ Македонија му помага на ’сиромашното‘ италијанско стопанство да ја надмине светската економска криза.

Бронзен лав ги пречекува пешаците на мостот Гоце Делчев во Скопје. Фото: Филип Стојановски, под лиценца Криејтив комонс-наведи извор.

3 коментари

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.