- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија, Бугарија: Корисниците на социјални медиуми открија фалсификат

Категории: Источна и Централна Европа, Бугарија, Македонија, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Закон, Здравје, Медиуми и новинарство, Хуманитарен одговор

Една интервенција за проверка на факти, заеднички напор на македонски и бугарски корисници на социјални медиуми, им помогна на независни новинари да разоткријат фалсификувани документи користени како мамка за сомнителна иницијатива за прибирање хуманитарни донации.

Во текот на претходните недели, корисниците на социјалните медиуми ги возбуди веста за наводното малтретирање на Ева Илиевска, бебе со болно срце, за чија операција преку интернет се собираа пари пред некое време. Дузини портали и други медиуми го пренесоа апелот за повеќе средства, користејќи наслови како „Скандалозно – малата Ева вратена од Бугарија – немало доволно пари за операција“.

Луѓето донираа пари преку телефонски броеви определени за хуманитарни донации и до банковната сметка на семејството и огорчено ги споделуваа таквите линкови [1] преку Фејсбук, повикувајќи ги своите пријатели да приложат, исто така. Ваквите написи содржеа фотографии од бебето, родено во април, и скен од наводен официјален документ издаден од бугарската клиника.

A text message by the <a href="http://www.tmobileformacedonia.org/">Foundation T-Mobile for Macedonia</a>, informing that the user has donated 100 denars for Eva Ilievska's treatment. On top of this sum, the state takes +18% from the citizens as VAT (approx. EUR 2).

СМС од Фондацијата Ти-мобајл за Македонија [2], со текст: „Со Вашата донација од 100 денари го поддржувате лекувањето на Ева Илиевска. Најискрено Ви благодариме.“ Дополнително, државата од граѓаните зема и +18% ДДВ (вкупната сума е околу 2 евра).

Арно ама, кога една корисничка на Фејсбук од Бугарија го прочита овој апел, таа брзо забележа дека нешто не е во ред со скенираниот документ: името и адресата на болницата беа погрешни, телефонските броеви чудни, а најочигледно – текстот на бугарски изгледаше како да не го напишал говорител на јазикот, туку дека е производ на автоматски превод преку Гугл транслејт.

Други Бугари (меѓу кои членовите на Глобал војсис Рајна Ст. [3] и Вени Марковски [3]) ги потврдија овие факти [4] преку коментари на Фејсбук, при што нивните македонски пријатели тагнаа неколку новинари со цел да ги вклучат во дискусијата. Во текот на наредниот викенд, аферата пукна на многу пошироко ниво.

При итното професионално истражување [5] со контактирање и на таткото на бебето и на бугарската клиника, новинарката Мери Јордановска од 24 вести, откри дека документот е навистина фалсификат. Всушност, операцијата на девојчето веќе била завршена и таа била вратена во Скопје на постоперативен третман.

Директорката на софиската Клиника по детска кардиологија Маргарита Цонзарова, потврдила дека не пратила такво писмо. Потребните 25.000 евра веќе биле платени од државниот Фонд за здравство на РМ (80%) и родителите (20%) кои веројатно за тоа искористиле дел од претходно донираните средства. Бугарската специјалистка по хирурга рекла дека ако има потреба од нова операција, таа може да се спроведе по најмалку една година.

Неколку десетици македонски портали и други медиуми ја пренесоа веста за фалсификатот [6] (но многу и не ја пренесоа – прим. Ф.С.).  Според неофицијалните информации од написот на Јордановска, до тој момент загрижените граѓани имале донирано преку 20.000 евра.

http://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=3uPSPUtooNA [7]

Во меѓувреме, членовите на семејството Илиевски давале контрадикторни изјави. Прво барале повеќе пари преку страницата на Фејсбук [8], потоа пред новинарите тврделе дека страницата ја води „заедницата“ или дека била хакирана, дека не знаат кој во нивно име апелира за повеќе пари, тврдејќи дека малата Ева треба за неколку дена да оди на нова операција и дека недостасуваат прво 3.000, па 2.100 евра.

"Who Wanted to Get Rich Over Little Eva's Heart?" The story made it to the front page of the Fokus daily.

„Кој сакаше да се збогати на срцето на малата Ева?“ – сторијата се проби до насловната страница на дневниот Фокус.

Јавноста доби дополнителни сознанија преку написите од уште една новинарка активна на веб – Мирослава Симоновска од дневниот Фокус и порталот ПлусИнфо. Таа покажа [9] дека и по операцијата, таткото продолжил да бара пари од луѓе преку е-пошта. Директорката на скопската Клиника за детски болести Аспазија Софијанова поднела пријава по што полицијата започнала истрага [10].

Македонските граѓани често донираат пари преку СМС, бидејќи веруваат дека трите национални мобилни оператори ги имаат проверено барањата на луѓето кои молат за пари со цел да решат здравствени проблеми. До сега, мобилните оператори немаат изјавено дали ќе ги вратат парите ако истрагата покаже дека имало измама.

Во дискусиите на Фејсбук, новинарите укажаа на пофалниот факт дека операторите не земаат провизија од донациите, туку ги уплаќаат целите нето суми до сметките во банка на луѓето со потреба, а 18% за ДДВ во државниот Буџет на РМ.

Еден од учесниците во дискусијата на Фејсбук пиша за бебето:

..и повторно губитник во целава ситуација ќе биде најневиниот…

Мери Јордановска вака го заврши нејзиниот втор напис:

На бугарската клиника за лекување на Ева биле платени 25.100 евра во три наврати: Прво 14.600, потоа 4.900 и на крај 5.600 евра. На 10-ти август сите трошоци за лекување на Ева се покриени – 80 отсто од Фондот, а 20 отсто од родителите. Оттаму, неизвесно останува за што всушност собирале пари родителите на Ева и кој се крие зад документот од 23 август, во кој се тврди дека бугарската клиника бара уште пари за лекување. Останува на МВР побрзо да го расветли случајот, со цел да се врати довербата на граѓаните во повиците за хуманост и за донации.