- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Споделување на овој цртан филм со Пајо Паторот награден со Оскар е илегално во Русија

Категории: Источна и Централна Европа, Русија, САД, Војни и конфликти, Граѓански медиуми, Уметност и култура, Хумор, Цензура, Рунет Ехо
Screen capture: Walt Disney, "Der Fuehrer's Face" (1942) / YouTube [1]

Кадар од цртаниот филм на Волт Дизни „Лицето на фирерот“ (“Der Fuehrer's Face”) од 1942 година, од верзија објавена на Јутјуб.

Двајца мажи во Томск се осудени [2] за ширење илегален екстремистички материјал на интернет откако објавиле неколку песни од музичка група што промовира супериорност на белата на раса, како и антифашистичкиот цртан филм на Волт Дизни од 1942 година, „Лицето на фирерот“ (анг. Der Fuehrer’s Face [3]). Овој цртан филм со Пајо Паторот има освоено [4] Оскар за краток анимиран филм истата година.

Обајцата маж ја признале вината [5] и изразиле каење [6], тврдејќи дека ги објавиле материјалите како шега во текот на летото 2013 година. Судијата го казнил секој од нив парично со по 3.000 рубљи (околу 40 долари) и решил да не ги осуди со по 15 дена затвор, што е максималната казна за продукција и ширење на екстремистички материјали според член 20.29 на рускиот прекршочен законик (анг. Code of Administrative Offences [7]).

Прикажувањето на овој цртан филм со Пајо Паторот е забрането во Русија од септември 2010 година, кога суд во Камчатка го има додадено на националната листа на екстремистички материјали, заедно со десетици други расистички видео клипови [8] за кои е утврдено дека ги споделувал извесен Сергеј Семенов. (Обвинителите во Томск случајно имаат направено поинаква транслитерација [9] на англиското име на Пајо Паторот – Доналд Дак од онаа наведена во федералната листа на екстремистички материјали, со што навидум технички изгледа дека се работи за два различни филмови.)

Screen Shot 2015-09-06 at 1.25.17 PM [1]

Рацистичка илустрација на „јапонскиот непријател“. Кадар од цртаниот филм на Волт Дизни „Лицето на фирерот“ (“Der Fuehrer's Face”) од 1942 година, од верзија објавена на Јутјуб.

Според Сова, организација од Москва која се бори против злостоства од омраза, забраната на цртаниот филм на Дизни заедно со другите материјали на Семенов е доказ дека властите не го гледале одделно секое видео од неговата збирка, пред да ги забранат сите, на куп. „Овој инцидент“, се наведува во изјавата [10] на веб-сајтот на Сова, „повторно ја покажува бесполезноста и опасноста на федерална листа како инструмент и нè потсетува дека најдоброто решение е воопшто да ја нема“.

Во „Лицето на фирерот“ Пајо Паторот живее во фашистичка диктатура, каде под закана со оружје му се наредува да работи на лента во фабрика за бомби. Под закана со смрт, тој е присилен да го поздравува секој портрет на Адолф Хитлер на кој ќе наиде. Во цртаниот филм се прикажани и расистички илустрации на Јапонци, во согласност со американската воена пропаганда на два фронта. На крајот на филмот, Пајо се буди и сфаќа дека сето тоа било сон, а дека тој всушност си живее во САД. Гушкајќи минијатурна Статуа на Слободата, Пајо ја кажува последната реплика: „Мило ми е што сум граѓанин на Соединетите Американски Држави!“